логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

crkovna.trad.sk5.jpg

crkovna.trad.sk12.jpg


crkovna.trar.sk.jpg

crkovna.trad.sk14.jpg

Скопскиот регион, како област со православно религиозно убедување, е наследник на сакрални градби од сите историски епохи на целата своја територија, од сите типолошки варијанти со византиска естетика, почнувајќи од ранохристијанскиот период до денес. Од историските извори дознаваме дека уште во ранохристијанскиот период Скопскиот регион во црковен поглед бил добро организиран. Скупската епархија уште во средината на V век прераснала во митрополија.

Црковното културно наследство на македонскиот народ е одраз на неговата сопствена културна традиција, тоа е збир од вредности кои тој ги создавал низ вековите на своето постоење. Црквата одиграла голема улога во зачувувањето и зацврстувањето на националниот идентитет на македонскиот народ. На ветрометината на историјата каква што ја имал Скопскиот регион, црковните споменици во своето драматично минато преживеале многу бурни векови и својата убавина и вредност уште можат да ја подарат на новото време. Нашиот народ, успевајќи да ги зачува од пропаст, влегол во кругот на цивилизираните и самосвесни нации. Народот во нив го овоплотил сиот свој творечки гениј: филозофија - религија, градителство, писменост, сликарство, резба, оставајќи зад себе ремек дела со енциклопедиско значење. Црковните градби во регионот се групирани, главно, во три области - во самиот град, во подножјето на Скопска Црна Гора и по долината на реката Треска. Храмовите биле убаво украсени и секогаш ги следеле новите текови и достигнувања на двете главни византиски средишта - Константинопол и Солун, како во архитектурата и живописот, така и во декоративната пластика која најмногу е изразена во црковниот мебел кај кој особено место зазема олтарната преграда. Древните познати и непознати мајстори, живописци, иконописци, копаничари, понесени од исконската идеја за победа на животот над смртта, ги украсиле своите богомолки со најубави фрески, камена пластика, икони, копаничарски творби, со што се сместиле на врвот во колективната светска меморија преку црквите: Св. Пантелејмон - с. Нерези, Св. Никита - с. Горњани, Св. Димитриј - Марков манастир, Св. Андреа - р. Треска, Св. Архангели - над с. Кучевиште, Св. Спас - Скопје и др.

crkovna.trar.sk1.jpg

ЕПИСКОПИЈАТА СКУПИ ОД IV до VI ВЕК

Одгласите за религијата на спасот непосредно продреле во античката провинција Дарданија и првото христијанизирање се случило во времето на римската доминација на овие простори. Со генијалниот потег на мудриот владетел Константин и признавањето на христијанството со Миланскиот едикт во 313 година, во Македонија започнува нова епоха - христијанска, византиска. Во IV век, во провинцијата Дарданија, најдобро организираната христијанска заедница се наоѓала во нејзиното главното управно средиште, градот Скупи, како епископско седиште.

Значаен придонес во одлуките на ранохристијанската Екумена дале скупските митрополити: Дакус на Никејскиот црковен собир во 325 година, Парегорие на вториот црковен собир одржан во Сердика во 343 година, Урсулие во 458 година, Јован на синодот во Скупи во 494 година. Во 451 година Скупи прераснал во митрополија. Катастрофалниот земјотрес од 518 година го прекинал добро организираниот и развиен црковен живот во Скупи.

Во црковните реформи во VI век (во 535 година) што ги извршил царот Јустинијан I, со Новела XI ја основал самостојната архиепископија Јустинијана Прва, за вечни времиња и под нејзина јурисдикција влегла и провинцијата Дарданија. Активноста на оваа црковна институција била прекината во 602 година.

