(Басна во ниеден чин)
Си била еднаш една Држава. Нејзините дедовци верувале дека, кога грми, всушност тропаат тркалата од колата со која управува свети Илија. Ја верувале, ја само со тоа ги плашеле внуците. Превентивно, т.е., воспитно.
Арно ама, внуците да ти бидат либералоумни, па по долго умување, проучување и набљудување, заклучиле дека мора да е нешто друго во прашање. „Ако на небото има кочии, мора да има и сервис за кочии, па служба за одржување небесни патишта...“, размислувале тие. Зашто, не е можно кочијата на св. Илија постојано да тропа... барем првите илјада километри по сервисот не ќе се слуша тропањето – ако е од лагерите. Така, чекор по чекор, слободоумните внуци собрале доволно потписи и се обратиле до Судот за сериозни прашања. И Судот заседавал, заседавал... и донел одлука дека дедовците погрешно ги учеле внученцата. Судот донел одлука да се укине учењето за небесниот превоз со запрежни кочии, и да се воведе учењето за небесен трамвај.
Денес дедовците ги учат внуците дека, кога грми и светнува молња, всушност трамвајот тропа на споевите на шините (а тие, нели, не се подмачкуваат) и фрла искри од тролата. Ем внуците реално ги разбираат метеоролошките феномени, ем не се палашат и имаат мирен сон.
И сите биле среќни и задоволни. И дедовците, и внучињата, и судиите од Сериозниот суд... (освен св. Илија, се разбира).
И така, Државата продолжила долго и безгрижно да опстојува и под ведро небо, и под тешки облаци, благодарение на либералните внучиња.
д-р Драган Михајловиќ