Ако кажеш дека не си пустиножител за да се посветиш на умната молитва, тебе те изобличува Патријархот Калист кој ја здобил умната молитва уште додека бил на послушание во кујната во големата Лавра, и Патријархот Фотиј кој откако станал патријарх се научил на уметноста на срдечното внимание.
Доколку те мрзи да ја практикуваш умната молитва повикувајќи се на послушанието, заслужуваш посебен прекор, затоа што според зборовите на св. Григориј Синаит, ни пустината, ниту осаменоста не се толку полезни за молитвата како што е послушанието. Доколку велиш дека немаш учител кој би те научил на оваа активност Самиот Господ ти заповеда да се учиш од Светото Писмо, велејќи: „Испитајте ги Писанијата и во нив ќе го најдете вечниот живот“.
Доколку те смутува тоа што не наоѓаш тивко место, св. Петар Дамаскин вели: „Во тоа се содржи и почетокот на човековото спасение, тој да го остави своето размислување и тогаш во целиот свет нема да најде предмет или место кои ќе можат да му попречат во спасението“. Доколку те смутуваат зборовите на св. Григориј Синаит кој многу зборува за прелеста која се појавува за време на оваа активност, истиот свет Отец вели: „Не смееме да се плашиме, ниту да се сомневаме при обраќањето кон Бог. Бидејќи, ако некои си го повередиле умот знај дека тие тоа го претрпиле поради самоволието и високото мислење за себе“.
Доколку се плашиш да ѝ пристапиш на умната молитва од светиот страв и од смирението на срцето, и јас заедно со тебе сум подготвен да се уплашам. Меѓутоа, не треба да се плашиш од празните приказни, како што кажува народната: „Кој се плаши од волкот нека не оди во шумата“.
Треба да имаме страв и од Бог, но не треба да бегаме и не треба да се одрекуваме од Него. Голема препрека за практикување на умната молитва за некои претставува и нивната телесна немоќ. Бидејќи не се во состојба да се носат со трудот и постот кои го земале на себе светиите, тие мислат дека без ова не можат да ја започнат умната активност. Исправајќи ги нивните грешки св. Василиј Велики учи: „Воздржувањето за секого се одредува според неговата телесна сила и мислам дека на човекот може да му наштети прекумерното воздржување кое може да ја сруши телесната сила и да го направи неподвижен и неспособен за добри дела. Доколку би требало да бидеме такви и да лежиме како мртви, едвај да дишеме, Бог такви и ќе нѐ создал. Но штом не нѐ соаздал такви, грeшат оние што преубавото Божјо создание не го чуваат онакво какво што е создадено“.
Треба да се грижиме само за едно: во нашата душа да не се крие мрзливоста, да не слабее трезвеноста и срдечното обраќање кон Бог, да не се помрачи нашето духовно чувство и просветлувањето на душата кое произлегува од него. Затоа што, ако сето ова расте нема да има време во нас да се населат телесните страсти бидејќи душата ќе биде зафатена со небесното.
Схи-игумен Василиј (учител и соподвижник на преп. Паисиј Величковски)
Извор:МПЦ-ОА
Друго:
Св.Игнатиј Брјанчанинов - За Исусовата молитва
Старец Паисиј Светогорец: За смирениот и добродушен човек
(25.12.2014)