Траги од еднобродни цркви и ранохристијански базилики на територијата на Скопскиот регион се забележани на повеќе локалитети: Арачиново - "Црквиште", Грчец Долни -"Манастириште", Драчево - "Црквиште", Орман - "Коњушница", Орман - "Давина, Маркова кула", Бадер - "Смрѓец" (IVв.), Говрлево - "Градиште", Зелениково -"Црквиште", Скупи - "Базилика И", Чучер - "Давина" Базилика А и Б, Драчево - "Пеленица", Драчево -"Црквиште", Малчиште (Маркова Сушица) - "Марково кале" и др.

Од нивната внатрешна декорација се најдени остатоци од делови на олтарни прегради - темплум, кои симболично ја обележувале границата помеѓу двата света - материјалниот и духовниот. Нивната орнаментика е симболична и, главно, преовладува крстот, кругот, квадратот, ромбот, потоа зооморфни и вегетабилни претстави. Орнаментиката е декоративна, во плиток релјеф, дводимензионална, орнаментална и графичка, нема иконографија, а ја прикажува само суштината на Христовото учење.

СКОПСКАТА ЕПАРХИЈА ОД IX ДО XII ВЕК

Традицијата на активен црковен живот во Скопје и околината продолжува и кога територијата на Македонија, по повторното христијанизирање, влегува во византиската културна сфера (864 год.). Во X век Скопската епархија веќе е во рамките на Самоиловата автономна црковна организација - патријаршија, со црковно - словенски богослужбен јазик. Границите на Скопската епархија најверојатно се совпаѓале со границите на воено - цивилната територија чие седиште било Скопје.

Скопската епархија е наброена меѓу останатите 14 епархии на Самоиловата патријаршија, во апсидата на катедралната црква Св. Ахил на островот Аил, во езерото Мала Преспа. Исто така, се претпоставува дека во тоа време скопското епископско седиште е манастирската црква Св. Ѓорѓи - Гор".
Градот Скопје во 1004 година преоѓа под византиска управа, а од 1018 и целото Самоилово царство. Во 1019 година Охридската патријаршија е сведена во ранг на архиепископија како легитимен наследник на архиепископијата Јустинијана Прима под чија јурисдикција останале 31 епархија, меѓу кои и Скопската. Епархиските архиереи биле избрани од синод, а ракоположувани од архиепископот во содејство на повеќе епископи. Под надлежност на епископот биле сите храмови, манастири и други црковни установи во епархијата. Епархиите биле поделени на протојерејства, во зависност од бројот на градовите во епархијата. Христијанската уметност во Македонија во времето на византиската доминација започнува новата епоха. Градот Скопје во времето на Комненската династија достигнува највисок подем во уметноста. Во тој период биле изградени повеќе импозантни градби, црквите Св. Богородица, Св. Архангел Михаил, а била обновена и црквата Св. Ѓорги Горг, но до денешно време опстоила единствено црквата Св. Пантелејмон во Горно Нерези, на Водњанскиот рид, југоисточно над Скопје.

МАНАСТИРСКАТА ЦРКВА СВ. ПАНТЕЛЕЈМОН  - с. НЕРЕЗИ

crkovna.trad.sk10.jpgМанастирската црква Св. Пантелејмон е еден од најмонументалните православни средновековни споменици во Македонија. Оваа црква е еден од најпрепознатливите и светски најпознат претставник на византиското комненско сликарство. Се наоѓа на североисточните падини на планината Водно, на 8 км. југоисточно од градот Скопје, во селото Горно Нерези. Црквата ја подигнал принцот Алексиј Комнен, во 1164 година, во пурпур родениот син на Теодора, ќерка на Византискиот цар Алексиј I Комнен, во време на игуменот Јоаникиј, и ја посветил на заштитникот на здравјето св. Пантелејмон.

Црквата е изградена според цариградското решение на познатата Неа, во византиски стил, впишан крст во правоаголна основа со четири оддели во аглите, куполно надвишени, од кои централниот дел е висок и осмостран, а другите се четиристрани. Нартексот е на западната страна и три апсиди на источната страна од кои централната е петтострана, а страничните се тристрани. Фасадата е полихромна, градена од наизменични редови камен и тула поврзани со малтер, расчленети со бифори, трифори, архиволти и цикцак линии.

