Рим, 24 мај 2011 (МИА) – Во црквата „Свети Климент“ во Рим, денеска по 43. пат се одржа молебен на гробот на Свети Кирил во рамките на традиционалната манифестација „Македонија во чест на Свети Кирил“. Со молебенот чиноначалствуваа митрополитите преспанско-пелагониски и европски, г. Петар г. Пимен во присуство на повеќе свештенослужители.
На свечениот чин во базиликата, јави известувачот на МИА, присуствуваше и македонска државна делегација предводена од претседателот Ѓорге Иванов во чиј состав се министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски и претседателот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Антон Серечи. На церемонијата беа присутни и бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија Киро Стојанов и претставници на Католичката црква, како дел од црковната делегација, како и дипломатски претставници од повеќе словенски земји.
Владиката Петар на вечното почивалиште на сесловенските просветители упати порака дека само со дијалог на љубов и мудрост може да се решаваат сите проблеми на црквите и народите.
- Она што го направиле светите Кирил и Методиј за нас и за сите словенски народи – го ширеле словото Божјо, идејата Христова и ги решавале проблемите со дијалог на љубовта и мудроста, таа традиција треба да продолжи, рече митрополитот Петар.
Господин Пимен честитајќи им го празникот на сите Македонци и на сите словенски народи кои денеска го чествуваат, изрази задоволство од тоа како е организиран црковниот живот на Македонците во Италија кои во голем број присуствуваа на молебенот во Рим.
Претседателот Ѓорге Иванов на сите граѓани на Република Македонија од ова свето место каде што се моштите на Кирил им го честита празникот на сесловенските просветители.
- Ја продолжуваме оваа традиција што е воспоставена на денешен ден и особено радува фактот што денеска на чествувањето што го оджа македонската делегација на гробот на Свети Кирил беа присутни претставници од речиси сите словенски народи, изјави претседателот Иванов.
На приемот по молебенот во базиликата пред присутните гости и дипломатски претставници, македонскиот претседател Ѓорге Иванов како позитивен момент го истакна присуството на грчки дипломат на чествувањето и во контекст на тоа рече: „Ете, Свети Кирил пак не обедини сите!“, што беше поздравено од присутните.
Поклонението на гробот на Свети Кирил во Рим е централниот настан во чествувањето на Денот на просветителите Кирил и Методиј. Првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на Свети Кирил и оттогаш секоја година на 24 Мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација. Традиционално, 24 Мај беше Ден само на образовните институции и просветните работници, а од 2007 година тој е и државен празник на Република Македонија.
- Зар не паѓа дожд од Бога на сите подеднакво? Или Сонцето не свети за сите, исто така? Зар не го дишеме воздухот сите еднакво? Како тогаш не се срамите да признаете само три јазика, а за сите други народи и племиња сакате да бидат слепи и глуви? Дали Господ го сметате толку бессилен тоа да не може да го даде или завидлив па тоа да не го сака?
Со овие зборови Константин филозоф, подоцна прославен со калугерското име Кирил, во 9. век го бранел словенскиот јазик пред т.н. тријазичници кои тврделе дека само латинскиот и грчкиот и еврејскиот се свети јазици со кои може да се богослужи. Го обвинувале за ерес зашто го вовел словенскиот јазик меѓу привилегираните, кои тој статус го заслужиле зашто биле испишани на крстот на Исус.
Со молебенот на гробот на Свети Кирил завршува манифестацијата што во негова чест традиционално се одржува во Рим.
Во изминатите два дена се одвиваше и културна програма во рамки на „Македонија во чест на Свети Кирил“ која започна со концерт во базиликата „Пантеон“ на кој настапија македонскиот тенор Благој Нацовски, виолинистите Ана и Олег Контраденко и пијанистите Марија Вршкова и Александро ДжАгостини.
Синоќа во театарот „Де Серви“ беше изведена претставата за Мајка Тереза насловена „Светица на темнината“ која од бројните гости меѓу кои и дипломати од повеќе земји беше проследена со бурен аплауз. Претседателот Ѓорге Иванов вчера во Ватикан беше на аудиенција кај папата Бенедик Шеснаесетти, а имаше и тет-а-тет средба со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Тарчисо Бертоне, по што ја посети базиликата „Сан Паоло“ и положи цвеќе на гробот на Свети Павле во придружба на кардиналот Франческо Монтеризи.
Годинава се одбележуваат 1142. години од смртта на сесловенскиот просветител Свети Кирил.
Мисијата на Кирил и Методиј - цивилизациско наследство на словенскиот свет
Зар не паѓа дожд од Бога на сите подеднакво? Или сонцето не свети за сите, исто така? Зар не го дишеме воздухот сите еднакво? Како тогаш не се срамите да признаете само три јазика, а за сите други народи и племиња сакате да бидат слепи и глуви? Дали Господ го сметате толку бессилен тоа да не може да го даде, или завидлив, па тоа да не го сака?
