Ако Бог вели „оди“, лукавиот сигурно ќе рече „стој!“ Ако Бог вели „молчи“, непријателот на нашето спасение неминовно ќе поттикнува на многуговорливост. Тој е мајмун, тој се исмева, делува спротивно.
Во Рајот Господ им рекол на луѓето да не јадат од дрвото на познанието. А злиот лукавец велел – јадете. Христос вели „јадете“, „пијте од Неа сите“, а злиот говори: „не јадете“, „недостојни сте“, „потребно е долго и тешко да се подготвувате“.
Така тој делува секогаш. Но, тажно е што сме го усвоиле неговиот начин на размислување, и ги одделуваме луѓето од Чашата на основа на сомнителни теории и мисли.
Поканете ги на гости пријателите, и припремете раскошна трпеза. И сега, претпоставете дека гостите дошле, скромно седнале покрај трпезата, спуштајќи го погледот на подот. Ниту една здравица, ниту една песна не пеат. Што е тоа, ако не – голема навреда за домаќинот?
Бог нам секоја недела ни подготвува Трпеза, нè повикува да дојдеме, ни говори: „Примете, јадете“. А ние, празни доаѓаме во храмот, и празни си заминуваме. Како да немаме гревови. Како да не се однесуваат на нас зборовите: „Ова е Телото Мое, Кое за вас се прекршува, за отпуштање на гревовите“.
И свештениците повикуваат, но луѓето не пристапуваат. Но, не е така. Луѓето би пристапувале, но свeшетениците ги одвраќаат. „Не си подготвен“, „Неодамна се причести“, и безброј други безумни зборови. Тоа не е нова болест. Тоа е средновековна римокатоличка рана, која по навика се смета за шаблон на православната побожност. Таа навлегла во сржта на Телото на Црквата пред многу векови, и нема да ја исфрлиме за неколку години. Но, треба да се делува споро и постепено. Оти, дури ниту ние самите не согледуваме што се случува во длабочините на нашите срца. Таму има вистински хаос и пеколна бездна. Со човечки напори таму да се воведе редот е невозможно. Неопходно е да Му дозволиме на Христа кој еднаш слезе во пеколот, да слезе во нашата сопствена бездна на срцето. Инаку, осудени сме да страдаме од незаситливите движења на нашето развратно срце. Така лавата излегува од активниот вулкан, и бескорисно е да се бориме против неа.
Не се согласувам со Шмеман во целост. Но, мислам дека една негова мисла треба да се постави како реклама, на секоја раскрсница. А тоа е, дека револуцијата во Русија ќе беше невозможна, доколку луѓето не беа според лажните обичаи одвоени од Чашата, односно доколку луѓето се причестуваа често.
Протоереј Андреј Ткачев
Извор: http://pravoslavie.mk.