Втора беседа на гората за оние што плачат
“Блажени се оние што плачат, оти ќе се утешат!” (Матеј 5, 4)
Што е солзата по својата хемија освен сјај, вода и сол и што е она што ја натерало да избие на површината, да се канализира по образите и тивко да скокне во бездната на испарувањето? Малата тага и големата радост се причини и за нејзиниот состав и за водоскокот кој ја извлече од привидно мирното лежиште кон површината на видувањето кое значеше нови милион прашања. Загубена љубов ли, разделба на смртна постела, добиена Нобелова награда, раскрвавено детско колено или тажен филм, неисполнета илузија, болка во градите . . . ?
И ако беше се и уште повеќе од горе наброеното, таа ќе си беше солза со кратко име, но долги анализи за добивање на одговори за однесување кое не е вообичаено како утринското кафе на пример. Но, светот иако драстично напреднат во поглед технологијата и помодарството, сеуште не е нималку мудар, па и овојпат сознанијата ќе останат второстепени, незначително воодушевувачки дека едeн психијатар лесно ќе направи табела со сите детали за капнувањето. Хемијата овозможува дури и да се дознае нејзината блуткавост во милиметар кубен.
Втората беседа на гората ме трогна да размислувам за солзата. Претпоставувам дека Исус не рече дека плачливите ќе се утешат. Дека разгалениот син на богатиот татко ќе плаче за новата варијанта на тукушто купениот автомобил, а Небото ќе стори се за да му го набави и го утеши. Ниту кутрата девојка оставена со венчален прстен на раката и нејзините навлажнети пораки за љубениот да се премисли. Ниту грутката заглавена во грлото која не сака да оди горе, ни долу, бидејќи го прeпречила патот додека не се дојде до власт, не се останува таму вечно или барем до седмото колено. И да се утешат, тоа ќе биде само световна конпензација која ќе им измами привремени насмевки. Богатиот син ќе го добие неговиот автомобил и среде првото возење ќе започне со својата фатаморгана за супер поновиот. Кутрaта девојка ќе го добие назад својот неверен љубен. Политичарот ќе си ги извалка рацете со нечистотија која нема да ја измијат сите солзи на светот.
Втората беседа на гората ме врати на почетокот. Прародителите го предизвикаа падот и го формираа светот со сите негови варијации од кои многу јасно се издвојуваат гревот и покајанието. Гревот е голем и силен, а солзата толку мала што ќе се замрзне само од неговата сенка, која дури и го прави митолошки непобедлив. Може да вреска на неа, да ја понижува и компромитира, колне и мелиорира, но се додека не ја сфати причината за нејзиното постоење. Таа е мала, но без граници, па нејзиниот волумен може да го понесе овој товар кој совеста ми го етикетира како: отпад. Претходат бессони ноќи на борба со искушенијата, подлегнување и непомирливост за поразот. Смиреноумие и прифаќање на вистината која ослободува, длабоко каење и веродостојност дека тој пат е напуштен засекогаш. Свечено отпадот се доделува на солзата која го изнесува во јавноста и објавува дека оваа душа е обезбременета и достојна за почит. Низ образите го растресува отпадот и заедно со него се апсорбира во земјата каде тој се претвора во прав, чекајќи нова можност некому да се вовлече.
Оние кои плачат се блажени со утеха. Не ги допирајте нивните солзи, тие се влезница за царството небесно. Не ги допирајте ниту моите, сакав да ги прегледам да не сум пропуштил нешто при товарењето. Се чувствувам испразнет и тажен. Празен од болката која толку време ми беше потстанар и тажен што повторно Го изневерив. Барем во новото утро нема да имам потреба од миење на лицето. Тоа ќе биде почисто од душата, сигурен сум . . .
- SP Apostol
- 19 ти јануари, лето Господово 2014
Друго: