Скопје, 4 јануари (МИА) - Со капиталниот проект „130 тома македонска книжевност“ на сите почитувачи на пишаниот збор им даруваме драгоцени мигови за толкување на пораките од пишаните мозаици на литературното творештво, од сите жанрови и од сите генерации македонски писатели и автори од заедниците во Република Македонија, рече министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска на денешната промоција на едицијата во Македонската академија на науките и уметностите.
Министерката Канческа - Милевска информира дека проектот се реализирал по иницијатива на Друштвото на писатели на Македонија и оти претставува збирка во која се прикажани развојните процеси на македонската литература, со сите жанровски, стилски и вредносни особености на многу поети, раскажувачи, романсиери, драмски автори, критичари и есесисти, писатели за деца, литературни историчари и теоретичари.
- Владата на Република Македонија и Министерството за култура со овој проект од капитално знаење, реализира крупен зафат кој значи потврда и афирмација на високите литературни вредности создавани во Македонија, рече Елизабета Канческа-Милевска.
Таа најави дека до крајот на оваа година Министерството за култура ќе работи на уште два капитални проекти, едицијата „Превод на литературни дела на добитници на Нобеловата награда за литература“, како и превод на 30 стручни и научни книги кои ќе бидат испечатени на македонски јазик, а се напишани од странски автори од областа на ликовна, музичка, театраска, филмска уметност, архитектура, археологија, етнографија, музеологија и библиотекарство.
Премиерот Никола Груевски на денешната промоција потенцира дека Република Македонија доби вистински светилник на своето литературно творештво и на македонското книжевно наследство.
- Како резултат на посветена работа го промовираме делото „130 тома македонска книжевност, кое во себе опфаќа литературно творештво од сите жанрови, од сите генерации македонски писатели и писатели од заедниците на националностите во Република Македонија, рече Груевски. Тој посочи дека ова дело ќе остане запаметено во македонската културна ризница.
Проектот, потсети Груевски беше поддржан од Владата и од Министерството за култура, со издвоени 24 милиони денари, вонредни средства во 2008 година. Го нарече проектот грандиозен и прв од ваков вид во Македонија.
- Целта беше да се прикаже богатата и слоевита слика на нашите високи и неоспорни книжевни вредности, а со тоа да се даде и нов поттик во творештвото и да се отворат нови страници од развојот на нашата литература, рече Груевски. Тој додаде дека на проектот работеле 80 познати проследувачи и толкувачи на развојните процеси во македонската литература и на литературите на националностите.
Во едицијата, одделно се објавени дела на повеќе од 100 македонски писатели, а во 20-ина тома со панорамски и антологиски избори од повеќе литературни жанрови објавени се дела на околу 200 писатели. Ова творештво е објавено на сите јазици на кои пишуваат авторите, на македонски, албански, турски, ромски и влашки јазици.
Премиерот Груевски најави дека едицијата од 130 тома на македонска книжевност не завршува тука, туку претставува трајно партнерство меѓу Владата, МАНУ, Друштвото на писатели на Република Македонија и на другите национални институции од сферата на културта. Едицијата ќе биде преведувана на англиски јазик, а до крајот на година ќе се реализираат и два нови проекти од областа на културата и книжевност. Во скратена форма ќе биде преведена едицијата и на други пет светски јазици.
Тој го најави проектот кој опфаќа 500 книги од стручна и научна литература. Ќе има превод на 30 книги од областа на уметностите. Во втората половина на годината, ќе започне втората фаза на тој проект или уште 500 нови книги, стручни и научни, преземени од 10-те највисоко рангираните универзитети во САД. Го најави и преводот на литературни дела на добитниците на Нобелова награда за литература, од почетокот до денес.
Со денешната промоција и со оваа едиција, посочи вицепремиерот задолжен за евроинтеграциите Ивица Боцевски, сакавме да ги утврдиме вредностите на современата македонска литература и да покажеме дека проектот ќе живее и во иднина.
- Во 21 век, во ерата на глобализација и во ерата на европската интеграција за Македонија успешни ќе бидат само оние народи со најдлабоки утврдени корени и тоа е мислата водилка на актуелната Влада. И само оние народи кои највисоко ќе ги развиваат своите креативни индивидуи ќе успеат во 21 век и ќе успеат да го наметнат своето во 21 век, рече Боцевски. мд/цр/17:16
Посети:{moshits}