Фреско-живописот се означува како "комненски". Анонимите на принцот достојни сликари од цариградско потекло, учени, со висока теолошка наобразба, ги испикале ѕидовите на храмот со слики од приказната за животот и смртта според Светото писмо и Никодимовото евангелие, во чија драматичност е допрено човечното, најсилно во сцените: Сретение, Симнување од крстот и Оплакувањето на Христос.

Стилските белези на комненското изразување линеаризмот, графицизмот, експресионизмот и драматичноста во композициите претставени со ставови, изрази на лицата, гримаси, гестови, точно геометриски пресметани, симетрија, мал број на учесници во сцените, го искачиле овој споменик на највисокиот пиедестал на светската средновековна уметност. Фигури предадени во преден план на светло синиот фон, лесни, витки, подвижни, најчесто претставени фронтално или во тричет-вртински профил, а во зависност од просторот каде што се одвива настанот сликана е архитектура, ридови кои се испреплетуваат како бранови. Сето ова го чини ова сликарство различно од другите споменици.

За разлика од живописот, мермерната олтарна преграда е решена во духот на златното време на византиската јустинијанова епоха, плиток релјеф со старохристијански зооморфни и вегетабилни мотиви на парапетите, троделен преплет на столпчињата, палметни орнаменти на архитравот фланкирани со фреско-иконите на Богородица и патронот на храмот, Св. Пантелејмон, сместени под штукатурни рамки со импозантна убавина. По земјотресот во 1555 година, оваа црква е обновена, а горните партии и нартексот се пресликани. Од живописот изведен во XVI век особено импресионира ликот на Архангел Михаил, претставен во нартексот, десно од влезната врата која води од нартексот во наосот. Од истиот период потекнуваат и дрвените царски двери, несомнено, дело на непознат копаничар од Охридската резбарска работилница.

crkovna.trad.sk2.jpg

СКОПСКАТА ЕПАРХИЈА ВО XIII И XIV ВЕК

Во XIII век градот Скопје е најмногу освојуван град на Бал-канот - повеќепати преоѓа од една во друга политичка и црковна доминација. Византија постепено ги губи балканските простори, многу цркви и манастири биле разурнати или запустени. Во 80 - тите години на XIII век, северните делови на средновековна Македонија со градот Скопје потпаднале под српска управна власт. Скопската епархија е одземена од Охридската архиепископија и е приклучена кон Српската, потоа е поделена на 4 епархии кои ги претставувале областите околу Скопје, Жеглигово, Овче Поле и Пореч, а византиските црковни старешини биле заменети со српски достоинственици. Кралот Милутин ги затекнал со мошне развиен црковен живот и уште од самиот почеток се зафатил со обновување на старите и градење на нови цркви во Скопје и околината. Во неговата повелба од 1300 година се спомнати сите цркви од XIII век што постоеле во Скопје. Значајно е тоа што во сигнирањето во фреско-живописот во областа на Скопската епархија за првпат е воведен словенскиот јазик. Значително обемната градителска дејност во Скопје и Скопско што ја поттикнал кралот Милутин денес е видлива само на мал дел сочувани споменици кои се наоѓаат на врвот на творештвото на византискиот културен свет. Ктитори се владетелот и високиот аристократски слој. Најдобрите мајстори од водечките византиски градителски средишта ги споиле двата карактеристични византиски стила - престолничкиот и провинцискиот, следејќи ги примерите на солунските, а особено керамопластичната концепција на епирските цркви. Зачуваните цркви од XIV век, во основа, се градби со впишан крст, надвишени од висок осмоаголен тамбур потпрен на слободни столпци, градени од камен и тула, со керамопластична декорација на фасадите: Св. Никита - с. Горњани 1307/8 година (оживеана со тристапални ниши), Воведение Богородичино (Св. Спас) - с. Кучевиште (со длабоки ниши на петтостраната апсида), 1308 година, Св. Никола - с. Љуботен, 1337 година (фасадата е расчленета со лизени, големи архиволти, а на апсидата правоаголни ниши), Св. Димитрија - Марков манастир, 1345-1377 година (со академско решение на фасадата со пиластри и лакови кои се геометриски беспрекорно изведени и сосема точно одговараат на внатрешната структура на градбата), Св. Андреј - р. Треска, 1989 година (раздвижена со многубројни ниши, правоаголни или полукружни, со пиластри и ниши на кат, ритмички распоредени). Живописот во сите овие цркви е изведен од врвни зографи - почитувачи на византиската традиција. Периодот кој следи е означен како "палеологовски" стил во уметноста - сликарство во кое преовладува наративноста, се намалува површината на сликата, а се зголемува бројот на сцените и фигурите, потоа се сликаат сцени вдахновени со текстови на црковна поезија итн.

