ЗА ДУШЕВНИОТ СТРАВ
Сакам да ви изложам, љубени мои, за големиот страв и трепет на мојата душа во кои јас се најдов јадосан и расеан еден ден. Седев во самотија на едно тивко, проладно и воздигнато место, размислував за себе и ги пребројував деновите на својот живот, грижите, метежот, животната бучава и, откако заплакав, почнав самиот да си зборувам: „Зошто овој живот поминува како сенка и венее како утрински цвет?" Така ожалостен, воздивнувајќи реков: „Како поминува овој век ние не знаеме. Но зошто според својата слабост сме следени со недолични дела и помисли?"
Размислувајќи за тоа насамо, го подигнав погледот кон небото и како да ме обзеде некаква лудост. Врз мене надојде голем страв и со очите на своето срце го здогледав Господа како седи во голема слава. И Он и рече на мојата душа: "Зошто душо, си се згнасила од своите небесни одаи што се исполнети со светлина на славата? Зошто, душо, невесто моја, пречистиот и бесмртниот Младоженец не го љубиш?
Зошто, душо, се гнасиш од добрините што ти ги приготвив во светлината на животот? Зошто душо, си ми постанала туѓа заради своите недолични дела и помисли? Заради што, душо, не се трудиш да Ми излезеш во пресрет при Моето доаѓање? Заради што, душо, не ги чуваш запалени своите светилки, очекувајќи да го чуеш радосниот повик: „Еве, Младоженецот доаѓа, излезете да го пречекате?" (Мт. 25:6).
Зошто, душо, не си се потрудила навреме да го подготвиш достојното руво? Зошто, душо, не влегуваш со радост во светата и небесна одаја? Зошто, душо, не ме љубиш Мене, добриот, Кој твојот живот го избавив од смртта? Заради тебе, душо, постанав соучесник на смртта за да те украсам како Своја невеста?
Без завист, во наследство ти го оставив царството, душо? Сите Мои добрини ти ги дарував тебе, душо, како на Цар. Заради тебе, душо, постанав човек, сакајќи твојот живот да го искупам од гниење. Твојот живот, душо, го почестував и го возвишив пред сите Мои дела. На тебе, душо, ти приготвив одаја на небесата и направив ангелите да ти служат во таа одаја што ти ја приготвив заради тоа, таму да влезеш со радост. А ти, душо, се гнасиш од небесниот Младоженец и на наеискажаните добрини што сум ти ги приготвил. А по кого можеш повеќе да чезнееш отколку по Мене, Кој секоја твар со милост ја спасувам? Кој татко животот ќе го даде онака како што го давам Јас? И зар мене си ме напуштила, душо, засакувајќи туѓинец и мразител?
Извор:
ЉУБОВТА КОН БОГА И
БОЖЈАТА ЉУБОВ