19 август 2016 лето Господово
Со многу насмевки, љубов, прегратки и по некоја солза, заврши и последниот деветти летен камп по Веронаука, и уште еднаш имавме можност да видиме на дело една прекрасна преобразба на детските души. Бидејќи детските души се како најчисти, најнежни цветови; и огреани од светлината на Христовата љубов, напоени со „водата која тече во вечен живот“, на живоносното Христово слово, тие се преобразија во прекрасни миризливи и раскошни кринови, кои блескаат и насекаде сведочат со чистото белило на Христовата вера, љубов и надеж.
Овие наши последни гости од Скопје и Битола, оставајќи засекогаш трага во нашите души, ни ги оставија и своите впечатоци од неколкуте дена што ги поминаа во нашите две светилишта:
Михаела Христовска, 12 години: „Тука е како во рај. Црквата многу ми се допадна, а и службите беа прекрасни. Часовите се многу интересни и има многу добри пријатели. Многу убаво си поминав овие четири дена и едвај чекам пак да дојдам“.
Ева Митевска, 11 години: „Си поминав многу убаво. Запознав многу нови другарки, научив нови нешта, уживав во молитвите. Им благодарам на монахињите за големото внимание и му благодарам на отец Партениј што нѐ прими во овој прекрасен манастир“.
Јана Пејковиќ, 12 години: „Отец Партениј, ви благодарам за вашето гостопримство. Манастирот е прекрасен и има пријатна атмосфера. Ви посакувам многу здравје и среќа“.
Извор: Бигорски манастир