Достојно славна Св. Параскева – Петка Римјанка
Светата православна црква празнува три личности - три свети Богоугоднички со исто име Параскева – Петка: Преподобна маченичка Петка (РИМЈАНКА) 8 август, Преподобна Мајка наша Петка (ЕПИВАТСКА) 27 октомври и Преподобна маченичка Петка (ИКОНИСКА) 10 ноември.
Тие името го добиле поради тоа што се родени во петок, а петок како ден пред големата сабота во предхристијанскиот период, бил ден за подготовки за празник. Тогаш Евреите празнично ја славеле саботата (Пасха), како што денес, ние христијаните ја славиме неделата, ден кој треба да му го посветиме на Бога, односно на ближните. Оттука, името Параскева значи и подготовка.
Честопати меѓу нашиот народ доаѓа до ненамерно идентификување на овие три свети Ипостаси (личности) со една Параскева – Петка. Затоа во очи денот на спомен славата на едната од овие три светителки - Преподобната маченичка Параскева - Петка (Римјанка) чие Богоугодно дело Црквата го споменува на 8 август, ќе си споменеме за Богоугодната жртва на оваа Христова угодничка чиј спомен е велик, но не повеќе, а ниту помалку од секоја од трите свети.
ЖИТИЕ НА ПРЕПОДОБНАТА МАЧЕНИЧКА
ПАРАСКЕВА ПЕТКА (РИМЈАНКА) 8. август / 26. јули
Преподобната маченичка Параскева Петка, наречена Римјанка, живеела во времето кога со Римската империја управувал царот Антонин Пиј (од 138 до 161 год.). Родена е во Рим во христијанско семејство, од татко Агатон и мајка Политеја, кои ревносно ги исполнувале храистијанските заповеди. Бидејќи Агатон и Политеја долги години немале деца, тие непрестајно Му се молеле на Бога да ги удостои со рожба. А Бог, Кој што е милостив кон оние кои Го почитуваат и ја исполнуваат Неговата волја, ја исполнил нивната молба и им подарил женско чедо.
Од најрано детство, Параскева била поучувана на Божјите заповеди, а кога научила да чита, Светото писмо било нејзиното омилено четиво. Таа од малечка помагала во црквата Божја, па честопати во тишината на храмот се оддавала на молитви и славословија кон Бога. Кога починале нејзините родители, младата Параскева одлучила целиот свој имот, наследен од нив, да го раздели на сиромаси и да се замонаши. Откако се замонашила, ослободена од земните грижи, со голема ревност Му служела на Бога и Го проповедала Воскреснатиот Христос на незнабошците. Иако во тоа време христијанството било жестоко гонето од римските државни власти, младата проповедничка Параскева, со својата проповед, многумина привела кон верата во вистинскиот Бог, за по извесно време, некои злобни Евреи да ја наклеветат кај царот Антонин дека ја проповеда забранетата христијанска вера, велејќи му: „Една жена, по име Параскева, проповеда за Исуса, Синот на Марија, Кого нашите татковци Го распнаа”.
Царот, кога слушнал за тоа, веднаш наредил да му ја доведат младата проповедничка. Параскева застанала пред императорот, а тој воодушевен од нејзината мудрост и убавина, веднаш и понудил големи земни богатства, само да се одрече од Господа Исуса Христа и да принесе жртва на незнабожечките идоли, за богоугодничката тогаш храбро да му одговори: „Нема никогаш да се откажам од Христа, мојот Бог! Зашто, како што вели пророкот Јеремија, боговите кои не ја создадоа земјата и небото, ќе се истребат од земјата.”
Ваквиот одговор го разгневил царот и тој веднаш наредил да се вжешти метален шлем и да и се стави на главата на светителката. Но, Бог испратил роса и ја заштитил света Петка. Таа останала неповредена и тоа чудо го виделе многумина незнабошци и поверувале во Христа. Царот, откако не успеал да ја убие младата исповедничка, наредил да биде наполнет казан со масло и смола и да се загрее на оган. Кога зоврела смесата, света Петка била фрлена во казанот. Но, и таму, светителката стоела неповредена. Злобниот цар, со потсмев и викал на маченичката: „Параскево, испрскај ме со маслото и смолата, да видам дали печат”. Таа замавнала со рака и му фрлила од вжештената смеса на царот в лице, и тој веднаш ослепел. Ослепениот цар почнал очајно да бара помош, извикувајќи: „Смилувај се на мене, слугинке на вистинскиот Бог, па и јас ќе поверувам во Бога, Кого ти Го проповедаш.” Светата маченичка се помолила на Бога и Бог му го вратил видот на царот. Потоа тој и целата негова придружба побарале да примат крштевање во името на Отецот, и Синот и Светиот Дух.
