Поминувајте го времето на своето живеење со стравот ( I Пет. 1,17)
Ова се зборови на големиот апостол Петар, зборови кои имаат двојна потврда: небесно вдахновение и сопствено искуство. По небесното вдахновение простиот рибар Петар, стана учител на народот, столб на верата, силен чудотворец. По сопственото искуство тој дозна дека сета негова мудрост и сила е од Бога и одтаму треба во себе да го има стравот Божји. Никаков друг страв, туку стравот Божји.
Лудиот се плаши само тогаш кога молњата ќе севне и громот ќе пукне, а мудриот се плаши од Бога секој ден и секој час. Творецот на молњата и громот пострашен од обете, а Тој не се појавува пред тебе од време на време, како молња и гром, туку непрестано е пред тебе и не се трга од тебе. Затоа не е доволно само од време на време да се има страв Божји туку со стравот Божји да се дише. Стравот Божји е озон во задушливата атмосфера на нашата душа. Тој озон донесува чистота и леснотија, и благагоухана миризба, здравје. Се додека не се утврди во стравот Божји, Петар беше само Петар, а не апостол и јунак и учител на народот и чудотворец.
О, браќа мои, да не се веселиме пред жетвата. Овој наш живот не е жетва, но сеидба, и труд и зној и страв. Градинарот живее во страв се додека не ги собере плодовите од нивата. Да ја оставиме и ние веселбата за ден на жетвата, а сега е време на трудот и стравот. Дали ќе бидам спасен? Тоа прашање треба секого да го мачи исто онака како градинарот го мачи прашањето: дали ќе го пожнеам плодот од мојот труд на нивата? Секој ден градинарот се труди и стравува. Да се трудиме и ние и да стравуваме сето време од своето живеење на земјата.
О, Господе страшен и силен, сочувај не во стравот Твој. Тебе слава и благодарност во веки. Амин
Извор: Жита на светиите