ЉУБОВТА Е НАД СЕКАКОВ ТИПИК
Голема работа е постот, но уште поголема е љубовта. Ако со постот се изгонуваат демоните, се скротуваат страстите, телото се смирува, духот се средува, со љубовта Бог се вселува во човекот. Господ го назначил постот како неопходен, но љубовта ја истакнал како главна заповед. Во првата половина на XIX век во Охрид владеел Џеладин-бег, одметник од султанот и самостоен господар, а со Црквата во тоа време управувал митрополит Калиник. Џеладин-бег и Калиник, иако од разни вери, биле многу добри пријатели и честопати се посетувале еден со друг.