Акатистни поздрави кон Мајката Божја
15/28 март 2015 лето Господово
Главната цел на постоењето на Црквата православна, на Црквата која се моли, како и на секој христијанин поединечно, е, пред сѐ, соединување со Христа, учество во Неговата жртвена љубов кон човечкиот род. Верните во Црквата се учат да Го созерцаваат Христа Живиот, заедно со победничкиот Собор, Црквата на првородените, запишани на небесата (Евр. 12, 35). А среде овој собор на неискажлива слава, најсјајно блеска ликот на пресветата Мајка на Господ и Спасителот, лик полн со благодат и љубов, сострадание и милост, лик кој светли како „Ѕвезда која Сонцето Го објавува“, како „Зора на таинствениот ден“ (од Акатистот на Пресвета Богородица). Нејзиното служење како Мајка Божја, како Богородица, во Црквата Христова е најважно и незаменливо. Поврзана со Спасителот со врските на мајчинската љубов, Мајката Божја станува Мајка на целиот христијански род, на секој роден и препороден во Дух и вистина. „Тајната на Марија – вели блажениот о. Г. Флоровски – е Тајна на Црквата. Мајка-Црква и Мајка Божја заедно раѓаат нов живот. И двете се - претстојателки“.
Во светлината на созерцанието на оваа неискажлива и преслатка тајна која го носи тоа најсвето име на Дева Марија Богородица, Бигорскиот свештен собор оваа ноќ Ѝ ги упати на небесната Царица последните акатистни поздрави за овој свет Велигденски пост. Трепетниот глас на нашиот најмил Старец, архимандрит Партениј, како медоносна пчела ги посетуваше срцата на сите присутни верни, собирајќи го од нив поленот на љубовта кон Богомајката и принесувајќи Ѝ го како најсладок дар. А Таа, Пречистата, за возврат уште еднаш со благодатна прегратка ја прегрна секоја душа во Бигорскиот храм. Зашто уште од најдревни времиња преку Нејзиното застапништво христијаните се спасуваат, во Неа заштита и покров, спокој и утеха наоѓаат. Таа, Најсветата од светиите, неизречиво ги љуби сите кои се посветиле на благочестието, сите кои го предале својот живот на Нејзиниот возљубен Син. Но, о, прекрасно чудо, длабочина на милосрдието! Ги љуби Таа и грешниците кои тонат во своите беззаконија, сострадува со нив, постојано ја простира кон нив Својата мајчинска рака. И колку од нив станале, се исправиле, се спасиле, преку Неа, Царицата на земните и небесните, станале од бездната на гревовниот пат, се осветиле и влегле во чертогот на Небесниот Владика, во Царството на вечната слава.
Иако гласот за таа вечност во наши дни како да се заглушува среде шумот на политичките нереди, среде шумот на современиот живот и неговата суета и злоба, сепак, по милоста Божја и застапништвото на Пресвета Богородица, доброто опстојува и денес. И сега луѓето се пробудуваат од гревовниот сон, ги отвораат своите срца за Бога, Му принесуваат покајание... И сега, како и некогаш, луѓето се учат на Пречистата да Ѝ пеат:
Радувај се, од Тебе изгрева многусветлата просвета;
Радувај се, од Тебе извира многуводната река!
Радувај се, Ти живо ја претставуваш бањата;
Радувај се, Ти ја отстрануваш гревовната сквернота!
Радувај се, Ти ја миеш совеста;
Радувај се, Чашо, со која се црпе радост!
Радувај се, Ти си миризба на Христовото благоухание;
Радувај се, Ти си живот на таинственото веселие!
Радувај се, Невесто неневестна! (од 11 икос на Акатистот)-
Извор: Бигорски манастир