Божја промисла
18.04.2012.
ГЛАВА ΙΙΙ
Сите несреќи и неволји се случуваат по Божја волја
Сè во светот, дури и она што изгледа како зло (освен гревот) се случува по Божја волја. Богословите тоа го објаснуваат на следниов начин. Зачеток на злото е гревот. Секој грев има своја причина и неговата неизбежна последица – поправање со казна. Причина за гревот е лажливоста и своеволието на горделивиот грешник; казните како горки последици на своите причини се случуваат по Божја волја, заради исправување или искоренување на гревот. Значи, ако од поимот грев ја отфрлиме неговата причина – лажливоста и своеволието, тогаш нема да има ниту една од неговите горки или зли последици кои не би се случувале по Божја волја. Како неволјите на поединците така и природните непогоди, како што се: глад, суши, епидемии и слично на тоа, често немаат непосреден однос кон гревот на поединецот, туку се случуваат по Божја волја. Затоа сите човечки неволји се случуваат по Божја волја заради достигнување на праведните цели на Божјата промисла; само гревот е спротивен на Бога (слично како што злото е спротивно на доброто или лагата на вистината), но Бог го допушта заради ненарушување на личната човечка волја или неговата слобода.
Злото, кое ни го прават луѓето, не е надвор од Божјата промисла
Многумина се лажат од своето потполно незнаење мислејќи, дека само злото кое настанува поради природните причини (односно: поплави, земјотреси, неродни години, непријатни атмосферски појави, болести, ненадејна смрт итн.) настанува по Божја волја, бидејќи во најголем број таквите несреќи немаат директен однос кон гревовите. Меѓутоа, злите дела, кои се последица на противзаконските човечки намери (како што се навредите, исмејувањето, лагите, лукавството, кражбите, убиствата итн.) се случуваат независно од Божјата волја и Неговата Промисла, ама благодарение на човечката злоба и развратната човечка волја, која самата им причинува и нанесува на ближните свои секакво зло. И затоа не само во минатото, туку и денес, често се слушаат жалби: „Немањето на храна и неопходни средства за живот не потекнуваат од Бога, туку од лихварите“. Тие жалби се жалби од луѓе кои не знаат за Бога: тие не се достојни за христијани.
Темата за која сега говориме, ќе ја појасниме со еден пример. Некој, кој намерил да му го одземе сиот имот на својот ближен и сакајќи да ги исполни своите намери во тајност, се прикрадува никој да не го забележи во неговата куќа, остава запалени предмети под неа и незабележано излегува од куќата. Наскоро настанува пожар, пламенот се шири и се префрлува со помош на ветрот и на другата куќа, луѓе од сите страни трчаат да помогнат во гасењето на пожарот и да ја заштитат соседната куќа. Пироманот исто така трча со нив за да помогне во гаснењето на пожарот, но тој има и друга намера: го користи пожарот и ги изнесува од запалената просторија предметите, за да наликува како да сака да ги спаси од пожарот, а всушност тој ги крие и го ограбува ближниот свој. Иако сите овие дела кои ги причинил пироманот претставуваат непосредна причина за штетата која ја поднел домаќинот и одземањето на неговиот имот, доколку се разгледуваат исклучиво сами по себе, независно од злобната намера на пироманот, тие по ништо нема да се разликуваат од таканаречените физички непогоди. Тие се од Бога: слично на тоа, како што по Божја волја гром убива човек, молњата ја пали куќата или дрвото, ураганот го разнесува сеното, така и пироманот: тој не може ниту да влезе, ниту да излезе од куќата, ниту да го подметне пожарот, без допуштање од Бога. Самите тие дела се безразлични – не се ниту лоши, ниту добри, бидејќи можат да послужат како за зло, така и за добро. Ама злобната волја, лукавата намера, од која е раководен пироманот и чија причина веќе не е Бог, туку слободната волја на пироманот. Тоа е негов, грев иако Бог му дозволил на дело да ја спроведе својата зла намера, бидејќи Бог можел и да го спречи тоа дело. Но Господ не го спречил остварувањето на таа зла намера, туку го допуштил тоа по Својот праведен Суд. За причините на таквото допуштање ќе стане збор подоцна.
