Чувствував голема радост при помислата дека ќе го сретнам Господа
Во еден момент стигнав до смртта. Од кортизонот што ми го ставија во болница додека правев операција на окото, кое на крај го загубив, добив сериозен крвоизлив во стомакот. Тогаш живеев во една колиба, манастирот сеуште не беше изграден. Од истоштеност не знаев дали е ден или ноќ. Стигнав до смртта, но оживеав. Многу ослабев, немав апетит. Три месеци живеев со три лажици млеко на ден. Бев спасен благодарение на една коза!
Живеев со мислата за заминување. При мислата дека ќе го сретнам Господа, чувствував голема радост. Длабоко во себе имав чувство дека Господ е присутен, и Тој тогаш посака да ме укрепи и утеши со нешто многу благословено. Во секој момент кога чувствував дека мојата душа ќе излезе, на небото гледав една ѕвезда која засветкуваше. Околу себе ги излачуваше најблагите зраци. Беше светла и многу блага. Нејзината светлина беше многу блага. Имаше морско сина, светло тиркизна боја, како дијамант, како бесценет камен. Секогаш кога ја гледав, се исполнував со утеха и радост, чувствувајќи дека во таа ѕвезда беше целата Црква, Триипостасниот Бог, Богородица, ангелите, светителите. Имав чувство дека таму беа сите моои ближни, душите на сите што ги сакав, на моите старци. Верував дека кога ќе дојде време да заминам од овој живот, и јас ќе отидам таму, на таа ѕвезда, заради Божјата љубов, а не заради моите добродетели. Сакав да верувам дека Бог, Кој ме љуби, ми ја покажува за да ми каже: „Те чекам!“
Не сакав да размислувам за адот, за митарствата. Не се сеќавав на моите гревови, а имав многу. Ги оставив. Се сеќавав само на Божјата љубов и се радував. И се молев: „Заради Твојата љубов, Господи мој, и јас таму да бидам. Но ако заради моите гревови треба да одам во адот, Твојата љубов нека ме постави каде што сака. Доволно е да сум со Тебе“. Толку години живеев во пустината со љубов кон Христос. Си велев: „Ако отидеш горе на небото и Господ ти рече: „Човеку, како влезе тука кога немаш свадбена одежда? Што бараш?“, ќе Му одговорам: „Што сакаш, Господи мој, што сака Твојата љубов, каде сака Твојата љубов – нека ме постави. Се препуштам на Твојата љубов. Ако сакаш и во адот стави ме, само да не ја загубам Твојата љубов“.
Ја чувствував својата грешност и затоа внатре во себе си ја кажував молитвата на св. Симеон Нов Богослов: „Гледам, Спасителе, дека никој не ти згрешил како мене, ниту ги извршил делата што ги извршив јас. Но, исто така гледам дека тежината на моите гревови не го надминува изобилието на Твоето долготрпение и бескрајно човекољубие“. Тоа што се спомнува во молитвите не се наши зборови, ние не можеме да измислиме и да се изразиме со такви зборови. Тие се напишани од светители. Меѓутоа, тоа што е напишано од светителите, треба да се восприми од душата за таа да го чувствува и живее тоа.
Таа молитва постојано ја повторував со голема желба, за да се утврдам во тие размислувања. Колку повеќе си ја повторував, толку повеќе од таму горе, од бескрајноста, се јавуваше ѕвездата, мојата утеха. Доаѓаше за време на сите тие дни кога имав болки. И кога доаѓаше, душата ми леташе и внатре во себе си велев: „Дојде мојата ѕвезда!“ Чувствував дека ме влече да отидам кај неа, заминувајќи од земјата. Голема радост чувствував кога ја гледав. Не сакав да размислувам на своите гревови, затоа што, ви реков, тие би ме оттргнале од таа тајна. Еднаш, само еднаш ја почувствував празна, не блескаше, не беше полна. Беше од обратната страна. Не обрнав внимание, се завртев на другата страна, поразговарав со сестра ми за разни работи. После кратко време, видов дека ѕвездата повторно силно блеска. Повторно уште пожива радост настапи во мене.
За цело тоа време имав ужасни болки по целото мое тело. Другите мислеа дека умирам, а јас се бев предал на Божјата љубов. Не се молев да ме ослободи од тие болки. Мојата страсна желба беше да ме помилува. Се потпрев на Него, чекав да почне да дејствува Неговата благодат. Не се плашев од смртта. Ќе одев кај Христос. Како што ви реков, постојано си ја кажував таа молитва на свети Симеон Нов Богослов, но не со себељубие, не да ми го врати здравјето. Ја чувствував збор по збор.
Извор: Маран Ата