Скопје, 9 октомври (МИА) - Петре М. Андреевски ќе биде запишан во историјата на овој народ како еден од неговите најголеми духовни архитекти. Една година од неговото физичко заминување, сведоци сме дека ниту една буква од неговото восхитувачко книжевно наследство не изгуби од својот сјај и од својата актулност и почитуваност. Напротив, истите зборови во неговите дела стануваат уште посилни и попрочитани.
Тоа денеска го истакна претседателот Бранко Црвенковски кој го одликуваше постхумно академик Петре М. Андреевски - творецот кој остави врвни остварувања во поезијата, романот, расказот и драмата. Орденот за заслуги за Македонија Црвенковски и го врачи на сопругата на писателот, Загорка, која во име на семејството се заблагодари за високото признание.
- Петре М. Андреевски беше волшебник со зборовите. Неговата верба во историските корени на македонскиот јазик беа оние одгласи од минатото кои денес ги имаме во неговата поезија и проза. Тие се израз на неговата воодушевеност од големината на јазикот. Неговите се дела се вистински јазични мозаици, во кои авторовата вештина на редоследот на зборовите се неговото волшепство, кое не минува покрај нас како ѕвезда во залез, туку како светлина-патоказ која станува се посилна. Можеби затоа неговите зборови секогаш звучат толку познато, но сепак секогаш кажуваат нешто ново, рече претседателот на државата.
Според академик Героги Старделов, Андреевски во својата литература ја создал најсеопфатната метафора за Македонија и за нејзиниот народ. - Таа метафора се вика Пиреј, тревата што колку и да ја корнеш, никогаш не ќе ја докорнеш и уништиш, зашто ништо не ја ништи таа трева. Со тоа, таа метафора, го преобрази и преосмисли трагизмот на овој народ во негов херојски чин... Неговите романи и неговите песни како да бдееја над Македонија и над сонот за неа. Брзаше да ја досони во својата литература, свесен, како што ќе станеме свесни сите еден ден, дека неа, во нејзиниот историски сеопфат, ја има само во литературата, толку историски неодминливо е сочуван во неа нејзиниот национален и естетски легитимитет, рече Старделов.
Свечената церемонија на врачување на Орденот беше збогатена со извадоци од творештвото на Петре М. Андреевски, прочитани од актерот Никола Ристановски.
Андреевски почина лани на 25 септември, на 72 години. Роден е во 1934 година во демирхисарското село Слоештица. Работел како уредник во Македонската телевизија и во списанието „Разгледи". Членуваше во Македонската академија на науките и уметностите, во Македонскиот ПЕН-центар и во Друштвото на писателите на Македонија.
Во неговиот обемен поетски опус се стихозбирките „Јазли" (1960), „И на небо и на земја" (1962), „Дениција" (1968), „Дални наковални" (1971), „Пофалби и поплаки" (1975), „Вечна куќа" (1987) и „Лакримариј" (1999). Автор е на книгите раскази „Седмиот ден“ (1964), „Неверни години" (1974) и „Сите лица на смртта" (1994), на романите „Пиреј" (1980), „Скакулци" (1983), „Небеска Тимјановна" (1988), „Последните селани" (1987) и „Тунел" (2003), книгата „Драми" (1984), во која влегуваат „Време за пеење" и „Богунемили". Напишал и две збирки стихови за деца „Шарам барам" и „Касни порасни". Остана недовршен неговиот роман „Бежанци“.
Објавени се повеќе избори од неговиот книжевен опус, а во 1984 година му беа објавени избрани дела во пет тома. За романот „Последните селани“ беше македонски кандидат за книжевната награда „Балканика“. Застапуван е во сите антологии на македонската поезија објавувани кај нас и во светот. Добитник е на наградите „11 Октомври", „Браќа Миладиновци" (двапати), „Рациново признание", „Стале Попов" (двапати) и на наградата „Книжевно жезло" на Друштвото на писателите на Македонија.
Претседателот Бранко Црвенковски досега со ордени ги одликуваше претседателите на Република Македонија Киро Глигоров и Борис Трајковски (постхумно), Македонската православна црква, Филозофскиот факултет во Скопје, две бригади во составот на Армијата на Република Македонија, Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а им додели и медали на шестмина членови на странски академии на науки и уметности за афирмација на македонскиот јазик и култура во нивните земји. хс/дма/14:47
Посети: {moshits}