Ако во Бога не е зачетокот на нашиот морален пад (кој е единственото вистинско зло), тогаш тоа не може ни да биде: „Чистото око Негово не може да види зло“ (Авакум 1,13) и „ја засака правдата и го намрази беззаконието“ (Псал. 54,8), тогаш е потполно вистинито дека сите неволји кои се случуваат заради споредни причини, разумни или неразумни, без оглед на кој начин се случуваат, се случуваат по Божја волја, која се испраќа од Неговата цврста десница, по Негова Промисла. Возљубен! Бог ја насочил раката за да те удри; Бог го поттикнал јазикот на оној кој навредува или на клеветникот за да те навреди или наклевети; Бог допуштил нечесниот да те совлада. Самиот Бог го потврдува тоа преку пророкот Исаија, велејќи: „Јас сум Господ и нема друг; нема Бог освен мене; Јас те наоружив, иако не ме познаваше... Јас ја создавам светлината и ја правам темнината, создавам среќа и доведувам несреќа. Јас, Господ го вршам сето тоа (Ис. 45,5,7). Тоа уште појасно го потврдува пророкот Амос: „Се случува ли во градот зло, што не го дозволил Бог“ (Амос 3,6)? Како да вели: нема ниедна неволја, која не се случува по Божјо допуштање, кое ја дозволува лошата намера, а притоа за нејзино остварување укажува на начинот и дава сила.
Па така Бог, сакајќи да го казни царот Давид, заради гревот на неговата прељуба со жената на Уриј и за убиството на самиот Уриј, со гревот на крвосмесништво на својот син со неговата жена, му говори на Давида преку пророкот Натан: „Еве, Јас ќе подигнам зло против твојот дом, ќе ги земам твоите жени пред твоите очи, и ќе ги дадам на ближниот твој (Авесалом), и тој ќе спие со твоите жени пред очите на сите под ова сонце“. „Ти го изврши тоа тајно (прељубата и убиството), Јас, пак ќе го извршам (крвосмесништвото) пред целиот Израил среде бел ден“ (2. Цар. 12, 11,12). Оваа мисла многу добро ја објаснил блажениот Августин, велејќи: „На тој начин Бог ги поправа добрите луѓе преку лошите“.
Нечесните цареви како Божји орудија
Божјиот правилен суд исто така, често ги користи нечесните цареви и зли кнезови, како Свои орудија, заради учење на трпение на праведниците и заради казнување на нечесните за нивните престапи и постапки. Еве пример: Бог, преку пророкот Исаија, му се заканува со разврат на израилскиот народ, со негово погубување и опустошување на Палестина од страна на Асирците, велејќи: „О, Асиријо, жезол на мојот грев и бич на Моето негодување! Ќе го испратам против нечесен народ и против народот на мојот гнев, ќе му дадам повелба грабеж да граби и плен да плени и да ги гази како улична кал. Но тој нема така да расуди, срцето негово нема да помисли вака; нему на срце ќе му биде – да разурне и да истреби многу народи“ (Иса. 10,5-7). Овде Бог јасно ни покажува дека тоа не е волјата на асирскиот цар, туку Неговата Света волја која се остварува со помош на Асирците. Тој ги нарекува жезол на гневот и бич на Неговото негодување врз беззаконието на Израил, и Самиот Себеси ги припишува како казна: „Јас ги пратив“, како да вели, „да го земат нивниот плен и да загинат оние кои не ми се покоруваат и многу возгордеаните со умот свој: тие ја отфрлија верата во Едниот Бог, им се поклонуваа на идолите, им принесуваа жртви и им служеа. Самиот асирски цар (извршувајќи ја Божјата волја) ќе мисли поинаку, сметајќи дека тоа го прави по своја сопствена волја и нема да се вразуми, туку ќе се насочи кон убивање и конечно истребување на народот; меѓутоа, тој ќе ì послужи на Мојата волја. А штом го казнам Мојот народ со војна против Асирците и штом ќе го поправам, о тешко тогаш на жезолот твој, тешко на Асирците, бидејќи како непотребно орудие ќе ги фрлам во оган“. На ист начин треба да се гледа и на другите праведни казни, кои Бог ги допушта врз нас заради нашите неправди.
