Рецензија: Македонска филмска музика - Македонска филхармониЈа
Хронолошко претставување на македонската филмска музика беше направено со концертот на Македонската филхармонија во рамките на Деновите на македонската музика. Премиерната концертна изведба во живо на македонска филмска музика ни овозможи да откриеме нешто ново во музиката или нов поглед на музиката за што не сме биле свесни додека сме го гледале филмот. Сите солисти (Елена Христова, Александра Лазаровска, Владимир Поп-Христов, Здравко Ангелов) заедно со оркестарот и диригентот Борјан Цанев прикажаа современо толкување на композиторските перспективи. Низ сите филмски музички теми од вкупно 13 селектирани филма можевме да ги дефинираме автентичните развојни историски периоди на македонскиот филм. Еден од тие периоди е прикажан во филмовите „Фросина“ и „Волча ноќ“. Преку сличните теми, а тоа е животот во текот на војната, оригиналната музичка структура на Трајко Прокопиев успешно е исконбинирана со психолошкото дејствие. Од творештвото на Зографски слушнавме две теми од филмот „Пресуда“ и „Татко-колнати сме Ирина“. Камерниот музички звук, особено дојде до израз во „Татко“, поради комбинацијата од неокласика и македонски фолклор („Дафино, моме убаво“, Христова, вокал), со одмерената економска музичка партитура. Популарниот музички жанр, кој преовладува во филмот „Скопски сновиденија“ од Љубомир Бранѓолица, прикажува друга развојна фаза на македонскиот филм. Позитивната музичка содржина преовладуваше низ главните тематски материјали. Од еден од најплодните композитори на филмска музика Љупчо Константинов слушнавме музика од филмовите „Среќна Нова 49“ и „Црвениот коњ“. Низ музичките теми на Константинов можеме да размислуваме за релациите меѓу изворното и неизворното на филмската музика за комплексноста и разликите меѓу нив. Филмската музика на Илија Пејовски од филмовите „Оловна бригада“ и „Јазол“ го отвори вториот дел на концертот. И без да ја знаеме содржината, преку музиката на Пејовски можеме да го почувствуваме музичкиот континуитет низ филмот додека ги пополнува паузите во филмската акција. Во вториот дел доминираа најновите остварувања во филмската музика од филмовите „Превртено“, „Како убив светец“, „Големата вода“, „Балканкан“, кои го отсликуваат поновиот правец на развој на македонската популарна музика исполнет со комбинација од повеќе жанрови етно, поп, џез, електронска музика. Филмската музика од „Како убив светец“ од „Проект Жлуст“ не мора да ја идентификуваме со карактерите во филмовите. Солистичките настапи на В. Поп Христов-вокал, и З. Ангелов-кларинет, односно добриот вокал и импровизацијата на Ангелов дадоа тежина на музиката. Во меланхоличната тема „Циркус Ентропа“ од „Превртено“, особено дојде до израз солистичкиот настап на пијанистката Марија Вршкова со богатите градации на пијано-музиката. Ефектната музика од „Балканкан“ на Кирил Џајковски, во која доминира етно-музиката, беше реализирани со набиен ритмички пулс кај ударната секција, дополнета со лимените дувачки секции при што на етно-звукот му даде легитимен ефект.
Јулија Жабева- Дневник