Во 1346 година кралот Душан свикал црковен собор во Скопје на кој со поддршка на Трновскиот патријарх Симон и Охридскиот архиепископ Николај, Српската архиепископија е подигната на степен Патријаршија, а Скопската епархија е подигната на степен Митрополија на чело со митрополитот Јован. Настаните се одвивале во скопската катедрална црква Св. Богородица Троеручица. Митрополијата била составена од четири епархии:  Морозвиска, Жеглиговска, Злетовска и Долнополошка.

ЦРКВАТА СВ. БОГОРОДИЦА - С. МАРКОВА СУШИЦА

crkovna.trad.sk6.jpg

Единствена сочувана црква од крајот на XIII или почетокот на XIV век во Скопско е Св. Богородица, во селото Маркова Сушица, која кај месното население е позната и под името Св. Никола. Се наоѓа во близината на Марковиот манастир во селото Сушица, на левата страна на селскиот пат што води од селото кон манастирот, а на десниот брег на Маркова Река.

Еднокорабната засведена црква Св. Богородица, на источната страна завршува со трапезоидна апсида, а на западната страна со правоаголен нартекс подоцна дограден и посветен на Св. Никола. Датирањето е извршено и врз основа на стилската анализа на живописот во 80-тите години на XIII век.

crkovna.trad.sk7.jpg
Живописот во црквата Св. Богородица не припаѓа на ниедна хомогена група од тој период и ги следи и негува традиционалните решенија, со намалување на форматот на фигурите и зголемување на нивниот број во композициите, распоредени главно во по две групи, поставени едни наспроти други. Формалниот проблем на новата уметност се сведува се повеќе на една тема која е опишувана со многу сложени елементи на пејзажи и архитектура. Во чудната мешавина на јаки бои и нападни светло - темни контрасти, се чувствува извесна тенденција кон помазни и поцврсти форми. Доминира сино-зелената гама и ретки иконографски детали од архаично потекло. Тоа е преоден период во фреско-сликарството помеѓу комненскиот и палеологовскиот стил. Сигнирањето во фреско-живописот е на црковнословенски јазик. Доминираат илустрации од животот на Богородица.

МАНАСТИРСКАТА ЦРКВА СВ. НИКИТА - с. БАЊАНИ

crkovna.trad.sk4.jpg

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Главен репрезент на палеологовското ренесансно сликарство во Скопскиот регион е црквата Св. Никита, со живопис кој импресионира со својата убавина, дело на најугледните средновековни зографи Михајло и Евтихиј од 1320 година. Манастирската црква е сместена на југозападните падини на Скопска Црна Гора, на тромеѓето меѓу селата Бањани, Горњани и Чучер, оддалечена 15 км северозападно од Скопје.  Оваа црква е обновена за време на големите реставраторски зафати на кралот Милутин во 1307/8 година и со кралска повелба подарена како метох на кулата Хрусија во близината на манастирот Хилендар на Света Гора. Според еден натпис, во 1484 година црквата е поправана и еден мошне добар сликар направил реконструкција на живописот.