Римскиот император Тит, при опколувањето на Ерусалим, самиот лично ги обиколувал неговите ѕидини и гледајќи ги јамите, преполни со трупови на мртви луѓе од кои истекувала крв, тешко воздивнал ги подигнал своите очи и раце кон небото и рекол: „Боже милостив, тоа не е мое дело!“
Поради што е возможно „да се противиме“ на Бога во неволјите?
Некој може да нè запраша: ако навистина сите неволји ни се случуваат по Божјо допуштање, тогаш значи попусто е да се противиме на Неговата света волја? Попусто е да употребуваме лекови кога сме болни? Зошто да водиме наоружани полкови против непријателскиот напад? Зошто доброволно да не му ги предадеме клучевите од нашите тврдини и не го пуштиме во нашата земја, а на наша погибел? Зошто не го следиме блажениот архиереј Луп, кој го поздравил Атила со следниве зборови: „Те поздравувам, Атила, камшику Божји“. Им одговарам на оние кои го поставуваат ова прашање дека разорните војни и сличните неволји не се случуваат без Божја волја, и тоа е јасно (како што покажавме погоре), ама оттука не следува дека не треба да се наоружаме против непријателот, ниту да го избегнуваме лечењето на нашите болести, сметајќи ги тие постапки спротивни на Божјата волја. Меѓутоа на болниот му е непозната Божјата намера за периодот на траење на неговата болест, и затоа нему не му е забрането да тежи кон исцелување. И кога веќе, по употребата на многу лековити средства не оздрави, тогаш може да биде уверен дека тоа е Божја волја да трпи долготрајна и тешка болест. Така смирено расудувај дека на Бога му е угодно сè уште да бидеш болен. Но бидејќи не знаеш дали Бог има намера да страдаш до самата смрт, тогаш не е грев да тежиш кон средства за исцеление, заради олеснување или оздравување. Безгрешноста на лечењето се докажува и уште со тоа дека доколку на Бог не му е угодно да ти го поврати твоето изгубено здравје, Он може да го лиши секое средство од неговата исцелителна моќ. Така треба да се расудува и за непријателите и војните. Бог повеќе пати допуштал израилскиот народ да биде поробуван, за тој народ да не прави лоши дела и да не го заборави својот Бог. И Израилците незнаејќи ја Божјата волја им се спротивставувале на непријателите. Но затоа поинаку постапиле кога пророкот Еремија им ја открил Божјата волја да му се покорат на царот Навуходоносор. На ист начин, доколку пожарот со сето страдање на народот и пожарните бригади не може да биде изгаснат, тогаш е очигледно дека Божјиот суд одлучил дека таа куќа не само што треба да биде запалена, туку треба и да изгори поради испитувањето на трпението на Божјите пријатели и казнувањето на непријателите. На сличен начин треба да се расудува и за сите други случувања во нашиот живот.
Поуки на блажениот Августин
„Видете, возљубени браќа – нè поучува блажениот Августин, никогаш не велите: ѓаволот ми го стори тоа (таа несреќа ми ја нанесе расипаниот непријател), туку сè што ти се случува, и добро и зло, припишувај му го на својот Бог, знаејќи дека ѓаволот не може ништо да ти направи, доколку Севишниот Бог, кој има власт над животот и смртта, не му го допушти тоа поради казна или твое поправање. Казната Бог ја допушта за нечесните, кои свесно постапуваат против својата совест, јавно ја отфрлаат вистината итн. А поправањето го допушта на оние синови кои погрешиле во нешто: „Го кара оној, што го прима“ (Евр. 7,6). И не се надевај дека ќе останеш без казна доколку не мислиш да бидеш одвоен од небесното наследство: „Го кара секој син, што го прима (го признава за наследник)“. Дали е тоа така? Дали секој? – Каде сакаше да се сокриеш од казна? Го казнува секој без исклучоци: Нека ти биде јасно дека самиот Еднороден Син Божји, без никаков грев, не беше лишен од казна. Оваа поука е навистина достојна на блажениот Августин.