По извесно време, светата Параскева Петка, го напуштила Рим и одела по околните градови и села проповедајќи го Евангелието Христово. Таа дошла во еден град со кој управувал кнезот Асклипиј, по вера идолопоклоник. Откако Параскева се изјаснила дека е христијанка, кнезот наредил таа да биде фрлена во јама во која живеела голема змија и каде што обично ги фрлале осудениците на смрт. Но, светата маченичка се помолила на Бога и озлогласената змија се разделила на два дела. Кога кнезот видел што се случило поверувал во Христа Господа.
Откако заминала од таму за да го проповеда Севишниот Бог дошла во друг град каде што управувал кнезот Тарасиј. Кога кнезот дознал дека во неговиот град се наоѓа светителката, ја предал на суд и ја испрашувал за нејзината вера. Како и секогаш, света Петка му одговорила на кнезот дека е христијанка и дека Господ Исус Христос е вистинскиот Бог. Поради ова нејзино исповедање на вистинската вера, таа била фрлена во котел со зовриено масло, смола и олово. Но, ангелот Божји слегол во котелот, ја разладил зовриената смеса и светата маченичка останала неповредена. Откако видел што станало, злобниот кнез ја мачел света Петка и на многу други начини, но на крајот, бидејќи таа била со цврста вера, наредил да и биде отсечена главата. И така, во 140-та година, џелатите и ја отсекле чесната глава на преподобната маченичка Параскева Петка, а нејзината душа се населила во блажените почивалишта на небото.
Подготви: Наташа Деспотовска Димитриевска
Друго:
Од Верскиот календар на МПЦ-ОА
Преподобната маченичка Параскева
Родена е во Рим од родители христијани. Од детството научена на верата во Христа. Најусрдно ревнуваше да ги делотвори сите Божји заповеди. Со сведоштвото на нејзиниот вистински благочестив живот и вера упатуваше на патот на спасението и други. Кога ѝ умреа родителите, го раздаде имотот на сиромасите, а самата се замонаши. Како монахиња со уште поголем жар и ревност ја проповедаше верата во Христа не криејќи ја од никого, иако во тоа време римските власти крваво ја гонеа христијанската вера. Први за проповедање на забранетата вера Света Параскева ја обвинија зли Евреи. Ја изведоа на суд пред царот Антонин. Сите ласкања на царот не помогнаа ни најмалку да ја поколебаат Божјата слугинка во вистинитата вера. Тогаш ја подложија на огнени маки и и ставија усвитен шлем на главата. Но Господ чудесно ја спаси и таа се избави и се оддалечи од Рим.
Тргна од град во град да го обраќа тогашниот незнабожечки народ кон христијанското благочестие. Уште во два града беше изведувана пред кнезови и судии и истизавана за Господ, но притоа вршеше големи чуда со силата Божја и брзо се опоравуваше од маките. Како и секогаш, незнабожците нејзините чуда ги припишуваа на магии, а нејзиното опоравување на силата и милоста на нивните богови. Еднаш на кнезот мачител Света Параскева му рече: „Не ме исцелија твоите богови кнезу, туку мојот Христос, вистинскиот Бог“. Најпосле некој кнез Тарасиј ја уби со меч. Тоа беше славниот крај на многуплодниот живот на оваа светителка. Нејзините мошти подоцна беа пренесени во Цариград. Чесно пострада за Христа во 2 век.
Кондак на св. Параскева, глас 4.
Дојдете верни, заедно да и запееме песна на страдалницата Параскева, бидејќи таа во светот сјае со чудеса, прогонувајќи го мракот на прелеста, и благодат неисцрпна им дава на верните, кои викаат: Радувај се маченице, многустрадална.