Речиси и да нема верник кој не посакал, барем еднаш во животот, да ја види и почувствува Земјата по која чекореле Христовите пресвети нозе, скрушено и во молитва да го помине Голготскиот пат и да се поклони на најсветиот Негов Гроб, од кој извира светлина и живот. Нам, сестрите од Рајчичката и Пречистанската Обител, милосрдниот и штедар наш Господ, не само што ни ја оствари животната желба на нашите срца и нѐ удостои за таков голем дар, туку и нѐ благослови сите овие прекрасни доживувања во Светата Земја, да ги поминеме поткрепени со присуството и молитвената закрила на нашиот сакан Старец, Архимандрит Партениј, како и на двајцата најстари јеромонаси, о. Доситеј и о. Макариј.
Имено, на иницијатива на благочестивите Христијани и наши големи пријатели, Иван и Сања Постоловски, а со благослов на нашиот надлежен архиереј, митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, ни беше организирано едно незаборавно и потполно незаслужено седумдневно поклоничко патување по најголемите светињи во Светата Земја. Тргнавме на овој пат со чувство на голема недостојност и огромна благодарност кон човекољубецот Христос, Кој по Својата неискажлива промисла нè повика и ни ги отвори вратите од древните Свои светилишта, од оние светињи по коишто газеле Неговите нозе, каде што одекнала Неговата проповед, каде што се случиле најголемите Негови чуда, каде што од огромно човекољубие кон нас, грешните, Он доброволно прими понижување, плукање, страдање, камшикување, окови и крстна смрт. Не е лесно, навистина, да се пренесе на хартија она што нашите души го почувствуваа, она што наши очи го видоа и нашите срца го доживеаја. Сепак, се потрудивме да доловиме, за духовна полза на многумина, барем дел од благодатта и благословот со кои нè посети Господ од висините, излевајќи ја на нас Својата неизмерна љубов која топло ги погали нашите срца.
Панорама од Назарет
Нашето раскажување ќе го започнеме онаму каде што започнало нашето спасение – малото гратче Назарет, местото каде што за првпат ангелот ѝ благовестеше на скромната Марија, најавувајќи ѝ дека ќе стане Богородителка, односно ќе Го роди Спасителот на светот. Можеби и затоа и нашето патување започна токму во храмот на Благовештението, којшто, според Преданието, е изграден над изворот, каде Дева Марија полнела вода кога го слушнала од ангелот необичниот поздрав: „Радувај се, Благодатна, Господ е со тебе“. И ден денес, како од извор вода, извира и насекаде се шири благата вест преку благодатните богослужби што редовно се служат во овој православен храм.
(Забелешка: За дополнителни објаснувања околу фотографиите низ галеријата, вклучете го копчето за информации како што е прикажано на сликата )
Прекрасниот храм на Благовештението
Влезот во пространото двориште на храмот
Фреската со ангелскиот поздрав напишан на повеќе јазици
Внатрешноста на храмот
Низ тесниот свод до бунарот каде се случило Благовештението
Благовештенскиот тропар отпеан на самото место пред иконата
Радувај се благодатна....
Изворот покрај кој Богомајката првпат ја слушнала благата вест
Галилеја е еден посебен древен крај од Израелската земја, каде што најсвето се чува споменот за Христовото живеење овде на земјата. Овде Христос го поминал и најголемиот дел од Својот живот, ги кажал најубавите Свои беседи, ги направил најголемите чуда. Овде насекаде се чувствува Неговото присуство, низ трагите што бројните изминати векови не успеале да ги избришат. Една од тие траги се двата од оние шест садови во Кана Галилејска, со кои Господ го направил првото чудо, претворајќи ја водата од нив во вино. Овде денес се издига прекрасно живописан православен храм посветен на Св. Георгиј Победоносец, кој е грижливо чуван од монашко сестринство.
Влезот во манастирот во Кана Галилејска
Влезот во храмот
Иконографски приказ на чудото
Она што останало од автентичниот сад за вода
Садот украсен со многу дарови од верниците
Вториот сад
Молитва пред сочуваниот сведок на чудото
Заедничка фотографија пред храмот
Навистина благословена е Галилеја која се удостои да стане дом Христов, па и сега овде внимателно се запазени остатоците од некогашната куќа на праведниот Јосиф, заедно со дел од работилницата, во којашто Христос го учел дрводелскиот занает. Тие се дел од комплексот на римокатоличкиот храм посветен на Благовештението, во чијшто простран двор се наоѓаат прекрасни мозаици, дар од голем број христијански земји, меѓу кои и мозаикот со образот на Мајката Божја што го подарила и нашата Татковина Македонија.
Влезот во католичкиот Благовештенски храм
Богатата храмова порта
Во рамките на храмот се остатоците од домот и дрводелската работилница на праведниот Јосиф
Остатоци од некогашната куќа на светото семејство
Прошетка низ павилјонот со фрески подарени од разни христијански земји
Мозаикот подарен од нашата Татковина
Заедничка спомен фотографија пред споменикот со христограм во дворот на храмот
Нешто подоцна го започнавме и нашето искачување кон Таворската гора, која се издига високо над Галилејскиот крај, символично претставувајќи ги духовните височини што секој од нас се труди да ги достигне, за најпосле да го постигне она преображение на душата, на кое нè повикува настанот на Преображението Христово што се случил на ова место. Некогаш до оваа височинка воделе 1886 скали, кои биле уништени за време на Крстоносните војни, па сега до светињата се стигнува по асфалтиран пат, кој завршува пред вратите на прекрасниот женски православен манастир, посветен на Преображението Христово.
