Страшна е потребата на човекот да се самооправдува; за мене, дури најпогубната појава од сите гревовни појави во човековиот душевен и ментален свет. Самооправдувањето е главна карактеристика на паднатиот човек, на неговиот паднат ум.
И самиот пад на човекот не се случи со земањето на забранетиот плод, туку токму со самооправдувањето: „жената, која Ти ми ја даде, ме прелажа“, како и: „змијата ме измами, и јас јадев“ (види: 1 Мој. 3, 12–13). Самооправдувањето, поврзано со осуда на другиот, а најчесто е така, е моментално отпаѓање од Бог.
Самооправдувањето го обесмислува целиот христијански психотерапевтски метод – петте контролни точки (ПКТ), преку кои се надминува секое можно искушение. Доколку го осудиш другиот, го оневозможуваш целиот психотерапевтски процес: не можеш ништо да прифатиш како дар Божји, не можеш да Му заблагодариш на Бог за сѐ, не можеш а да не покажеш дека си во искушение, и не можеш да го искористиш искушението како подлога за молитвено всебевраќање и преобразување.
Самооправдувањето е одрекување од Богочовекот Христос како наш урнек, одрекување од Божјата правда за себе и за светот, и воведување нов критериум – паднатиот човек и неговата правда кои се – ништо друго, туку враќање на злото со зло.
Самооправдувањето, поврзано со осудувањето на другите, е најпрепознатлив знак на духот на антихристот. Самооправдувањето е воведување на демонот како критериум на нашиот живот.
Самооправдувањето е привремен прекин на протокот на Божјата благодат во нас, додека осудувањето на другите е директно отпаѓање од Бог. Самооправдувањето е патот до пеколот и врата на вечниот пад.
Како, начелно, треба да постапуваме кога некој ќе нѐ опомене или укори поради некое наше дејство? Без оглед – дали е во право или не, првиот наш и единствен збор треба да биде „прости“, без никакво дополнително објаснување. Објаснување даваме само доколку тој што нѐ опоменал или укорил го побара тоа од нас. Објаснување без да е тоа побарано, го поништува зборот „прости“.
Пресвета Богородице, спаси нас!
Избор од фб профил на