Приказната за Јосиф
Да се присетиме на прекрасниот Јосиф, првиот управник по царот во Египет. Какви неволји и зли дела трпеше тој пред да добие најголема чест и слава! Најпрво имаше проблеми со омразата на браќата свои, таа омраза беше причина за семејната нетрпеливост кон него, која се зголемуваше до тој степен за Јосиф да биде продаден како заробеник и одведен во Египет. Ни таму не наиде на ништо подобро: наклоноста на неговата владетелка кон него се покажа поштетна за него од братската омраза. Бидејќи кога тоа прекрасно момче ја засака чистотата и целомудреноста, не ги прифаќаше соблазнителните предлози на својата владетелка за прељуба, и тогаш таа го наклевети на нејзиниот маж и без никаква вина беше фрлен во затвор, каде помина три години. И навистина веднаш по доаѓањето тој не беше со различни почести поставен на египетскиот престол, туку до него се искачуваше по трнливи патишта исполнети со неволји. Сето тоа се случувало според недостижната Божја Промисла, во што нè уверува и самиот Јосиф кој им рекол на своите браќа: „Не ме пративте вие овде (во Египет) туку Бог“ (Бит. 45,8). „Не плашете се, зар сум јас наместо Бог? Вие смисливте зло за мене, Но Бог тоа го сврте на добро, за да се изврши она, што денес се случува: да се зачува животот на многу луѓе (Бит. 50,20). Светиот Златоуст за ова расудува на следниот начин: „За ова не е доволно само да се слуша, туку треба и ние самите да постапиме на таков начин. Значи, да се помириме и да ги утешиме оние кои ни сториле зло, не земајќи им го тоа за вина, туку сè да поднесуваме трпеливо и добродушно. Бидејќи мудриот Промислител Бог неволјите на Своите пријатели ги преобразува во радосни настани. Често навредата која ни ја нанесуваат ни носи голема среќа; многумина паѓале и преку својот пад доаѓале до она што е за нив најдобро. Божјата Промисла за остварувањето на Своите цели, не користи само добри постапки, туку и паѓања во грев. Дали ги спозна Јосифовите патишта? Уништи ја злобата на неговите браќа, оддалечи ја нивната завист, отфрли го нивниот предлог за убивање на Јосиф и ќе го искорениш сето она што придонело за зачувување на целиот Египет... Сакаш ли да ја следиш недостижната тајна на Христовото искупување на целиот човечки род? Уништи го среброљубието во срцето на Јуда Искариот, како и зависта на Евреите кон Христос Спасителот: заедно со тоа би го оддалечил спасението на целиот свет, со Христовата пролиена крв и смрт. Искорени ги ѓаволите – во тој миг ќе се намалат благочестивите подвизи, победи и награди добиени за нив. Истреби ги мачителите – како ќе настанат светите маченици? Такви се законите на Божјата Промисла: достигнување на добра, не само преку доблесните, туку и преку злобните луѓе, па дури и преку самите ѓаволи. Јосифовото продавање од страна на неговите браќа навистина го уредил самиот Бог, но извршувањето на истото, покриено со злобата на неговите браќа, било дело на нивната злобна волја“.
Односот на Давид кон Семеј
Кога царот Давид стигна до Бахурим, ете, оттаму излезе еден човек од родот на Сауловиот дом, по име Семеј, син на Гера. Тој одеше и лошо зборуваше, и фрлаше камења врз Давид и врз сите слуги на царот Давид; и сите луѓе и сите храбри беа десно и лево од царот. Колнејќи го него, Семеј велеше: „Истави се убиецу и злосторнику! Господ ја сврте против тебе сета крв на Сауловиот дом, на чие место ти се зацари и Господ го предаде царството во рацете на синот твој Авесалом; и ете ти си во неволја, затоа што си крвопиец“ (Цар. 16,5-8). Ете поразувачки образец на човечката злоба! Тогаш Авеса, синот на Саруја, му рече на царот: „Зошто овој мртов пес го колне царот, господарот мој? Ќе одам и ќе му ја симнам главата“. Но царот увидувајќи ја во сето тоа Божјата волја стана заштитник на својот гонител и рече: „Што ви е вам, синови Саруеви? Оставете го нека колне, зашто Господ му заповедал да го колне Давид. И кој може да му каже: Зошто правиш така?“ Семеј тешко погрешил проколнувајќи го Давида, бидејќи иако Бог го употребил како орудие за навредување на царот, тој не бил причина за неговата злобна волја: Тој само мудро ја употребил заради казнување на Давид. Слично на Давид, секој од нас треба да ги разгледува нападите и злобата на злите луѓе, чие самоволие семилостивиот Бог го користи за вразумување на невините или казна на виновниците.
