Цветници (11.04.2020 16:57)
Зошто истите луѓе што Богочовекот Христос Го прославуваа при влезот во Ерусалим, по кратко, бараа од Пилат да Го распне наместо разбојникот Варава? Затоа што луѓето, од самољубие, сакаат да учествуваат во Неговата слава, но не сакаат да учествуваат и во Неговото страдање.
Избирајќи Го и посветувајќи Му се со љубов на Господ Христос, ние влегуваме во судир меѓу безверието и верата, меѓу стравот и храброста, меѓу схоластицизмот и духовноста, меѓу учењето за создадените и несоздадените Божествени енергии, меѓу рационализмот и опитот, меѓу Варлаам и Григориј Палама, меѓу царството земно и Царството Небесно, меѓу предавството и лојалноста.
Затоа, само една поделба постои: меѓу нас кои сме Христови – од една страна, и оние кои Го предаваат и Го распнуваат – од друга страна. Многу убаво се отсликаа, самите себе, во црковно-административната пракса, при последните случувања, и предавниците и распнувачите – едните ја оневозможија Заедничката Чаша, а другите го оневозможија Телото Христово на едно место.
Некои од оние Помесни Цркви што ги затворија храмовите за богослужба, сепак, го направија тоа со расудување – немаше потреба од јавно противење на наредбите од световните власти и на масовната паника за состојба за која се знае дека е привремена. Што се однесува до нас, битно е дека и на оваа проба МПЦ – ОА се покажа достојна на своето Апостолско Преемство и Предание.
(дел од беседата на Митрополитот Струмички Наум)