- Стариот театар- храм на драмската уметност во Македонија- На местото каде некогаш бил епицентарот на културните збиднувања во македонската метропола, денес се издигна нов театар, кој ќе биде храм на драмската уметност во земјава. Бројни и угледни луѓе од општествениот, културниот и јавниот живот, се собраа на едно место, каде се означи новата ера во културното и драмското живеење на Македонија. На свеченоста на која присуствуваа министри, пратеници, Архиепископ охридски и македонски г.г. Стефан, претставници на верски заедници, актери, уметници, градоначалници и претставници на бизнис-заедницата се обратија претседателот на Владата на РМ, Никола Груевски, министерката за култура Елизабета Канчевска – Милевска, директорот на МНТ Дејан Лилиќ и театрологот Јелена Лужина.Чинот на примопредавање на новиот објект беше со изведба на фрагменти од повеќе претстави од репертоарот на Македонскиот народен театар, како и со изведба на делови од претставата „Вечната куќа”, по текст на Јордан Плевнеш, со која во септември и официјално ќе биде отворена новата театарска сезона.
Скопје, 31 Мај 2013 год.
Примопредавање на објектот Стар театар
-
„Да се стаса до овде не беше лесно. Но, сето ова не го направивме затоа што е лесно, туку затоа што е тешко... и се гордееме со тоа. Во изградбата на овој театар е вложена голема посветеност, многу енергија и љубов, големо знаење на многу луѓе, голема поддршка на граѓаните, големо разбирање на политичките структури и најважното, голема љубов од сите нас заедно“, рече министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска, во своето поздравно обраќање на сцената на театарот.“ - Директорот на Македонскиот народен театар, Дејан Лилиќ
-
Министерката Канческа-Милевска истакна дека Шекспировиот Хамлет исповедал дека театарот е огледало во кое најдобро и најточно се гледаме сите ние и светот околу нас.
- Долгото патување до оваа голема и остварена цел го започнаа луѓето чии што имиња засекогаш ќе бидат запаметени во нашата историја: Војдан Чернодрински, Петре Прличко, Илија Џувалековски, Мери Бошкова, Ана Липша Тофовиќ, Тодор Скаловски, Натка Пенушлиска, Васил Иљовски, Коле Чашуле, Ѓорѓи и Кирил Македонски, Тома Владимирски и многу други...нивните соништа и нивните дострели не обврзаа да ја оствариме оваа наша голема мисија но, и да го развиваме и натаму македонскиот театар онака како што тие го замислуваа...право кон ѕвездите, рече Канческа-Милевска. Таа додаде дека од огромна важност е што нашите македонски театарски уметници по долги години поминати во импровизирани објекти од денеска ќе живеат и творат согласно највисоките светски стандарди, и ќе создаваат уште поголеми театарски остварувања.
- Претседателот на Владата на РМ, Никола Груевски во обраќањето пред присутните рече дека денешниот датум ќе остане со златни букви да се бележи во поновата културна историја на Република Македонија. Тој посочи дека како предисторија на овој датум ќе се споменуваат разни историски етапи во кои како на филмска лента се градеше театарската уметност во Скопје и воопшто во Македонија.
- Стариот театар е на старото место исто како во старите добри времиња, истакнувајќи дека духот на стариот театар се сели во нов.
- „Постарите како во сон повторно се наоѓаат во зградата на својата младост, објектот во кој наоѓале забава и оттргнување од секојдневните проблеми, а ние помладите го живееме она што сме го слушале од нив и она што сме го гледале само на слика. Тешко е денес да се најдат зборови кои ќе го опишат ова величенствено чувство на радост и исполнетост“, рече премиерот.
-
Ќе се споменува ресторанот „Зрински“ изграден во 1913 година и во чија импровизирана сцена од штици се играле тогашните татарски претстави. Ќе се споменува и старата зграда „Арена“ изградена во 1919 година која им служела на театарските уметности се до 1925 година кога била урната и театарот, пак, останал без своја зграда. Ќе се споменува и 1927 година кога завршила изградбата на новиот театар и на ова исто место почнал да функционира Народен театар во Скопје кој во тоа време го носел името „Крал Александар“. Секако ќе се споменува и кобниот 26 јули 1963 година кога Скопје доживеа катастрофа однесувајќи бројни градби меѓу кои и зградата на Стариот скопски театар, рече Груевски. Тој истакна дека она што го зацртале и биле силно решени да го исполнат го исполниле.
-
Денеска пред нас имаме завршено реализирано дело, зборот е исполнет. Република Македонија доби врвна репрезентативна уметничка зграда која ќе биде нов препознатлив симбол на Скопје. Објектот целосно ги надминува рамките на воспоставениот театарски образец и претставува своевиден музеј, рече Груевски, истакнувајќи дека МНТ конечно го доби својот нов дом. Тој и се заблагодари на министерката Канческа-Милевска, која, како што рече, „вложи многу време, енергија, труд, за ова да изгледа денес вака“. Му се заблагодари и на министерот за финансии Зоран Ставрески, кој, како што рече, „се потруди сите години да обезбеди средства за изградба и довршување на овој проект од големо значење за македонската уметност“. Упати честитки до министрите и пратениците кои го поддржаа проектот.
- Позициониран е на вкупна површина од 7.200 квадратни метри, а аудиториумот на објектот е поделен на голема сала со партер и две галерии со вкупно 724 седишта, како и мала сала со 213 седишта. Сценската технологија и механика, како и целокупната сценска површина се од модуларен тип со дупло дно. Во системите на сценските технологии е вградена опрема од најпознати врвни светски производители за ваков тип опрема и објекти, која овозможува големи технички перформанси.
-
Покрај основната функција на објектот, театарот сам по себе претставува и музеј со оглед дека преку темите на орнаментиката која ги краси ложите во внатрешноста е претставен дел од богатото македонско културно наследство, а посетителите можат да се запознаат со историјата на театарот на овие простори. Однадвор театарот го задржува својот автентичен изглед, а има и посебно осветлување (илуминација) на партерот, како и на целиот објект со што се истакнуваат неговите визури.
Извор:
- Преминпортал
- Министерство за култура на РМ
- Нетпресс