Црквата Св. Никита е мала по димензии, од типот впишан крст во правоаголна основа надвишена со цилиндрична купола носена од четири квадратни столпци кои ја делат оваа црква на три брода. Фасадата на градбата е оживеана со тристрани ниши на трите страни и на апсидата која има и керамодекорација.

Опширната наративност во XIV век доминирала во повеќе цркви во Македонија, а живописот во црквата Св. Никита спаѓа во најдобрите остварувања во средновековното византиско сликарство. Форматот на композициите значително се намалува, а бројот на фигурите се зголемува. Логиката на излагањето на фреските во Св. Никита се покажува како класичен пример на систематскиот распоред на новата тематика во ренесансните храмови на Палеолозите. Сликарите Михајло и Евтихиј еволуирале кон класицизмот, смиреност и одмереност на формите, нивната префинетост се објаснува со конформизмот на нивниот статус на дворски мајстори на кралот Милутин, како и на усогласувањето со водечките цариградски тенденции на еден маниризиран стил. Карактерот на нивното сликарство најсилно е изразен во комплицираните композиции со многу личности: "Тајната вечера", "Свадбата во Кана", "Изгонувањето на трговците од храмот". Тоа се мотивите во кои најдобро можат да се покажат ефектите на групирањето на човечките фигури во просторот, обработени според примерите од постарото минијатурно сликарство. Нивната рака се препознава во живописот на повеќе цркви во Македонија и пошироко: Св. Богородица Перивлепта (Св. Климент) во Охрид, Св. Ѓорги во с. Старо Нагоричане, Св. Богородица Левишка во Призрен, Јоаким и Ана во Студеница итн.

Стариот живопис страдал во приземјето, северните делови на сводовите, куполата и во сводот на апсидата, каде што вештиот сликар, во манирот на XV век, мошне умешно извршил поправки. Педантноста и маниризмот на ова сликарство му даваат репрезен-тативен карактер. Обидот на сликарот за реалистично прикажување е колеблив и главно се сведува на поконкретни описи на архитектурата, пејзажот, одеждите и физиономиите на ликовите, а главните личности во поворките и настаните вешто се издвоени и обележани. Неговите достигнувања особено се истак-нати во свечениот лик на архангелот Гаврил со жезло и сфера.

Во зимата 1846/47 Димитрија Дичо Зограф и неговите сора-ботници ги изработиле иконите за иконостасот во црквата. Меѓу потпишаните и датирани негови икони е и иконата на Св. Јован Претеча, 20 декември 1846 година.

ВОВЕДЕНИЕ БОГОРОДИЧИНО (СВ. СПАС) - с. КУЧЕВИШТЕ

Средновековната црква посветена на празникот Воведение Богородичино, денес позната под името Св. Спас, се наоѓа во селото Кучевиште, на падините на Скопска Црна Гора, на 16 км северозападно од Скопје . Од фреско-натписот на словенски јазик, изведен во наосот, дознаваме дека за внатрешната декорација свои средства вложиле повеќе ктитори: властелинот и жупан Радослав, Асен, Радослав и Владислава, а во натписот над јужната врата од надворешната страна на црквата се споменуваат Владислава и нејзините деца Иван и Димитар.

Црквата Воведение Богородичино во основа е впишан крст надвишен со купола потпрена на слободни столпци. Големата апсида на црквата од внатре е полукружна, а од надвор е петтострана со длабоки полукружни ниши и богато е декорирана. Во текот на своето вековно постоење црквата неколкупати претрпела интервенции. Нартексот дополнително е изграден во периодот меѓу 1335 и 1338 година и тој е чудна троделна просторија со еден надолжен свод. Над овој централен простор е изграден еден параклис посветен на Св. Никола. Пред нартексот има простран трем ѕидан подоцна. Страничните ѕидови на црквата се изведени со повеќестапални конхи. Црквата е градена од камен и тули во структура - енкадре.

