ПАТОТ НА ПОДВИЖНИКОТ
ГЛАВА ЧЕТИРНАЕСЕТТА

За смиреноста и бдението
Оној кој се подвизува во внатрешната борба, во секој миг треба да ги има во себе четирите нешта: смиреност, длабоко внимание, спротивставување на помислите и молитва. Се работи за совладување, со Божја помош, на „мислените темни сенки“, и нивно исфрлање низ портата на срцето и за кршење на оние што би сакале да ги разбијат твоите деца од каменот (Пс. 137:9).
Смиреноста е неопходна, зашто гордиот човек засекогаш останува отсечен од заедницата со Бога. Вниманието е нужно за да се препознае непријателот што се прикрадува и за да се чува срцето од страсти. Волјата за спротивставување мора да се разбуди веднаш штом се открие лукавиот напад. А бидејќи без Мене не можете да направите ништо (Јн. 15:5), полето на оваа борба е — молитвата.

Еве еден мал пример што може да ти помогне да го разбереш ова:
Вниманието ти овозможува да го откриеш непријателот што тивко се приближува кон вратата на твоето срце. Тоа може да биде, на пример, искушение да помислиш нешто лошо за ближниот. Волјата за спротивставување се разгорува во тебе и ти ја отфрлаш злата мисла, но веќе во следниот миг искушението се враќа во облик на самозадоволна помисла: „добро го направив тоа!“. И она што изгледаше како победа, станува срамен пораз. Недостасувала, значи, смиреноста.
Но ако ја предадеш борбата на Господа твој, тежнењето кон самовозвишување ќе те напушти и ќе станеш слободен. И тогаш ќе увидиш дека нема посилно оружје од Името Господово.
Овој пример ти покажува дека оваа борба треба да се води без престан. Злите помисли извираат како бујица и треба веднаш да се запре нивниот налет. Тоа се огнени стрели на лукавиот, за кои говори Апостолот (Еф. 6:16), што непрестајно летаат кон тебе. Затоа, непрестаен треба да биде и нашиот повик кон Господа. Нашата борба не е против плот и крв, туку против началства, властите и господарите на темнината на овој свет, против духовите на злобата во поднебесието (Еф. 6:12).
Нападот на помислите е почеток на гревот, учат светите Отци. По нападот следува разговорот – присоединувањето, кога човек се вплеткува во искушението. Третата фаза е согласноста, а четвртата – самиот грев. Овие четири степени можат да се случат мошне брзо, но можат и поспоро, така што меѓу нив ќе се види граница. Помислата тропа на вратата како патувачки трговец. Ако му дозволиш да влезе, тој почнува да ја раскажува својата приказна и тешко се изгонува, дури и кога ќе се увиди дека неговата стока е расипана. Потоа доаѓа нашето прифаќање на неговата понуда — и на крај, купопродажбата, често и против нашата волја. Така нè заведува она што е испратено од лукавиот.
За нападите пророкот Давид вели: „секојдневно ќе ги истребувам сите нечестиви од земјата “ (Пс. 100:8), зашто „нема да остане во мојот дом оној, кој прави сплетки; кој говори лага, не можеше да остане пред очите мои. “ (Пс. 100:7). А за пристанокот на искушението, Мојсеј говори: „со нив, и со боговите нивни да не сврзуваш завет. “ (2 Мој. 23:32). И првиот стих од Псалм 1 вели: „Блажен е оној човек, што не оди на советот на безбожниците,...“. Затоа е најважно со непријателот да се разговара уште на вратата (Пс. 126:5).
Но кога пред портата стои огромна толпа, и кога знаеме дека и самиот сатана се преобразува во ангел на светлината (2 Кор. 11:14), светите Отци советуваат да го чуваме срцето чисто од сите пориви, чувства и фантазии од било каков вид. Човекот не може сам да ги разликува злите од добрите побуди – тоа само Бог може. Затоа со целосна доверба Му го препуштаме Нему тоа дело, знаејќи дека ако Господ не го чува градот, залудно бдее стражарот (Пс. 126:1).
Сепак, на тебе е да внимаваш да не има никакво зло во срцето твое (5 Мој. 15:9), и да се пазиш срцето да не ти стане пазар каде што се собира сè и сешто, во постојан метеж, додека не ја изгубиш власта над своите мисли. На такво место владеат крадци и разбојници, а не ангелот на мирот кој ти е потребен. Мирот, а со него и самиот Господ на мирот, бега од такво срце.
Затоа Господ ни зборува преку апостолот: „исчистете ги рацете, грешници, поправете ги срцата свои, непостојани! “ (Јак. 4:8); и Сам нè учи: „Пазете се, бдејте и молете се“ (Мк. 13:33). И ако дојде и ги најде нашите срца омамени и нечисти, ќе ни рече: „Не ве познавам“ (Мат. 25:12). Зашто часот е секогаш тука – ако не во овој миг, тогаш во следниот. Како што Царството Божјо е присутно во срцата, така и судот Божји стои скриен во нив.
Ако стражарот не бдее, ни Господ нема да бдее; а ако Господ не го чува градот, залудно не спие стражарот. Затоа, да бдееме на вратата на срцето, никогаш не престанувајќи да Го повикуваме Господа во помош.
Никогаш не вперувај го погледот кон непријателот. Никогаш не влегувај во разговор со оној кому не можеш да му се спротивставиш. Лукавиот има искуство старо илјадници години и ги знае сите стапици. Стани во средината на ливадата на твоето срце и држи го погледот насочен кон висините — така срцето е заштитено од сите страни во исто време. Тогаш Господ испраќа ангели Свои да го чуваат срцето и оддесно, и одлево, и напред, и одзади.
А тоа значи: кога ќе те нападне искушението, не размислувај за него, не мери, не разгледувај. Ако тоа го правиш, го валкаш срцето и му подаруваш време на непријателот. Наместо тоа, веднаш сврти се кон Господа и кажи: „Господи, помилуј ме, грешниот“. Колку побрзо ја одвратиш мислата, толку побрза ќе биде и помошта.