Влезот во манастирот на Преображението - гората Тавор
Дел од прекрасно уредениот манастирски двор
Заедничка фотографија пред храмот
Велелепната архитектура на Преображенскиот храм
Пред импозантниот иконостас
Внатрешноста на храмот
Вечното почивалиште на архимандрит Иринарх - возобновителот и големиот Старец на манастирот
Точното место на преображението
Уште една фотографија за спомен
На сличен начин стигнавме и до Гората на блаженствата, каде што на посебно поставени камени плочи беа врежани деветте блаженства, како со тоа да сакаше да ни се наговести дека треба да ги врежеме во своите срца овие зборови кои водат кон бесмртен живот, што биле изговорени на ова место. Затоа нашиот сакан Старец, посака токму тука, во автентичниот амбиент на Христовата беседа, да го прочита овој дел од Евангелието. За миг се обидовме подлабоко да се внесеме во овие зборови и, барем малку да се почувствувавме онака како што веројатно се чувствувале првите Христови следбеници, кои ја имале таа чест да ги слушнат овие зборови од самата уста на нашиот Спасител.
Католичкиот манастир на Гората на блаженствата
Дел од беспрекорно уредената хортикултура на манастирот
Блажени се кротките...
уште едно од блаженствата врежани на камен
Влезот во храмот
Фреска со сцена од Христовата проповед
Централниот дел на храмот
Блаженствата напишани на латински јазик
Интересен поглед кон куполата
Евангелието со блаженствата прочитано токму на местото каде била изговорен оваа проповед
Благослов испратен од Гората на блаженствата
Прекрасни спомени зачувани на фотографија
Всушност, бевме восхитени од сознанието дека практично сите места поврзани со Христовиот живот на земјата, се обележани со прекрасни христијански храмови. Секако, во тоа голем удел имаат Св. царица Елена со својот син, благоверниот цар Константин. Тие се погрижиле да издигнат велелепни, импозантни храмови на сите оние места кои сведочат за најголемите и најважни настани запишани во Евангелието. Куќата на св. апостол Петар – каде Господ ја исцелил неговата тешта; Синагогата во Капернаум – каде Господ исцелил фатен во сабота и со тоа го навлекол врз Себе гневот на фарисеите, со и денес присутните импозантни столбови, единствени остатоци од некогашниот велелепен храм на царица Елена; живописното Галилејско море – каде Господ ги повикал апостолите, ја стишил бурата и направил многу други чуда; градот Магдала – каде Христос изгонил седум демони од Неговата верна следбеничка, св. Марија Магдалина и каде сега се наоѓа женски православен манастир посветен на светителката; Табха – местото каде што Он ги умножил лебовите и рибите и каде после одрекувањето Петрово, три пати го прашал овој Свој апостол: „Петре, Ме љубиш ли?“ и добил потврда за неговата љубов… Сето она што го читаме во Евангелието, наеднаш оживеа пред нашите очи, кои беа сведоци на тоа дека насекаде оставиле печат силната вера и неизмерна љубов на светите Елена и Константин. Од сите тие чудесни и раскошни храмови денес е сочуван единствено Витлеемскиот храм на Рождеството, другите неминовно биле уништени од страшната наезда на Персијците и останатите немилосрдни освојувачи, кои со силен налет уривале сѐ на што ќе наишле и зад себе оставале пустош. Но иако во урнатини, тие сепак станале темел на којшто подоцнежните христијански ктитори ја продолжиле нивната света традиција. Оти после долгите векови во оковите на иноверната власт, дури во XIX се создале услови овие светињи, со големо залагање на Христијаните, една по една да бидат откупени и тука постепено одново да никнат христијански светилишта. Сепак, гледајќи ги останатите урнатини, кои сведочат за импозантната големина на тие некогашни велелепни зданија, не можевме да го избегнеме чувството дека денешните христијански ктитори, иако се обиделе, не успеале во полна мера да ја достигнат нивната величина и исполнат нивното завештание. Тоа чувство нè исполни со достојна почит кон неописливо големото дело и подвиг на светите Константин и Елена – првите христијански чувари на светињите во Светата Земја.
Капернаум - градот на нашиот Господ Исус Христос
Средба со вековната историја на Капернаум
Поглед кон католичкиот храмк
Храмот е подигнат точно над остатоците од куќата на Петар
Величествена статуа на светиот апостол Петар
Куќата на Петар каде Господ ја исцелил неговата тешта
Во внатрешноста на храмот
Синагогата во Капернаум каде Господ исцелил фатен во сабота
Столбови сочувани од некогашниот раскошен храм на светата царица Елена на местото од синагогата
Во посета на древниот град Магдала
Моштите на света Марија Магдалена
Кивотот со многубројни мошти од разни светии
Фреската со исцелението на бесниот во Гадаринскиот крај
Евангелие во храмот на св. Марија Магдалена
Спомен градина во чест на Марија Магдалена
Извор со лековита вода на местото каде се исцелил лепрозниот
Извор за исцеление на болни очи
Испосницата посветена на св. пророк Илија во манастирот на св. Марија Магдалена
Поглед кон храмот на светите Апостоли
Влезот во храмот
Прекрасна фреска од ангелите како го носат храмот на Апостолите
Повикувањето на апостолите
Древната убавина на Табха
Каменот каде е врежано умножувањето на лебот и рибите
Дворот на црквата со бројните артефакти
Влезот во храмот
Глетка од внатрешноста на храмот
Престолот е поставен точно над местото каде Господ ги умножил лебовите и рибите
Овие необични риби се запазиле уште од Христово време
Молитвата ги поврзува минатото и сегашноста
Преисполнети со благодат, го продолживме нашето патување кон земниот Ерусалим.
(Продолжува…)