На Правниот факултет во Скопје вчера беа промовирани уште 15 книги, пред се', од правните науки, но и од други научни области, кои се дел од големиот проект на Владата - превод на 500 стручни и научни изданија, кои се користат на десетте најреномирани универзитети во САД и во континентална Европа.
Со новата серија досега се објавени 116 книги, а вчерашната беше шеста промоција од почетокот на годинава. Книгите ги промовираше премиерот Никола Груевски, кој најави комплетирање на проектот во наредната година со превод и печатење на уште 500 учебници на врвни светски научници од различни области, кои ќе бидат достапни за македонските студенти и професори.
Груевски ги повика деканите на факултетите и професорите максимално и на прво место да ја употребуваат светската стручна литература, зашто само така целта на проектот ќе биде исполнета.
Ректорот на Скопскиот универзитет, Велимир Стојковски, се заблагодари за инвестирањето на Владата во крупен проект, што и' овозможува на македонската академска заедница да биде во чекор со светската наука. (П.Р)