Издавачката куќа „Грејволф“ од САД објави обемна антологија на современата европска поезија „Нови европски поети“ во препев на англиски јазик. На 400 страници се објавени песни од 270 поети од сите европски земји и јазици чии дела почнале да се објавуваат по 1970 година.
Во антологијата се застапени и песни од Катица Ќулавкова, Зоран Анчевски и од Лидија Димковска. Американската критика ја означи антологијата за неизбежно четиво, книга со која американските читатели ќе ја откријат извонредната поезија што се пишува преку Атлантикот.
Уредниците на изданието Вејни Милер и Кевин Прафер истакнуваат дека антологијата го содржи најдоброто од новата генерација поети што на сцената стапиле по Паул Селан, Ана Ахматова, Лорка, Монтале и Чеслав Милош.
Покрај главните уредници, при селектирањето и препевот на песните учествувале и 24 регионални уредници, меѓу кои и Мајкл Думанис, поет и професор по англиски јазик на универзитетот во Кливленд.
Извор: Нова Македонија