Скопје, 09.03.2014 год.- храм Свето Благовештение
На 9- ти март 2014 година, во првата недела од Великиот Пост кога Црквата Христова ја прославува победата на Православието над иконоборците (настан во 8-иот век), како и молитвено сеќавање на Наоѓање на главата на Свети Јован Крстител и преподобен Еразмо, монах Печерски, во храмот Свето Благовештение, во кругот на Клиничкиот центар во Скопје, свештеникот Александар Цандовски отслужи Божествена Литургија, на која верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. На крајот од Литургијата, отецот го протолкува денешното Евангелие и значењето на Неделата на Православието.
Празникот Недела на Православието е востановен во 842 лето Господово како победно празнување над конечниот пад на иконоборството и повторно воспоставување на почитувањето на иконите. Оттогаш свечено се прославува во првата Недела од Великиот пост, како спомен на торжеството на вистинската вера не само над иконоборството, но над сите ереси.
Многу стари
торжествени црковни песни, кои ги испеале православните маченици под
иконоборците, се пејат на литиите кога се носат крстови и икони, како и
исповедањето и потврдувањето на Символот на Верата од страна на верниот
народ.
Оваа Недела уште се нарекува и Чиста.
Кој е бог велик како нашиот Бог?
Ти Си Бог наш, Единствен Кој твориш чудеса!
Вечерна, Недела на Православието
Иконите беа непристојно исфрлани;
Се радувам гледајќи го (враќањето на) нивното пристојно почитување.
„Во овој ден, Прва недела од светиот пост - Недела на Православието, или издигнувањето на светите и чесни икони, Црквата Христова го прими празнувањето на она што се случи за време владеењето на Михаил и блажената царица света Теодора, и светиот патријарх константинополски Методиј. А тоа стана вака: кога по Божјо допуштање царската власт ја приграби Лав (III) Исавријанец, кој пред тоа беше чувар (пастир) на магариња и свињи, а црковната управа ја зеде светиот патријарх Герман, веднаш овој (патријархот) беше повикан од оној (царот) кој му рече: „Слушај, владико! Мене ми се чини дека светите икони во ништо не се разликуваат од идолите, затоа нареди што поскоро да ги изнесат одовде. Ако тие се вистински ликови на светители, нека ги кренат повисоко, за да не би, валајќи се во гревови, да ги осквернуваме секогаш кога ги целиваме". Патријархот, пак, го одвраќаше царот од таквата зла помисла, велејќи му: „Зар ти, цару, не си слушнал како побесне некој си по име Конон, кој бил против иконите"? А царот му вели дека тогаш тој бил се уште млад. Но бидејќи патријархот не сакаше да се покори и да го послуша, царот го прогони, а на негово место го постави својот едномисленик Анастасиј. И така тогаш почна гонење против иконите. Се зборува дека тој порано негувал таква омраза против Евреите, кога тој се уште бил сиромав, кога ги пасел магарињата и кога му било претскажано од некој маѓепсник дека ќе биде издигнат на царско достоинство....“ (Синксар)
Преминпортал (к.т.)