Живописот во црквата потекнува од XIV век и е изведен од повеќе спикари. Во наосот го сликале најмалку двајца мајстори, со стремеж кон нагласена наративност, обидувајќи се традиционалната и секогаш повторуваната иконографија да ја прошират и оживеат со дополнителни сцени, пролози и епилози, така што кон секоја сцена од циклусот Големи празници се додадени една или две слики со кои се развива приказната за настанот. На пр., со Крштевањето е сцената Разговор на Јован со народот итн. Поточно, тој нов систем на живописците на Богородичиното Воведение (Св. Спас) довело до тоа да се измеша континуитетот на византиското читање, на сводот да ги сместат сцените од празниците, на ѕидните површини воведите или епилозите, односно Преображението да се слика по Лазаревото Воскресение или Вознесението пред Воскресението.

Дека првобитната црква била посветена на Воведението Богородичино докажуваат сцените од Богородичниот циклус распоредени во целата црква - наосот, олтарот и проскомидијата. Во ѓакониконот се сликани сцени со родителите на Богородица. Воведението на Богородица е сликано над јужната врата во наосот, компонирано како посебна слика, можеби дури и како икона одвоена од ритамот на другиот живопис.

Во нартексот се распознаваат сцени од псалми од кои останале само последните сцени и стоечки фигури на светители. Живописувањето на капелата на катот, посветена на Св. Никола, според еден натпис во црквата е изведено во 1501 година. На западната припрата е вршено доѕидување и живописување во XVI и XVII век.

Во 1845 Димитрија Дичо Зограф, со помош на соработниците, го обновил иконостасот во црквата. Дичо Зограф ја изработил олтарната врата со претставата Архангел Михаил ја одзема душата на богатиот.

ЦРКВАТА СВ. НИКОЛА - с. ЉУБОТЕН

crkovna.trad.sk8.jpg

На 13 км северозападно од Скопје, на падините на Скопска Црна Гора, во селото Љуботен се издига убавиот средновековен храм посветен на св. Никола. Според врежаниот натпис на камениот надвратник над влезната врата, црквата е изградена од средствата на госпоѓата Даница и нејзините синови Бојко (господар на Матка) и Димитар (господар на Звечан на Ситница), во времето на владеењето на српскиот крал Стефан Душан во 1337 година, а живописот е изведен во времето на Царството по 1346 година.

Долги години црквата Св. Никола во своите горни делови била разурната и живописот бил изложен на атмосферски врнежи поради што претрпел големи оштетувања. Во 1928 година е направена една многу произволна реконструкција на градбата.

Црквата Св. Никола архитектонски е комбинација на трибродна базилика со впишан крст, со октогонална купола на пандантифи која се потпира на четири слободни квадратни столбови, со скулптирани зооморфни и вегетабилни претстави на капителите. Петтостраната апсида е многу грижливо градена, украсена со правоаголни ниши, а во горниот дел со керамодекорација во вид на крстови, шаховски полиња, квадратчиња. Над главната влезна врата во црквата е големиот окулис на тимпанонот. Црквата е градена од камен и тули, фасадата е расчленета со лизени, со големи архиволти.

