Молитвата како причестување со животот
Молитвата претставува причестување на животот. Напуштањето на молитвата на душата и нанесува невидлива смрт. Тоа што е воздухот за животот на телото, тоа е Светиот Дух за животот на душата. Душата преку молитвата го вдишува овој свет и таинствен воздух.
Кога ќе станеш од сон, твојата прва мисла нека биде за Бога. Никулецот на твоите мисли, се уште не обележан со никакви впечатоци на суета, принеси го на Бога. Кога одиш на спиење, кога се подготвуваш да втонеш во сонот, во таа слика на смртта, твоите последни мисли нека бидат за вечноста и во неа за зацарениот Бог.
Еден ангел му го открил на некој свет искушеник следниов редослед на мислите во молитвата:
„Почетокот на молитвата треба да се состои од славословие на Бога, од благодарења на Бога за Неговите безбројни добродетели. Потоа на Бога треба да Му принесеме искрено исповедување на своите гревови, со смиреност на духот, а на крајот можеме, впрочем, со големо смирение, на Бога да Му принесеме и барања во врска со нашите душевни и телесни потреби, препуштајќи го однапред со стравопочит исполнувањето или неисполнување на тие молби на Неговата волја".
Почетната причина на молитвата е верата: „Верував и затоа ја изговорив својата молитва на милостивиот Бог, Кој благоволи молитвата да ми ја наложи и ми даде ветување дека на неа ќе ми внимава".
„За се што ќе молите, верувајте дека ќе примите, и ќе добиете", рекол Господ, и затоа отфрлете ги секој сомнеж и двоумеење, неотстапно престојувајте во молитвата кон Господа, Кој ни „заповеда да се молиме и да не ни досади", односно да не паднеме со духот од тежината на молитвата, која, особено во почетокот, е тешка, а за разумот, кој е навикнат насекаде да шета, всушност и неподнослива.
Блажена е душата што со молитва непрестајно чука на дверите на Божјото милосрдие и со жалби кон „противникот свој" - на гревот кој не потсилува - постојано го измачува Неуморниот, таа во свое време ќе се радува на својата чистота и бестрасност. Понекогаш нашето барање бидува услишано без одложување; понекогаш, пак, според зборовите на Спасителот, „Бог долго време не трпи", односно не го исполнува брзо она за кое се молиме. Он гледа дека тоа исполнување е потребно да се одложи за извесно време заради нашето смирување; дека треба да се помачиме и да ја согледаме својата немоќ, која секогаш на болен начин се манифестира, кога остануваме препуштени сами на себе. Молитвата како разговор со Бога, сама по себе е превозвишено добро, често пати многу повеќе од тоа што човекот го бара и милосрдниот Бог, не исполнувајќи го барањето, го остава барателот со неговата молитва за да не ја изгуби и неа, да не го остави тоа превозвишено добро, иако примил многу помалку добро од тоа за кое молел.
Барањата со чии исполнувања се поврзани штетни последици Бог не ги задоволува... Он не ги задоволува ниту оние молења што се спротивни на Неговата Света Волја, спротивни на Неговите премудри, недостапни судови. Во спротивност со Божјата промисла, се молел големиот боговидец Мојсеј да му се дозволи да влезе во ветената земја и не бил услишан. Се молел и свети Давид, засилувајќи ја молитвата со пост, пепел и солзи за зачувување на животот на неговиот болен син и не бил услишан. И ти, кога твоето молење од Бога не ќе ти биде исполнето, со трепет покори и се на волјата на Сесветиот Бог, Кој од непознати причини ја оставил неисполнета твојата молба.
За синовите на овој свет, кои од Бога молат земни добра за недозволени телесни барања, светиот апостол Јаков ни објавува: „Барате и не добивате, бидејќи наопаку барате, за свои уживања ги трошите".
(Продолжува)
Извор:
Свети Игнатиј Брјанчанинов
МОЛИТВА ПАТ КОН БОГА
Издавач: Канео, Охрид
Превод: Митрополит Тимотеј
Друго: РУСКИОТ БОГОНОСЕЦ СВЕТИ ИГНАТИЈ БРЈАНЧАНИНОВ
Св. Игнатиј Брјанчанинов- МОЛИТВАТА - ПАТ КОН БОГА