Македонска Православна Црква
Храм „Рожденство на Пресвета Богородица" Скопје
Благочестиви христијани
Драги браќа и сестри !
На сите вам ви е познато дека возобновениот храм „Рожденство на Пресвета Богородица" во Скопје, од 21.09.2008 година, отпочна со редовни богослужби, како и со венчавки, крштевки, помени и сите други молитвени потреби за верниците. Бидејќи сме во деновите на Великите пости, овој пат би сакале накусо да ве информираме за една многу значајна, содржајна и свечена служба посветена на Мајката Божја, поточно за
А к а т и с т
на
Пресвета Богородица
Акатистот се богослужи во првите пет петоци од велигденските пости со почеток во 17 часот. Тоа е долга поетска благодарствена композиција испеана во чест на Пресвета Богородица - по повод чудесното ослободување на Константинопол од една инвазија на Персијците и Аварите во 626 година, со помош на Мајката Божја.
Самото име Акатист преведено на наш јазик значи „не седи"! Со други зборови, додека се служи Акатистот сите присутни во храмот стојат, освен верниците со посебни потреби болните, изнемоштените. Оваа свечена служба содржи 12 кондаци и 12 икоси. Кондакот е кратка песна која содржи пофалба за дневниот светител или ја кажува суштината на празникот. Икосот, пак е црковна песна со која се прославува некој светител или празничен настан. Во овој случај се прославува Мајката Божја, бидејќи овие пет акатисти се посветени токму на Неа.
Секој Кондак завршува со воспевот или пофалбата: Алилуја! - кое во превод значи: ХВАЛЕТЕ ГО ТОСПОДА. А секој Икос завршува со восклик или пофалба кон Пресвета Богородица со зборовите: Радувај се, Невесто Неневестина!
Црквата препорачува секоја домаќинка да ги посетува овие акатисти или ако не сите барем на еден од нив да појде во храмов божји, за да подигне петолебие, а за тој чин, домаќинките треба да го направат следното:
- Да замесат пет мали лепчиња, три свеќи и список за својте домашни и блиски за здравје. Треба и малку пченица и вино, но не е неопходно, бидејќи тоа го има црквата. Во списокот за здравје на домашните и блиските може посебно да се нагласи името за кого се принесуваат даровите и за кого се прави службата, бидејќи по Благодарствениот канон кон Пресвета Богородица се креваат петолебијата. По извршениот чин, домаќинката си зема едно лепче кое го носи дома и го јаде со домашните истата вечер. Оние, пак што не ќе можат да донесат дарови, тогаш нека си ги запишат само имињата кај свештеникот кој ги запишува имињата на влезот во храмот, за истите да се спомнат на чинот на „Петолебието" и пред иконата на Мајката Божја.
Во Скопје има обичај да се посетат повеќе цркви и скоро во секоја од нив да се направи петолебие. Но се разбира, дека посетата на Богородичниот храм кој половина век не постоеше, а конечно се возобнови со Божја помош и на верниците, на Божјата Мајка ќе и се направи особена чест, ако се напр.ави посетата токму на нејзиниот храм, ЗАШТО ТАА Е ЗАШТИТНИЧКА НА ГРАДОТ СКОПЈЕ И СКОПЈАНИ.
Возљубени во господа,
Оваа свечена композиција е напишана од цариградскиот патријарх Сергеј, а поводот е чудесното ослободување или спасување на градот од Аварите и Персијците кои со огромен број војници го опколиле Цариград и малку недостасувало да навлезат во него и да направат пустош. Кога го виделе тоа световната и црковната власт на чело со царот Ираклиј и партијархот Сергеј, ја побарале сигурната и вистинска помош, а тоа е помошта на Мајката Божја која била покровителка и заштитничка на Цариград. Во одбраната на својот град одговорните го направилое следното: Од Влахерската богородична црква, ја земале неракотворната и чудотворна икона „Одигитрија", потоа Богородичната риза и дел од чесниот Крст Господов. Со овие свети реликвии во литијна процесија, патријархот, царот и верниот побожен и исплашен народ, но со силна вера, длабоко смирение и надеж во Господа и Мајката Божја двапати поминале околу морето и на вториот пат Богородичната риза ја потопиле во цариградските води кога настанале и силни бранови та сета непријателска војска била потопена, а градот и неговите светилишта заедно со верниот народ биле избавени од злото. Тогаш патријархот со царската свита и со сите верници, како што тоа обично станува, по еден таков настан, се упатиле во Влахернската црква да отслужат благодарствен молебен, да му благодарат на Господ Бог и Неговата Мајка за помошта и избавувањето од непријателите, при што патријархот Сергеј, инспириран од Светиот Дух, ја испеал прекрасната копозиција. Оттогаш еве полни 1400 години истата се богослужи во светите православни храмови, а верниците се поклонуваат пред Мајката Божја благодарејќи и за нејзиното застапништво и и се молат: Мајките за својте домаќини и чеда, момите за среќно задомување, бабите за внучињата. Или особено за оние кои го загубиле компасот на вистинскиот христијански живот - дозволувајќи си да станат зависници, прељубодејци, среброљубци ...
Божјата Мајка, браќа и сестри, има лек за секого од нив и од нас! Секој кој искрено ќе се покае и со вера и надеж ќе и се помоли неговата молитва ќе биде услишена и исполнета. Нема молитва која не може да биде исполнета, освен оние што не се во согласност со Божјите правила и заповеди...
Затоа да го послушаме гласот на нашата Света Црква и да ги искористиме овие великопосни денови за редовно посетување на светите Божји храмови, за искрена и топла молитва, а постот и молитвата да бидат поткрепени со милостини и богоугодни дела. Амин!
Посети: {moshits}