Живописот во Љуботен припаѓа на златниот век на средновековната уметност во Македонија. Тој ги најавува особините на доцниот стил во сликарството на XIV век и има огромно значење за иконографските студии. Колоритот во ова сликарство е ладен, со хармонија на сино, зелено и сиво и многу ретко со црвени акценти и светол окер, а во целина и со светли интонации. Спикарството во оваа црква делува како дело на еден сликар, најверојатно од охридската сликарска школа, кој иконографски нуди неколку нови мотиви, детали од фолклорниот реализам и сцени во врска со апокрифната смрт на Богородица. Овој живопис се карактеризира со пренатрупаност на фигури, а наративноста оди во детали, вклучени се жанр-мотиви во композициите Свадбата во Кана и Исцелување на болниот од водена болест. Живописот во црквата Св. Никола е изведен околу 1348 година, датиран според ликот на младиот крал Урош кој е сликан како младо момче. Урош е роден во 1337 година кога црквата почнала да се гради. Сигнирањето е изведено со грчко и кирилско писмо.

МАНАСТИРСКАТА ЦРКВА СВ. ДИМИТРИЈА - с. СУШИЦА

crkovna.trad.sk9.jpg

На 20 км југозападно од Скопје се наоѓа селото Сушица во чиј атар, во близината на Маркова Река, се издига велелепното здание - Марковиот манастир со црквата Св. Димитрија. Во фреско-записот над јужната врата во внатрешноста на црквата, испишан на старословенски јазик, е забележана 1345 како година кога црквата почнала да се ѕида во времето на кралот Стефан Душан, а била целосно изградена од страна на Волкашин и неговиот син, Марко, во 1377/8 година.

Марковиот манастир во текот на целото свое постоење не бил запуштен. Во него живееле бројни монаси и игумени кои покрај другото се занимавале и со препишување, а манастирот располагал со голем број книги. Познат е Торжественикот од XIV век кој се чува во Хлудовата библиотека во Москва, чии препишувачи се Маниша и Доброслав, а третиот потпис е нејасен. Во почетокот на XIX век овде престојувал македонскиот преродбеник - книгописец Кирил Пејчиновиќ, кој бил игумен во Марковиот манастир од 1802 до 1818 година и каде што го создал своето дело "Огледало" во 1816 година.

Црквата Св. Димитрија е од типот впишан крст во правоаголен простор со висока октогонална купола, носена од четири октогонални столбови со пластично решени капители. Апсидата од внатре е полукружна, а однадвор петстрана. Нартексот завршува со слепа калота носена од пандантифи, надворешно тоа е кубична маса со четири калкана. Северно и јужно во нартексот има по еден полукружен свод. Според начинот на градењето, црквата е блиска на престолничката традиција, со академско решение на фасадата, со пиластри и геометриски лакови кои се беспрекорно изведени и сосема точно одговараат на внатрешната структура на градбата и керамопластичната декорација на горниот ред на украсните ниши на апсидата. Во 1830 година, на западниот влез на црквата, Авзи Паша и доѕидал правоаголен трем, боен со црвена боја.

Олтарниот простор од наосот е одделен со иконостас ѕидан од камен, висок еден метар, со четири октогонални столпчиња од камен со орнаментални капители, повиени листови од кринови кои носат профилиран архитрав од камен, а парапетните плочи стојат на профилиран степен. Царските двери се мали, ниски, масивни, над нив е архиволта и крст без пиедестал. Потекнува од времето на градењето на црквата од XIV век.

Живописот во црквата го извеле две групи на мајстори кои многу се разликуваат по својот ракопис. Во горните зони сликаат зографи од Охридската сликарска школа, а во долните зони зографи од монашка школа, идентификувани во регионот на Скопската митрополија. Школуваните зографи, во создавањето на ликовните дела, ја користат црковната поезија на учените теолози, особено: химната на Богородичниот акатист, Небескиот Ерусалим, а посебна целина претставува Божествената литургија. Потоа, во нартексот се сместени житијата посветени на светителите св. Никола и св. Нестор, на патронот на црквата св. Димитрија, скратената верзија на календарот на византиската црковна година итн. Воликовните сфаќања, исихастичката еманација на божествената светлина е искажана со силни бели намази кои го преобразуваат просторот и фигурите. Монашката група на сликари посветила повеќе внимание на декоративниот изглед на претставите, нивните фигури се стојни, ниски, набиени, со големи глави, речиси без врат, облечени во шарени одежди.