Никогаш не верувај во себеси. Не зборувај: „Ќе можам, ќе издржам.“ Не полагај надеж во својата сила да се одбраниш, било од големи, било од мали искушенија. Напротив, вака мисли: „Сигурно ќе паднам, штом ме нападне искушението.“ Самоувереноста е опасен сојузник. Колку помалку сила си припишуваш себеси, толку посигурно стоиш. Признај ја својата слабост и немоќ – и ќе видиш дека непријателот нема власт над тебе. Зашто ако Господ ти е прибежиште, злото нема да те достигне (Пс. 90). Единственото зло што може да го снајде христијанинот е – гревот.
Ако, кога ќе паднеш, се разжалостиш и си ветиш дека „никогаш повеќе нема да го направам тоа“, тоа е знак дека си на погрешен пат – не е повредена совеста, туку самоувереноста. Оној кој не се надева на себе, со благодарно чудење ќе се запраша како тоа не паднал уште подлабоко, и ќе Му благодари на Бога што му помогнал навреме. Таквиот човек веднаш станува и ја изговара молитвата: „Слава Ти, Боже“.
Разгаленото дете, кога ќе падне, лежи и плаче, бара сочувство и внимание. Но ти, кога ќе паднеш, макар и да боли, не ридај и не кукај како дете. Стани и продолжи со борбата. Оној што се бори, и се ранува. Само ангелите не паѓаат.
Моли се, затоа, Бог да ти прости и да не дозволи да бидеш повторно невнимателен. Не го следи примерот на Адама, кој ја префрли вината врз жената, ѓаволот или околностите. Причината за твојот пад е во тебе: кога Господарот на домот отсуствувал, ти си им дозволил на разбојниците да навлезат и да ја опустошат куќата. Моли се тоа да не се повтори.
Еден брат го прашале: „Што правите вие во манастирот?“ Тој одговорил: „Паѓаме и се подигаме, паѓаме и се подигаме — и пак паѓаме, и пак се подигаме.“
Зашто не минуваат ни неколку минути од животот, а човек не падне барем еднаш. Затоа моли се Бог да се смилува на сите нас.
Моли се за прошка и за благодат Божја, моли се за милост како осуден злосторник што клечи пред својот Господар и моли да биде помилуван. Нека таква биде твојата молитва, ако сакаш – по советот на Свети Исак Сирин – да го симнеш од себе бремето на гревот и да го најдеш патот што води нагоре, кон висините.
Тит Колиандер
Подготвил С.Стефковски
14.11.2025
Подготвил С.Стефковски
06.11.2025

За Преминпортал подготвил С.Стефковски
04.11.2025 лето Господово



























