Сите ние сме длабоко вкопани во своите идентитети. Христијанството е прва и единствена религија на светов којашто се заснова на идентитетот на Другите. Што друго ако не укинување на границите помеѓу народите и превоспоставување на единството на човечката раса од предвавилонско време, претставува љубовта кон непријателот на која инсистира Синот Божји во Евангелието? Црквата е Царството Божјо на земјата и од таа причина кога апостолите побараа од Христос да им ги реши политичките проблеми во тогашната Јудеја, Христос не им излезе во пресрет. Доколку вистински го разбереме, Неговото учење нè подготвува за премин во повозвишени сфери, каде што благодатта е единствен начин на пребивање...
2.
На постколумбиската мапа на светот лесно можат да се воочат моќта и утврденоста во сила на неколку големи држави во светов, во чиишто национални трезори се ускладиштени богатствата на туѓи и помали народи, коишто заради силата на приликите во одредени историски мигови биле принудно асимилирани од аспект на економски, политички и географски идентитет. Според извесни антрополошки гледишта, народите коишто ја населуваат северната хемисфера на планетава се по природа агресивни, секогаш расположени за војна и освојувачки походи, за разлика од оние на јужната полутопка коишто, речиси по правило биле освојувани, подјармувани, ставани под туѓа управа и искористувани во секоја смисла на зборот – Африка, Кина, Индија, Ј.Америка... Колку племиња, коишто Господ ги сокрил на крајот на светот за да можат непречено да се насладуваат со убавините на земјата (природа), од типот на абориџини, банту, инки, ескими, и сл., постапно и систематски исчезнуваат од лицето на земјата само заради тоа што не умееле во истата мера да возвратат на мечот на амбициозните и каприциозни конквистадори. Тоа дека човекот си ја сече гранката на којашто седи, е само благ упат на скриените количества автодеструктивност депонирани во мрачните слоеви на човековата падната природа, чијашто целна група е не само една или две гранки, туку ни помалку ни повеќе, целото дрво!
3.
Во овој миг неизбежно ни се наметнува визурата на геополитичкиот аспект на нештата во регионот во кој живееме. Колку и да сакаме да ги избегнеме макар и најдалечните инсинуации на некакви последни времиња („апокалиптични“), за коишто отворено и недвосмислено се говори во севкупното црковно предание - без мистификации или какви и да било нејасни симболички претскажувања, тоа е речиси невозможно. Оттаму, не е тешко да се направи аналогија помеѓу она што во политичката реалност околу нас се случува сега, на крајот на првата деценија од 21 век, и она што е кажано во светите списи на Црквата пред илјадници години. Старозаветниот пророк пак, резигнирано и лаконски би прокоментирал – ништо ново под сонцето не се случува... Но, како што рекол народниот гениј – по Христа секое магаре може да биде пророк...
4.
Затоа, не на сите ни е дадено да пророкуваме: „не се сите апостоли...“ Деновиве сме сведоци на такви турбуленции во политичката сфера на нашето секојдневие, коишто доколку не внимаваме на себеси и на сопствената свесност во смисла на будност, трезвеноумие, и подготвеност да „ги читаме знаците“, лесно можат да нè извадат од рамнотежа, се разбира доколку ја имало.
Со поддршка од меѓународната заедница и од Албанија пред сè, Косово ја прогласи долго најавуваната независност, Македонија е под притисок да го смени идентитетот (името), Србија, на прагот на војна бара помош од најголемата православна сила во светот - Русија, Грција влече потези за кои оддалеку се гледа дека се теледиригирани ит.н. Имајќи го предвид домино ефектот на ваквите случувања, и дека сè што се случува и во најоддалеченото катче на светов влијае на настаните на спротивната страна од истиот, ние како Христијани не смееме да заборавиме дека единствениот идентитет што за нас е релевантен, е оној за кој пееме при чинот на крштевањето: ние кои во Христа се крстивме, во Христа се облековме... Само така облечени, можеме да ја разбереме политичката криза што во моментов ги погодува балканите, знаејќи дека секоја криза за нас е благослов Божји, ако сме спремни да го прифатиме судот Божји и соодветно да одговориме на предизвикот кој се исправува пред нас. Христос е нашиот идентитет, и од овој упат политиката може да профитира единствено на полето на мирољубивоста. Нека ми простат сите воинствено расположени, но некое сетило посилно од разумот, ми вели дека нашите непријатели се исто така жртва на нашиот заеднички Непријател.
5.
Еден од главните предизвици во овој момент е да не дозволиме омразата да завладее со нашите срца. Ако немаме сила да го љубиме непријателот, наша должност како Христијани е да ја пронајдеме оваа сила низ подвигот на молитвата. Бидете будни и молете се.
сестра Макрина
Посети:{moshits}