11/24 октомври 2016 лето Господово
Две и половина години по почетокот на изградбата и осветувањето на темелите на храмот на Светите солунски Браќа Кирил и Методиј во истоимениот скит на Бигорскиот Манастир во с. Битуше, веќе е завршена рам-конструкцијата на црквата, а преземени се, исто така, и опсежни градежни дејства за пренамена на поранешната караула во манастирски конак.
Темелите на скитскиот храм беа осветени на 31 мај 2014 година од надлежниот Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, игуменот Архимандрит Партениј и браќата јеромонаси, во присуство на мноштво верници и гости од околните села и однадвор.
Иницијативата за градењето, како и идејното решение за Бигорскиот скит на Светите рамноапостолни сесловенски Првоучители и Покрстители, произлегуваат од големата љубов што нашиот Старец ја има за овие два Божествени Светилника на Црквата Христова. Дарител за изградбата на Скитот е благочестивото семејство на г. Горан Џикоски од Скопје, верно духовно чедо на нашата Света Обител. Со цел да видат како напредува работата, деновиве семејството Џиковски го посетија битушкиот Скит и се сретнаа со Старецот.
Намената на Скитот на Светите Рамноапостоли Кирил и Методиј ќе биде, главно, воспитно-катихетска, т.е. во него ќе се одржуваат летни кампови за веронаука.
Извор: Бигорски манастир