МАНАСТИРСКАТА ЦРКВА СВ. АНДРЕА - р. ТРЕСКА

crkovna.trad.sk11.jpg

На излезот од живописната клисура на реката Треска, на нејзиниот лев брег, со векови восхитува со својата убавина малата манастирска црква посветена на Христовиот првопозван апостол Андреа. Денес таа се наоѓа на брегот на акумулационото езеро Матка, на 17 км западно од Скопје.

crkovna.trad.sk3.jpg
Во зачуваниот натпис над западната влезна врата, од внатрешната страна, стои дека оваа манастирска црква ја подигнал во 1389 година Андреаш, вториот син на кралот Волкашин. Еден друг натпис кој тече како фриз низ целата внатрешност и надворешност на црквата ги забележува местата кои ктиторот како имот му ги дарувал на манастирот. Во натпис над нишата во проскомидијата се соопштуваат имињата на сликарите кои го живописале овој храм - митрополитот Јован зограф и Григорие монах и на монасите Калест Кирил и братијата што, исто така, вложиле труд и средства за подигање на црквата. Натписите се изведени со црковно-словенско и грчко писмо.

Црквата Св. Андреа е мала по димензии градба и претставува комбинација на издолжен триконхос и слободен крст. Над средниот дел се издига купола на висок тамбур Фасадата на црквата е раздвижена со многубројни ниши, правоаголни или полукружни, со пиластри и ниши на кат, ритмички распоредени.

Во фреско-живописот зографите го негуваат монументалниот стил инспириран од сликарството на XIII век. Фигурите се со голем формат, претставени во просторот, а не во рамнина. Зографите направиле обид да прикажат алузија на длабочина преку движења и скратувања на фигурите, иако недоволно ги познавале законите на перспективата. Фреските: Тајната вечера, Молитва во маслиновата гора, Миење на нозете и Симнување од крстот, заземаат значајно место во историјата на уметноста, и во нив, митрополитот Јован Зограф, експериментирајќи го изразил во потполност својот уметнички талент. Тој, заедно со членовите на својата бројна сликарска работилница, оставил значајни дела со кои влегува во секоја антологија на византиската уметност.

До црквата е доѕидана припрата кон средината на XVI век и таа има правоаголна основа, засводена со полукружен свод. Живописот во припратата е изведен во 1559/60 година, според долгиот натпис испишан во форма на лента над втората зона на источниот ѕид. Најинтересна одлика на живописот во припратата на црквата Св. Андреа е извесната монументалност која инаку не го карактеризира сликарството на XVI век, туку желбата на нарачателите новиот живопис да се усогласи со оној во наосот. Мајсторите, иако талентирани, не успеале ни од далеку да им се доближат на своите примери.

crkovna.trad.sk15.jpg

Посети:{moshits}

Текст: Музеј на град Скопје

Фото: ПреминПортал

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3213
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7697
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

22/12/2024 - недела

Божикен пост (на риба)

Зачнувањето на Света Ана; Св. Ана, мајката на Пророкот Самуил; Преп. Стефан Новосјаен; Св. Софрониј, архиепископ Кипарски;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Се зарадува душата твоја во Господа,а таа радост по твоите молитви Христос ја пренесе на верните свои,о Ано смирена слугинко...

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Како првоповикан меѓу апостолите,и брат на врховниот апостол,Андрее, моли го Владиката на сите,мир да ѝ подари на вселената,и на душите...

Тропар на светиот Христов маченик Парамон и другите 370 маченици 29 ноември / 12 декември 2024

Тропар на светиот Христов маченик Парамон и другите 370 маченици 29 ноември / 12 декември 2024

Исповедниче на вистината, сведоку на благодатта, проповедниче на слободата, Парамоне свети мачениче, трубо Божја за сведоштво,оправдание на твоите триста и седумдесет

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная