Митрополит Методиј - ЦРКВАТА И МЛАДИТЕ
Поттикнати од вродената наклоност кон историскиот оптимизам често правиме проекции на својата благочестива надеж за опстојување на Црквата сé до исполнувањето на времето. До светата парусија. А со неа и целиот багаж на идентификации што сме го избрале по некое наше паушално животно искуство. Во тие фантазмагорични филмови младите имаат исклучително важна улога и место. Сонуваме за некој нејасен, но секако подобар живот за нив. Компензација на нашите младешки фантазии, или едноставно вера во извесна, повторно нејасна, социјална еволуција. Со секоја генерација еден чекор напред. Од друга страна, кога станува збор за религиозно обазование, немаме доволно јасни аргументи, а често ни доволно ентузијазам, ниту визија, за да се посветиме на ова исклучително прашање, не за иднината на нашата религија ставајќи се во функција на некакви конфесионални навивачи, туку за спасение на конкретни, млади, човечки души. Нашите деца. Нашето потомство.
Веронаука ни е премногу тежок збор. Темен облак на блескавото небо на секуларизмот и демократијата. Имаме потреба од разблажување. Добро, нека има веронаука, но камуфлирана во некаков граѓански морал, неутрална етика или културологија во која ќе се покажеме толерантни и флексибилни, широкогради и непристрасни за она во што веруваме, или мислиме дека веруваме, или сакаме да мислат другите дека веруваме. Травестија од религиозно образование во кое веронауката, буквално, ниту ќе ја има, ниту ќе ја нема. Важно да им се даде на младите привиден впечаток дека општеството и Црквата се грижат за нивните души. Особено е бизарно тоа што и кај компетентните во Црквата, и општо во верските заедници, постои консензус и одобрување за ваквата компромисна варијанта. Компромис во којшто, како што вели Тертулијан, по правило секој го добива она што не го сака. И општеството, и религиозните заеници, и образованието, а што е најстрашно, и младите. Тука особено е добро да се потенцира заблудата што ја имаат религиозните заедници, а најчесто ја имаат, дека со воведувањето на веронауката во школите тие го решиле проблемот со својата мисија во светот.
Како да имаме некаква перверзна потреба за ги залажеме или намамиме нашите деца да "влезат" во Црквата. Малограѓански минимум од буквално физичко присуство во храмот, делеку од конкретна духовна идентификација и припадност на соборниот живот на Црквата. Измислуваме некакви младински секции, фолклорни друштва, спортско-религиозни клубови, литературни кружоци и што уште не. Случајни минувачи покрај олтарот на живиот Бог.
Младите треба да бидат во Црквата заради образување и развивање на личната литургиска култура, усовршување во верата и осознавање на најдлабоките тајни на Божјата наука. Тие не се бесловесни животинчиња што треба да се лажат со побожни лижавчиња и етички сликовници и бојанки за да дознаат во некоја неизвесна иднина, на крајот од некоја интергалактичка школска година, што е тоа религија, што е Црква и што се случува во неа, да дознаат дека освен Дарвин во човечката историја има и други објаснувања од каде потекнува човекот, и се разбира, преку тоа новостекнато знаење да се заштитат од наводното престрашување од фактот дека на светот има и други религии и философски учења. Ваквата псевдо-методологија не влегува ни под поимот религиозна мисија, ниту под поимот прозелитизам.
Религиозното образование е бесмислено и апсурдно без литургиски живот и жив опит во аскетскиот живот на Црквата. Во таа смисла вистинската веронаука започнува и го образува својот цврст темел во личноста на човекот во кругот на семејството, се развива во храмот Божји на светите богослужби, на светата Литургија, а се утврдува во образованието, во училиштето, во универзитетот, како показател за духовното здравје и културната кохерентност на општеството и државата. Секако под културна кохерентност не се подразбира заговарање за извесна форма на теократија или фаворитизам, туку имање на јасна визија за културните и духовните потреби на граѓаните на едно современо демократско општество. Со други зборови веронауката е понеопходна за општеството и образовниот систем, одошто на младите кои ќе ја изучуваат. Тие, нашите деца, веронауката можат да ја изучуваат и без религиозно образование во училиштата. Меѓутоа, ако изградиме непремостлива бариера помеѓу домашното воспитување, религиозната поука и она што децата го учат во училиштата, тогаш хаосот што го предизвикуваме во умот на воспитаниците, кризата на идентитетот и културната дезориентација ќе резултираат со катаклизмични последици. Со што ќе го облагородиме умот на младиот човек ако го научиме дека животот настанал како плод на случајност, а причината заради која постои човекот е една бесконечна временска низа од обиди и грешки во којашто најсилните успеале да преживеат и од некој понизок вид примат, повторно случајно, се развило интелигентно човечко суштетство, а истовремено? Каква ни е придобивката ако истиот тој млад човек гледа како во роршахова дамка во фреските од плафонот на Сикстинската капела, чудејќи се, на пример, што прават еден старец и едно момче што се допираат со врвот од показалецот. Дали можеби Микеланџело се инспирирал од Спилберговиот Е.Т.? И така натаму...
Дури и кога станува збор за православни христијански семејства, мошне често кон воцрковувањето на младите се гледа како на вештина со која тие треба да се пикнат (по секоја цена) во некакво религиозно трло. Некогаш тие се настојчиви дури и кога е предоцна за таков потфат. Тоа само кажува колку малку семејствата ни се црковни. Да не зборуваме за мисијата меѓу младите од нерелигиозни семејства. Тие според логиката на секуларизмот и либерализмот оставени се самите за себе да одлучуваат, самите да посакаат да веруваат, самите да се свои воспитувачи и патеводители, а потоа се чудиме што на Црквата и Библијата, па и на животот воопшто гледаат незаинтересирано или со нескриен дефетизам.
Евангелието, пак, познава само еден универзален и совршен модус за пристап во Црквата: Царството небесно прилега на трговец, кој бара убави бисери; па, штом најде едно зрно скапоцен бисер, оди и продава сé што има и го купува.
Црквата не е сервис за задоволување на пробирливите религиозни потреби, ниту е побожен Дизниленд кадешто сé е стокмено за младешките потреби на новите генерации верници. Во таа смисла и улогата на Црквата не е во намамување на верниците како зајак во стапица, туку во сведоштвото на бескрајните потенцијали на човековата слобода и високите вредносни критериуми со кои човекот треба да расте до совршената мера на Богочовекот Христос. Начинот, пак, или методот за тоа не е бубање на некои бесмислени информации, меморирање на купишта податоци од некоја за нас туѓа и далечна археологија, туку конкретен животен подвиг и опит, растење во добродетелите од кои најголема е љубовта. Само на тој начин можеме да ја сфатиме светоста и со неа да се исполниме. Само така учењето и поучувањето се реализираат како вистинско просветителство.
Пасивниот однос на современиот човек, поклоник на потрошувачката идеологија, прави тој да биде неспособен за принос, за себе-давање како единствен начин за да Го примиме Светиот Дух во нас, и преку Него да се осветиме.
Младите можат да се вратат во Црквата само ако тие, охрабрени и раководени од опитот на своите воспитувачи, доброволно и со јасно расудување го направат решавачкиот чекор кон живото учество во соборниот живот на Црквата. Не само дописно учество или симпатизерство, измешано со патриотизам и традиционалистички украси. Не како трагачи по некаков фолклорен, па попатно и метафизички идентитет.
Црквата им припаѓа на младите доколку тие ја препознаат како најскапоцениот бисер на своето постоење и бидат спремни да продадат сé што имаат, секое мнение и предрасуда, секое суеверие и страстопоклонство, за да ја стекнат неа, Црквата, како свое законито наследство. За тоа е потребна мудрост и посветеност, и од родителите, и од учителите, и од црковните пастири. Веронауката, правилно разбрана и применета, може да биде клучната состојка во образувањето и воспитувањето на нашите идни генерации. Веронауката инструирана или исползувана како помоден идеолошки тренд може да ни ги осакати децата и да ни ја уништи иднината.