На питачите им е својствено да питаат, а на човекот, кој заради паѓањето во гревовите е доведен до питачки стап, му е својствено да се моли. Молитвата е обраќање на паднатиот човек кој се кае на Бога. Молитвата е плачење на паднатиот и покаен човек пред Бога. Молитвата претставува излив на срдечни барања и воздишки пред Бога на човекот паднат и отепан од гревот. Прво манифестирање, прв подвиг на покајанието е плачот на срцето. Тој е молитвен глас на срцето што му претходи на молитвата на умот. И набрзо умот, повлечен со молитвата на срцето, започнува да раѓа молитвени мисли.
Бог е Единствениот Извор на сите вистински добра. Молитвата е мајка и глава на сите добродетели, како средство и состојба на човековиот однос со Бога. Таа ги позајмува добродетелите од Изворот на добрините - Бога и ги прави сопственост на човекот, кој со молитва настојува да престојува во заедница со Бога.
Молитвата е патот кон Бога. Мерката на изминатиот пат претставуваат различните молитвени состојби, во кои постепено влегува оној кој постојано и правилно се моли.
Научи се правилно да Му се молиш на Бога. Откако ќе се научиш правилно да се молиш, моли се постојано и лесно ќе го наследиш спасението. Спасението ќе се јави од Бога во свое време, недвосмислено појавувајќи се во срцето на човекот кој се моли правилно и постојано.
За да биде правилна молитвата, потребно е да се принесува од срце исполнето со смиреност на духот, од покаено и смирено срце. Сите други состојби на срдечност, се до нејзиното обновување на Светиот Дух, сметај ги за токму такви какви што тие и всушност се, односно несвојствени на покаениот грешник, кој Бога го моли за прошка на своите гревови и за ослободување од затворот и од оковите на робувањето на страстите.
Со Мојсеевиот закон на Израилците им било пропишано само на едно место да ги принесуват сите свои жртви на Бога. И со духовниот закон на христијаните им е назначено местото за принесување на сите нивни жртви, а особено на жртвата над жртвите - молитвите... Тоа место е - смирението.
На Бога нашите молитви не Му се потребни! Он и без наше молење знае што ни е потребно. Он, Премилосрден, и на оние кои не барат од Него ги излева Своите изобилни милости. Молитвата нам ни е потребна: таа човекот го сродува со Бога. Без неа, човекот е од Бога отуѓен и колку повеќе се вежба во молитвата, толку повеќе се приближува до Бога.
(Продолжува)
Извор:
Свети Игнатиј Брјанчанинов
МОЛИТВА ПАТ КОН БОГА
Издавач: Канео, Охрид
Превод: Митрополит Тимотеј
Друго: РУСКИОТ БОГОНОСЕЦ СВЕТИ ИГНАТИЈ БРЈАНЧАНИНОВ