Струмичките археолози, и покрај очекувањата, не добиле попрецизни сознанија од периодот на владеењето на македонскиот цар Самоил, но откриле остатоци од црква, која според фрескодекорацијата, датира од 13. век
На археолошкиот локалитет Цареви Кули кај Струмица постоела култура стара седум илјади години. Доказ за тоа е и неодамна откриената праисториска населба од доцниот енеолит, односно од првата половина на петтиот милениум пред нашата ера.
- Наидовме на елементи од најраниот енеолит на овие простори, како што се откриените женски фигури со големина од 10 до 15 сантиметри. Исто така откривме и една мошне интересна графитна слика на керамика која досега не е откриена на ниту еден локалитет од ваков тип. Вакви слични, но не исти графики, се најдени само во Кочанско и Делчевско, вели Зоран Рујак, раководител на археолошките истражувања на Цареви Кули.
Според археолозите во оваа енеолитска населба се појавуваат упади од подоцнежни периоди како што се македонско-хеленистичкиот, доцноантичкиот и средновековниот, што сведочи дека во и околу тврдината над Струмица имало живот и присуство на разни култури во еден мошне долг временски континуитет, од праисторијата до доцниот среден век.
- Мошне сме задоволни од археолошките истражувања на Цареви Кули. Ова особено се однесува на бедемското платно, на централната и влезните кули, на некрополата, на цистерната и на другите фортификациски објекти. Меѓутоа, иако очекувавме многу, сепак не добивме попрецизни сознанија од периодот на владеењето на македонскиот цар Самоил. Но, затоа пак, пријатно сме изненадени од откритието на остатоци од црква која според фрескодекорацијата датира од 13. век, што го потврдува фактот дека во овој период, покрај Охрид, Струмица била еден од главните христијански центри во Македонија, изјави за МИА Славица Тасева, директор на Заводот и Музеј во Струмица.