За сунгерот натопен во оцет или слово за презреноста
Долго време се двоумев дали да пишувам за презреноста. Да не повредам некого. Да не сфати погрешно некој. Доволно повредувања имаше вчерашниот ден. Да не пишувајќи за чемерот и јадот додадам капка во и така полната чаша. Зашто и самото пишување за презирот е вошливост само по себе.
За мене, кога би требало да најдам кој вкус највеќе одговара на чувството кога ќе не презре и отфрли некој е токму вкусот на скиснат оцет. Од тревките пелинот би ми бил фаворит. Хемиска формула на оцетна киселина е CH3COOH. Ја купуваме за да ја приготвиме храната за зимница. Во разредена состојба е додаток на јадења, обично салати. Во концентрирана состојба е отров, предизвикува разградување на ткивата и болна смрт. На самото шише има знак за предупредување-лобања со вкрстени две коски. Еден шеговит производител на овој производ од мојот град на етикетата со големи црвени букви напишал ЕСЕНЦИЈА (на рафтовите од продавниците се уште го има овој производ со ваква етикета). Печатна грешка од една буква е разликата меѓу ексенција и есенција. И долго време минав зверејќи се во празното шише барајќи ја врската меѓу оцетната киселина и суштината на сунгерот натопен во оцет кој војниците му го дадоа на нашиот Спасител пред да го распнат.
Дали некогаш сте биле презрени? Дали некогаш ве отфлиле? Решил ли некој досега за вас, дека од утре не сте му потребни? Всушност целта на презирот е објектот на презир да исчезне, зашто меѓу другото предизвикува срам, одзема време и чини средства. Не потсетува дека пред да станеме тоа што во моментов за себе мислиме дека сме, сме биле нешто друго и тој скок од вчера до денес сме го направивме благодарение на мизеријата што сега не влече долу, а некогаш била хелиумот кој не кревал горе.
Отфрлањето може да биде поединечно– кога некој е црна овца во стадото. Може да биде групно-цел еден народ да се отфрли. Од соседите и пола земјина хемисфера.
Го отфрла таткото нероденото дете во утроба на обесчестена девојка. Заедно со одговорноста за соствената страст и за нечиј иден живот. Го отфрла мајката роденото дете. Му ги пакува алиштенцата, сликите и играчките. И го праќа да живее со другиот родител, после долгиот развод и кратката љубов.
Го отфла синот родениот татко. Не може да ја гледа сликата на староста, кога човекот не е во состојба да си ги задржи ни сопствените телесни течности а камоли времето кое неизоставно лета.
Ја отфла ќерката својата мајка. Брза на дотерување, на фризер. Грижата ја остава на друг, негователот од домот за старци. Заборава за миг на сета жртва на родителот и топлата каша во студените ноќи, што раката на мајка и ја давала. Да порасне голема и за неа остарена да се грижи.
Го отфла сестрата братот. Се двоуми дали на роденден да му дојде. Од своите животни незадоволста и лични проблеми ништо не ќе е ако се повреди уште една невина душа на патот.
И братот ја отфла сестрата. На нејзината свадба има доволно роднини, не и треба тој со своето намуртено лице и лош темперамент. Ќе си кажат еден на друг еден ден се што си имаат. Доволно е да го гледаш бранот од страна, не мора и да си честичка од него.
Сопругот ја отфла сопругата. Се покајал зошто неа ја одбрал кога имало толку други за избор. Не е ни најубавата, ни најспособната, не е сосем ни доволна за да му ги воспитува децата. Го заборава изборот со чашката и пријателите кои по пат ги избира.
И сопругата го отфла сопругот. Никогаш нема да спечали доволно за пристоен живот. Може дури и лебовите да ги умножи, но секогаш некоја нејзина потреба ќе остане незаситена, несгасната. Сопругата оди кај пријателките и до изнемоштеност се заситува распавајќи за туѓи судбини.
Момчето ја отфла девојката. Го набрал цветот на таа младост и утредента заминува без збор. Останува само сончевото утро да пее химна на новиот ден што се раѓа. И девојката го остава младичот. Не се вклопува во нејзиниот свет на блескави фустани, тешки парфеми и гласна музика. Во таа атмосфера на пригушени светла премногу блеска неговата чиста љубов со своите зраци.
И комшијата го отфламе кога не му викаме добро утро. И таксистот го отфрламе кога не му се заблагодаруваме. И продавачот кога си излегуваме без -до гледање.
Најнакрај, прв што бил презрен е Бог, Отецот, при создавањето на безтелесните суштества, од страна на возгордеаниот херувим. Втор што бил презрен, пак самиот Бог, Отецот, при создавањето на телесните суштества, од страна на првиот човек, кој ја послушал жената, која пак била искушана од споменатиот возгордеан херувим. Најпрезрениот од сите и Бог и Човек е Синот Божји, Господ Исус Христос, кој го испи оцетот натопен на сунгер,страдаше и беше погребан и на третиот ден воскресна...
После отфлувањето нема повторно враќање на чин. После отфлувањето постои само страдање и смрт (на стариот човек) и ако веруваме и се надеваме и љубиме, постои и воскресение, и нов квалитет на живот.
Господи , дај ми водени извори(солзи) да ја разредам оваа киселина во себе, да не ме отруе, уште не... Господи помилуј...
M.G.