Во претстојниот, предсоборен период, сметаме дека преводот на ова значајно предавање ќе послужи за да се разјаснат некои основни еклисиолошки внатреправославни прашања кои би се јавиле околу улогата на Вселенскиот Патријарх и неговиот однос кон поглаварите на другите Помесни Православни Цркви, процесот на доделување на автокефалија и автономија, но и односот помеѓу Константинополскиот и Римскиот поглавар.
Документот го приложуваме тука, но истиот е достапен и за преземање во .pdf верзија за печат и полесен преглед.
[Врска за спуштање: Првенството во Вселенската Црква - Позиција на Московскиот Патријархат]
Првенството во Вселенската Црква – Позиција на Московскиот Патријархат
Денес би сакал да ви раскажам за позицијата на Московскиот Патриjархат по прашањето за првенството во Вселенската Црква. Таа тема е многу векови разгледувана, и би се рекло дека позицијата на Православната Црква би требала на сите да им биде јасна и да не поттикнува прашања. Воедно, ние денес се судруваме со тоа што на меѓуправославните средби и во православно-католичкиот дијалог за таа тема се произнесуваат разни мислења и погледи, излегува дека понекогаш дури и претставниците на Православната Црква не се согласни помеѓу себе. Сето тоа кажува дека таа тема не е едноставна како што изгледа: таа денес е дискутабилна, и се појавија некои остри агли кои ние, изгледа, ќе треба да ги рамниме во дијалогот со Католичката Црква (зашто поделбата се случила имено поради прашањето за првенство во Црквата), но и во меѓусебните односи помеѓу Помесните Православни Цркви.
Веќе во првото столетие после Христовото Раѓање Римската Црква уживала особен авторитет помеѓу другите Цркви. Тоа било така поради два основни фактори. Како прво, Рим бил престолнина на империјата, на екумената во која започнало распространувањето на христијанството. Како второ Рим е градот во кој пострадале првоврховните апостоли Петар и Павле. За значењето на Римската Црква зборувале светиите од II век: Игнатиј Антиохиски и Иринеј Лионки – последниов директно го издигнувал нејзиниот авторитет кон проповедта и мачеништвото на првоврховните апостоли. За Римската Црква зборувале како за онаа која претседава во љубовта (тоа е израз од Посланието кон Римјаните од светиот Игнатиј Антиохиски).
Веќе во III век во западното богословие постои поврзаност помеѓу апостолот Петар и Римскиот епископ. Папата Стефан I прв ги поврзал зборовите од Евангелието според апостол Матеј: „ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам Мојата Црква“ (Мт. 16, 18) со својата епископска служба, со тоа потенцирајќи го принципот на преемство од апостолот Петар. На Римскиот Собор 382 година, којшто поминал под претседателство на Папата Дамас, бил утврден поредокот на главните престоли, чиј ранг бил определенво поврзаност со апостолот Петар: Рим, Александрија и Антиохија. Првенството на Римскиот Папа помеѓу епископите во Вселенската Црква на Запад произлегувала од улогата на првенство на апостолот Петар во апостолската општина: бидејќи Христос само на Петар му порачал да ги пасе Неговите овци, затоа епископот на Рим е врховен управител на целата Црква. Таков поглед во Рим постоел веќе во IV и V век.