22ри декември 2020 лето Господово
Скопје, 3-јуни 2015 год.- салата „Архиепископ Доситеј“ при Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ – Скопје
На 03. јуни 2015 на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ при Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје се одржа промоцијата на монографијата на доц. д-р отец Милан Ѓорѓевиќ со наслов „Nikolas Kabasilas – ein Weg zu einer Synthese der Traditionen“ („Никола Кавасила – еден пат кон синтеза на традициите“) во издание на меѓународната издавачка куќа „Peeters Publishers“ (Paris – Lueven – Bristol CT, 2015).
Настанот го отвори Продеканот за меѓународна соработка и наука на Факултетот проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, по што со воведен збор се обрати Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, кој ја нагласи важноста на меѓународната соработка и размена во образованието и науката. Инвестирањето во изградувањето на високообразовани црковни кадри е принцип од кој се раководеле самите сесловенски просветители и учители свети Кирил и Методиј, како и нивните свети ученици Климент и Наум Охридски. Ние како нивни наследници го чиниме истото, а резултат на влогот на нашата Црква во науката е токму нашиот почитуван отец Милан Ѓорѓевиќ – заклучи Неговото Блаженство. На крај, тој ги поздрави промоторите и му честита на авторот за објавениот труд.
Првиот промотор, доц. д-р Ристо Солунчев од Философскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје ја нагласи важноста од синтезата меѓу теоријата и праксата во богословската дејност. Философијата од една страна и литургискиот живот (вклучително и свештенослужителската служба) од друга страна се неразделни едно од друго. Понатаму, д-р Солунчев ја нагласи темата за светоотечкото учење за божествената љубов, која свети Никола Кавасила ќе ја нарече „луда“ (μανικὸς ἔρος). Фокусот на оваа книга се наоѓа токму врз темата за творечката љубов, благодарение на која секој човек твори и благодарение на која Бог го создава целиот свет.
Вториот промотор, проф. д-р Георги Каприев од Философскиот факултет при Софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“ укажа на промената на проблемната сфера од постарите (заклучно со крајот на 20. век) и поновите генерации истражувачи на византиската философија. Имено, пред околу десет години конечно заврши револуционерен период во истражувањето на оваа философија и таа влезе во фаза на научна нормалност. Ако пред тоа беа вообичаени прашања од типот „дали постои нешто како византиска философија?“, денес таквото прашање претставува чист анахронизам – а за тоа е потврда оваа монографија.
Во воведниот дел на оваа книга сосема спокојно и сосема спонтано се изведува карактерот на христијанската философија на византиските отци, која го обединува рационалното знаење и мистичното искуство. Работата на оваа философија е да најде соодветен начин, мистичното искуство да го изрази преку поимите и концептите на философијата, со цел да влезе во дискусија и дебата со надворешните дискурси (како што тврди Псевдо-Дионисиј Ареопагит во однос на многубожечката философија). Во последните поглавја ќе видиме дека пресудна улога одигрува поимот ἕξις, кој во православната патристичка мисла добива исклучително важен статус. Токму во разработката на оваа тема се состои можеби најголемиот придонес на ова дело – укажа проф. Каприев.
Понатаму, тој нагласи дека е особено важна анализата на прашањето за вредноста на разумот околу кое е концентрирана голема дебата во однос на мислата на свети Никола Кавасила. Авторот успева да побие две опасни предрасуди: тој од една страна покажува дека паламизмот во својата суштина не е антиинтелектуален; од друга страна тој покажува дека дистанцираноста на свети Никоа Кавасила од паламитската терминологија и проблемна сфера не е плод на неговиот наводен антипаламизам, туку дека Кавасила е припадник на втората генерација паламити, за кои паламитските теми се сами по себе очигледни. Овие автори го следат свети Григориј Палама, но не продолжуваат да се занимаваат со темите актуелни за епохата на „паламитските спорови“, туку продолжуваат понатаму во историското разгрнување (Entfaltung) на преданието земајќи ја синтезата на свети Григориј Палама за свој темел – заклучи проф. Каприев.
На крај, збор зеде авторот доц. д-р отец Милан Ѓорѓевиќ и ја изрази својата благодарност за сите кои придонеле за реализацијата на овој проект.
Преминпортал (М.Ѓ/к.т)
22ри декември 2020 лето Господово
П.П. 2015-06-07 23:28:40