Кроткиот старец
Светиот Доротеј раскажува за еден старец кој водел богоугоден живот, во текот на неколку дена тој старец не можел да јаде поради болеста која ја имал на желудникот. Помошникот сакајќи да го поткрепи старецот со храна, намислил да приготви за него вкусна и пријатна храна. Тој од садовите кои личеле еден на друг по грешка за приготвување на храната го зел оној во којшто се чувало старо расипано масло. Така при својата добра желба да му угоди на старецот, во изобилство ставил во неговата храна не мед, туку буквално речено ја ставил „самата смрт“, приготвувајќи му таков оброк кој не би го изел ниту гладен пес. Болниот старец едвај ја пробал храната која му била донесена и во тој миг ја сфатил грешката на својот помошник, но премолчел и јадел на сила. Потоа, кога веќе неговиот желудник не можел повеќе да прима од таа храна, ја оставил лажицата, не велејќи ниту еден лош збор. Но помошникот почнал да го нуди да земе уште од тој прекрасен оброк велејќи: „Го подготвував со труд и срдечност, ќе го поткрепи твоето здравје“. Добриот старец не само што не изговорил ниту еден гневен збор кон помошникот, туку ни во мислите свои не се разгневил на него и ја одбил храната само поради тоа што веќе бил сит и дека не може повеќе да јаде. Тогаш помошникот самиот го пробал оброкот и во истиот миг се фрлил пред нозете на старецот со тага во срцето велејќи му: „Те убив чесен отче, зошто со своето молчење ја сокри мојата непоправлива грешка? – Не јадосувај се сине мој, ако на Бог му беше угодно да јадам слатко, ти ќе ми донесеше слатко“. Притоа светиот Доротеј забележува: старецот ја кажал вистината, дека ако на Бога му било угодно болниот старец да јаде слатка и вкусна храна, тогаш Он не би допуштил помошникот да направи грешка или расипаното масло би го претворил во свежо. Така, слично на старецот постапува оној кој во сè ја признава Божјата Промисла: тој во никого не сака да види злонамерност, но вистински признава дека сè што нему му се случува, му се случува по Божја Промисла и волја.
Пофална молитва на царицата Ирина
Грчката царица Ирина кога во Цариград била соборена од престолот од страна на омразениот слуга, му се обратила на Бога со следниве зборови: „Ти благодарам Господи, што Ти мене, бедната и недостојна, ме постави на царскиот престол, но бидејќи допушти да бидам соборена од него, тоа го сметам како последица од моите гревови; нека биде со мене волјата Твоја! – Во сè добро и лошо нека биде благословено името Господово“. Вистина е дека никој не може да ни наштети во она, во коешто ние самите себеси си наштетуваме. Заради тоа точно кажал блажениот Августин: „Верувај му на Господ Бог, без никаков сомнеж и препушти Му се во потполност, колку што е тоа во твоја моќ: тогаш нема да те отфрли и нема да престане да те привлекува кон Себе и нема да допушти никакво зло врз тебе, иако ти би бил сиромав и незначаен“. Оваа порака секој од нас треба да ја знае во потполност и треба цврсто да го има на ум следното: ништо спротивно нам не може да ни се случи без Божја волја и допуштение; ниту ѓаволот, ниту луѓето не можат да ни наштетат, доколку Бог тоа не го допушти. Треба цврсто да веруваме, дека иако ни се случуваат најтешки неволји по Божјо допуштение, Он како врховен Цар ги праќа врз нас како најмилостив Отец на наша полза, заради наше вразумување и поправање и заради нашите неправди и гревови. Следствено на тоа, никој друг освен самите себеси не може да ни наштети. (продолжува)
Превод од српски јазик:
Јаков Илкоски, дипл. инженер по биологија
Наслов на изворникот:
Свети Јован Тобољски, Божији Промисао
Извор: Православна светлина