ПРАЗНИК БЕЗ ЛИТУРГИЈА – СЕНКА БЕЗ ТЕЛО

Постпразнични размислувања
Православната Црква поседува една длабока, спознајна и раскошна содржина која повеќе од две илјади години му дава живот на човекот и на светот. Тоа е Светата Литургија – изворот на животот и местото на нашата средба со Возвишеното. Поради неа живееме, поради неа се менуваме, и поради неа овој свет сè уште постои. Таа е срцето што отчукува и му дава живот на целото Тело на светата Црква.
Токму затоа не можам а да не се осврнам на оние световни карикатури кои, одвоени од Светата Литургија, под превезот на религиозност се продаваат како „македонска православна традиција“.
Нема ништо автентично православно надвор од литургиското живеење на Црквата.
На пример, која е смислата на поздравот „Честит Бадник“? Бадник не е празник за честитање. Последниве години социјалните мрежи се преплавени со честитки за Бадник, но самиот поим означува будност – духовна будност за да се дочека Христовото Раѓање. А како, навистина, правоверно го дочекуваме тоа Раѓање ако не преку пост, молитва и литургиско учество во Црквата? Тоа е суштината на денот пред големиот празник Божиќ – и ништо друго.
Ако не сме постеле, ако не сме биле присутни на Литургиите во текот на постот, каква полза имаме од сите други надворешни форми?
Истото се случува и со славите.
Отвораме книжуле за да видиме која слава ни се „паднала“, а потоа сè се сведува на тоа да се однесе лепчето „да ни го испее попот“, ритуално и без внатрешна содржина. Чествување на слава без литургиско присуство на денот на светителот и без причестување со Светите Тајни нема суштинска смисла. Сè друго останува на нивото на еден душевен, но празен облик на црковност и религиозност.
И друго: славата е сепак само српски обичај, се извршува само во СПЦ и дојдена е кај нас после 1920 година; бидејќи според типикот на Цариградската Патријаршија - на која до тогаш сме припаѓале и според типикот на Охридската Архиепископја - која не водела до 1767, немало никаква слава и славски колач, туку само празник на светителот, именден и петолебие. Исто така, во ниту една друга Помесна православна црква не постои слава и славски колач, бадникова вечера со паричка, како и делење бадникови гранчиња освен во СПЦ, а после 90тите и кај нас. Така што, овие појави длабоко задираат и во нашиот посебен македонски идентитет и го ставаат под знак прашање, како и патриотизмот - на оние што тоа го прават.
Не можам да се изначудам што, по толку години православна традиција, нашите медиуми и понатаму за празниците емитуваат разни „ритуали“ кои наводно биле „правилни“ за нашата вера. Но ништо од тоа не е ниту суштинско, ниту верно, ако е одвоено од црковното литургиско живеење. А ако човек навистина е дел од Црквата, тогаш сето тоа станува излишно.
Нашата Црква има полнота. Има духовен раскош. Има светители. Поседува богатство на духот кое не постои на ниедно друго место. Што ќе ни е бижутерија, кога го поседуваме бисерот?
Еве уште еден пример: од пред неколку години, денот пред Духовденската задушница (петок) ни се дава како неработен ден. Која е смислата на тоа? Кое е значењето на тој ден? Никакво – освен, можеби, да ги испразниме маркетите за „да ги нахраниме мртвите“. Нам, како неработен ден, ни е потребен празникот Педесетница, затоа што тоа е празникот на Црквата – ден кога литургиски се соединуваме и со живите и со упокоените.
Минатата година, еден колега од друга вероисповед ме праша: „Зошто не работите денес, како да ви честитам?“ И искрено – немав што да му одговорам. Што, всушност, славиме во петокот пред задушница?
Бог не бара од нас ритуали и надворешни форми. Тој го бара нашето срце. Ја бара нашата лична и соборна литургиска молитва. Го бара нашето соединување со Него преку Светата Причест – и ништо повеќе од тоа.
Можеме да чистиме, да перемe, да пееме, да се смееме. Сè е дозволено – ако самите себе, еден со друг и целиот свој живот на Христа Бога Му го предадеме.
Бог не се изморува од нашите падови, туку од нашата расеаност. Не од нашите гревови, туку од тоа што живееме надвор од Неговото присуство. Тој не бара од нас совршен ред, ниту правилно извршени обичаи, туку едно срце што стои пред Него и вели: „Еве ме.“
Црквата не нè повикува да играме улоги, туку да влеземе со целото наше срце. Не нè учи што да правиме, туку Кого да сретнеме. А кога ќе Го сретнеме Христос во Литургијата, тогаш сè си доаѓа на своето место – и празникот, и постот, и радоста, и тагата, и животот, и смртта.
Сè што е надвор од тоа – е само сенка.
А сенките исчезнуваат кога ќе се појави светлината.
Затоа, да не се плашиме да го оставиме вишокот. Да го симнеме товарот на непотребното. Да се вратиме кон едноставното, кон суштинското. Таму каде што Црквата дише, каде што човекот оживува, и каде што Бог тивко, но вистински, нè чека.
fb Simeon Stefkovski




























