Средните верски училишта се под ингеренции на верските заедници и средношколците што ќе завршат теолошко училиште немаат можност да се запишат на други високообразовни установи освен на Теолошкиот факултет
Скопјанецот Х.Х. иако завршил средно богословско училиште, не може да се запише на факултет, зашто државата не ги признава тие дипломи. Но, сега се отвора можноста тој и многумина како него да го продолжат школувањето, зашто Владата има намера тие училишта да ги вклучи во образовниот систем.
- Средното богословско училиште, иако се учи 5 години, не е признаено. Сакав да се запишам на Правен или на Факултетот за политички науки, но кога отидов да ги доставам документите ми кажаа дека не можам да се пријавам на конкурсот затоа што немам средно образование. Од Бирото за вработување ми велат дека ќе ме пријават како осмоодделенец, бидејќи дипломата не ми е признаена - вели нашиот соговорник, кој пред неколку години завршил средно теолошко училиште.
Од Министерството за образование и наука вчера на средба со претставниците на верските заедници се договорија да формираат работна група за реализација на идејата средните верски училишта да влезат во системот на јавно образование. Министерот за образование Перо Стојановски рече дека верските заедници се подготвени да ги променат и своите наставни програми.
- Кај верските заедници постои подготвеност да се воведат поголем број општообразовни предмети за овие училишта да добијат посебен третман што на учениците ќе им овозможи покрај тоа што ќе завршат верско училиште, да се запишат на друг факултет - рече Стојановски. Средните верски училишта се под ингеренции на верските заедници и средношколците што ќе завршат теолошко училиште немаат можност да се запишат на други високообразовни установи освен на Теолошкиот факултет.
Министерот Стојановски додаде дека тие имаат проблем со директорите во некои училишта каде што немаат еднаков однос со наставниците по веронаука. Тој нагласи дека тие наставници имаат ист третман и за нив важат сите закони, како и за сите други наставници. Во врска со информациите дека во некои од училиштата се присутни вахабити, тој изјави дека за нивно отстранување Министерството и верските заедници воспоставиле процедура и наставниците што немаат сертификат ќе бидат санкционирани.Поглаварот на Исламската верска заедница, реис ул улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи, рече дека се надеваат оти од наредната година проблемите со кои се соочуваат ќе бидат елиминирани.
Анета Тодевска