Архимандрит Герасим Иску
(21.01.1912 - 26.12.1951)
Посветен на монашкиот живот од рана возраст, отец Герасим најпрво живеел во манастирот Богдана, во општината Бакау, а потоа во манастирот Тисмана. Богословската семинарија ја завршил како првенец во генерацијата, а потоа се запишал на Богословската академија во Букурешт. Бил назначен за игумен на манастирот Арнота во Валчеа, па библиотекар во Черника, а потоа една година бил мисионерски свештеник во Транснистрија, каде што усрдно им служел на прогонетите Романци.
Во 1943 година станал игумен на манастирот Тисмана и вешто управувал со него со ревност и мудрост. Во 1948 година бил уапсен и подложен на страшно испрашување; измачувањето го издржал без никого да предаде. Бил осуден на десет години затвор и бил пратен во Ајуд, потоа во Питешти и Поарта Алба.
Се разболел од белодробна и цревна туберкулоза, и бил пратен во Таргу Окна, каде што се запознал со Валериј Гафенку и Јоан Јанолиде. Во своите мемоари, Јоан Јанолиде пишува: „Отец Герасим беше коски и кожа. Работел по шеснаесет часа во каналот Дунав – Црно Море. Бил дел од една ’специјална‘ група свештеници што се наоѓала под режимот за брзо уништување. Во Канал, отец Герасим секогаш ги охрабрувал своите пријатели, на многумина им помагал со својата работа и ја практикувал умно-срдечната молитва. Наскоро, доушниците го издале дека ги исповеда и ги причестува затворениците, па бил тепан, ставан во самица, изгладнуван и мачен уште повеќе од претходно. Оттука, отец Герасим се разболел од туберкулоза и полумртов бил испратен во Таргу Окна за да умре со „достоинствена“ смрт.
Отец Герасим се упокоил во Господ на 26 декември 1951 година. Чувствувајќи дека му се ближи крајот, отишол до креветот на својот мачител, кој, исто така, умирал во истата соба, и искрено му рекол: „Од сѐ срце ти простувам. И бидејќи јас ти простувам, несомнено Христос, Кој е бесконечно помилостив од мене, исто така, ќе ти прости. И за тебе има место во рајот!“
ПРЕМИН бр. 103-104
Лето Господово 2015
Избор од фб профил на