12.08.2008
Епископ Хераклејски г. Климент-
Македонската православна црква го одобрува потегот на Груевски и обидот во пакет со името на државата, да се реши статусот и признавањето на црквата.
По писмото на Груевски испратено до Нимиц, владиката Климент коментира: Одамна е излитена тезата дека непризнавањето на МПЦ е канонски и црковен проблем. Токму името „македонска“ е политички проблем, бидејќи Грција не сака да ја прифати реалноста. Неуспешен е и нивниот обид преку српската да формираат паралелна црква во Македонија и нејзе да ја финансираат.
„Тоа што МПЦ опстојува и останува на своето национално име, тоа е една од причините да не биде прифатена во семејството Православни цркви. Воопшто не мислам дека отворањето на прашањето за статусот на Македонската православна црква е политизација на МПЦ заради тоа што МПЦ на некој начин е заштитена со членот 9 од Европската конвенција за човекови права, каде што црквите се признаваат како независни субјекти на слободата на вероисповед“, изјави г. Климент, владика на МПЦ.
Теолозите во писмото на Груевски до Нимиц гледаат логичен потег бидејќи во одбраната на македонскиот идентитет, несомнено спаѓа и црквата.
„Најголем дел од народот својот, посебно духовен, идентитет го поистоветува со МПЦ. Ако зборуваме за зачувување на македонски јазик, за македонски народ, би требало да застане во таа точка и името на МПЦ“, рече Александар Ивановски, теолог.
Пред неколку години, Синодот на МПЦ донесе одлука дека по ниедна цена нема да го менува името на црквата како решение за добивање на автокефалноста. Преговорите со Српската црква никако да продолжат.
Двете страни опстојуваат на своите стојалишта. Србите под диктат на Грците, затскривајќи се зад каноните, но и дневната политика во однос на Вранишковски, не сакаат да ја признаат Македонската црква, измислувајќи автономија наместо автокефалност, додека пак, МПЦ не отстапува од вековното во христијанството, името на црквата да е идентично со името на државата.
Миле А.
Извор: A1
Посети: {moshits}