Со овие зборови Константин филозоф, подоцна прославен со калуѓерското име Кирил, во 9 век го бранел словенскиот јазик пред т.н. тријазичници кои тврделе дека само латинскиот, грчкиот и еврејскиот се свети јазици со кои може да се богослужи. Го обвинувале за ерес зашто го вовел словенскиот јазик меѓу привилегираните, кои тој статус го заслужиле зашто биле испишани на крстот на Исус.
Константин бил роден во 826/827 година во угледно византиско семејство од Солун. Бил седмо и најмало дете на Лав и Марија кои му овозможиле врвно образование - се школувал на највисоката школа во Цариград, во царската палата Магнаур која имала ранг на универзитет. Станал библиотекар во Цариградската патријаршија во највеличествената црква во светот во тоа време - Св. Софија, а подоцна предавал филозофија на Магнаурската школа, каде што ја добил титулата Филозоф.
Како голем ерудит, со талент за јазици и дипломатска вештина, од византискиот двор и Цариградската партијаршија бил испратен во три историски мисии. Во првата, Арапската кај Сарацените (во денешен Ирак), имал само 24 години. Во втората - кај Хазарите (денешна Русија) и во третата - кај Словените во Панонија и Моравија (денешна Чешка) учествувал заедно со својот најстар брат Методиј. Првите две мисии имале државно-верски карактер, а третата мисија била просветителска. Таму биле испратени од византискиот император Михаил Трети на барање на моравскиот кнез Ростислав. Со неа солунските браќа ги поставиле темелите на словенската култура и просвета.
Користејќи го говорот на македонските Словени од околината на неговиот роден Солун, кој го знаел од детството, Константин ја составил првата словенска азбука - глаголица со 38 букви. Со префинет осет за секој глас да создаде знак, употребил букви од грчкиот алфавит, знаци од други јазици, а и самиот измислил нови. Говорот на македонските Словени го издигнал на ниво на прв книжевен јазик. Со Методиј и нивните вредни ученици со новото писмо превеле црковни книги од грчки на старословенски јазик и во 863 година подготвени тргнале во нов поход, на мисија во Моравија, каде што останале 40 месеци.
Нивната макотрпна работа резултирала со преполни цркви и луѓе кои првпат слушнале богослужба на разбирлив јазик за нив. Силниот отпор на латинско-германското свештенство, разгневено поради масовниот одлив на верниците, ги одвело солунските браќа до папскиот двор. Но, таму биле примени со највисоки црковни почести - затоа што биле мисионери на моќната Византија, но и зашто со себе носеле нешто вредно.
За време на Хазарската мисија, Константин во Херсон имал археолошки подвиг. Седум и пол века по маченичката смрт на Крим, ги открил моштите на Климент Први, четвртиот папа и соработник на апостол Петар, кој поради ширењето на христијанството бил прогонет од царот Трајан и удавен во 101 година. Пронајдените мошти Константин му ги предал на папата Адријан Втори во Рим. Тој ги пречекал творците на словенската писменост со церемонија која траела три дена, како што посочил биографот на Кирил во неговото житие во „Панонските легенди“.
По Цариград, и Рим официјално го признал словенскиот јазик за рамноправен со другите. Папата бил убеден во оправданоста на Моравската мисија и во разумното тврдење дека секој народ треба на својот јазик да разговара со Бога, па лично ги зел во заштита словенските книги и ги осветил. Во Светата столица била отслужена богослужба на словенски јазик. Напредните ученици добиле свештенички чинови, а и Константин во Рим стапил во калуѓерски ред и го добил монашкото име Кирил. Таму и починал на 14 февруари 869 година, завршувајќи го животот изнемоштен и болен на 42 години. Закопан е во базиликата Св. Климент (Сан Клементе), посветена на светецот со чии мошти дошол во вечниот град.
Битката за писменоста на Словените не престанала. Неа уште 16 години ја водел братот Методиј, до својата смрт во 885 година. Моравската мисија завршила со прогонство на нивните ученици. Некои од нив исчезнале, некои биле продадени како робови, но тројца истакнати - Климент, Наум и Ангелариј, го продолжиле просветителското дело на југ.
За животот и делото на Кирил и Методиј има огромна библиографија, напишани се над 10.000 студии, прилози и статии. Има голем број фрески и икони инспирирани од нив, а многу цркви и образовни институции го носат нивното име. Тие се патрони на Скопскиот универзитет. Во 11 век Црквата го прогласила 24 мај (11 мај по стар стил) за ден на светите просветители Кирил и Методиј. Денот во Македонија првпат бил одбележан на 11 мај 1860 година во црквата Св. Богородица во Скопје.
Чествувањето со различни манифестации продолжува до денеска, а меѓу нив централно место има Поклонението на гробот на св. Кирил во базиликата Св. Климент во Рим. Првпат е организирано во 1969 година, за 1100 години од смртта на свети Кирил, и оттогаш секоја година на 24 мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација. Традиционално, 24 Мај беше ден само на образовните институции и просветните работници, а од 2007 година тој е и државен празник на Република Македонија. паг/хс/