На 20. 08. 2015 година, осма година по ред, на Патронот и Заштитникот на Градот Радовиш - Св. мч. Спасо Радовишки, од страна на неуморното Здружение на Граѓани Св. Спасо Радовишки со изготвена посебна програма за одбележување, се отпочна со празнување на вечерна богослужба, во храмот Св. Троица во Радовиш, со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион, во сослужение на Архимандритот на Лесновскиот манастир отец Дамаскин и свештеници од Брегалничката епархија.
На вечерната богослужба на Литијните стихири се изнесе иконата на Светиот маченик Спасо Радовишки и потоа Митрополитот Брегалнички г. Иларион го благослови и пресече празничниот леб. После Вечерната богослужба, Митрополитот г. Иларион, зедно со Градоначалникот на Општина Радовиш г. Сашко Николовски, Пратеничката во Собранието на РМ г – ѓа Нада Ципушева од Радовиш, Претседателот на Советот на Општина Радовиш г. Никола Миовски, Преставниците од Советот на Општината Радовиш, Здружението на граѓани Св. Спасо Радовишки, свештенослужителите и многуројниот православен народ, со иконата на Светиот маченик Спасо Радовишки, изврши литија од храмот Св. Троица до параклисот посветен на Св. мч. Спасо Радовишки, кој се наоѓа на Градскиот Плоштад во Радовиш, каде и изврши молебен кон Св. мч. Спасо Радовишки и одража пригодно слово. Истата вечер, во дворот на храмот Света Троица во Радовиш во присуство на многуброен православен народ, ктиторот на црквата г. Ристо Гуштеров, ктиторот на манстирот „Св. вмч. Георгиј“ во Ораовица г. Николајчо Николов и други јавни личности, се одржа духовна академија. На духовната академија, свое обраќање имаше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион кој се заблагодари на сите кои од пред осум години помогнаа и официјално да се прогласи и слави Светиот маченик Спасо Радовишки како Патрон и Заштитник на Градот Радовиш, кои и сега напорно и неуморно се трудат овој празник торжествено да се прославува како и што прилега на Светител кој е роден токму во Радовиш. Свој настап имаше детскиот ор од Радовиш, црковниот хор Св. Спасо Радовишки од Радовиш, црковнот Св. Роман Слаткопевец од Струмица и хорот при храмот „Св. Троица“ од Радовиш.
Извор: Брегалничка епархија