Од Старечникот
Митрополит Антониј Блум: Понекогаш се случува и ова: човекот се обидува да пости, потоа се ничкосува и чувствува дека го осквернавил целиот свој пост и дека ништо не останало од неговиот подвиг. Во реалноста, тоа не е во целост така. Бог гледа на него со други очи. Тоа јас можам да го разјаснам со еден пример од сопствениот живот. Кога бев лекар имав обврски кон едно многу сиромашно руско семејство. Не им наплатував затоа што немаше што да се наплати. Но, некаде кон крајот на Великиот пост, во чиј тек јас постев, и доколку може така да се каже, ѕверски, т.е. не нарушувајќи никакви канони, ме поканија на ручек. И како што се покажа, во текот на целиот пост тие собирале пари за да купат мало пиленце и да ме нагостат. Јас го погледнав пилето и во него го видов крајот на мојот посен подвиг. Јас, секако, изедов парче пилешко, не можев да ги налутам. Појдов кај својот духовен отец и му раскажав за тоа каква неволја ми се случила, за тоа дека постев за сето време, може да се каже, совршено, а сега, во Страсната седмица, изедов парче кокошка. Отец Атанасиј ме погледна и рече:
– Знаеш што? Ако Бог те погледнеше и видеше дека кај тебе нема никакви гревови и дека парчето кокошка би можело да те оскверни, Тој би те заштитил од парчето месо. Но, Тој те погледнал и видел дека во тебе има толку огревовеност што никакво коковче тебе повеќе од тоа не може да те осквернави.
Мислам дека мнозина од нас треба да го запомнат овој пример, дека не треба да се држат слепо за типикот, туку, пред сè, да бидат чесни луѓе. Да, јас изедов парче од кокошката, но само заради тоа да не ги огорчам луѓето. Јас не ја изедов како некакво осквернување, туку како дар за човековата љубов. Се сеќавам на едно место во книгите на отец Александар Шмеман каде што тој говори дека на светот нема такво нешто како Божјата љубов. И дури храната што ја јадеме се покажува како Божествена љубов која станала своевидна храна на љубовта…
Извор: Скалила, Скопска православна епархија [превод: м-р Пантелеј Кондратјук] 2015.