Младите подобро ги познаваат странските јазици одошто македонскиот јазик. Со цел да си заминат од земјава, повеќе се фокусираат на изучувањето на странски јазици. Проблем е и образовниот ситем, кој иако предвидува еднакво учење на литературата и граматиката, во пракса не се реализираат предвидените наставни програми, порачаа професорите од Институтот за македонски јазик, на меѓународниот ден на мајчиниот јазик.
„Нашите млади генерации гледат повеќе да го научат странскиот јазик отколку мајчиниот. Повеќе гледаат некаде надвор од државата да заминат наместо да ја градат својата иднина тука, на тоа треба да обрнеме посебно внимание, а тоа го оможат пред се родителите во рамките на семејството да го изградат тој позитивен став кон мајчиниот јазик, а потоа и наставниците и професорите кои што се повикани тоа да го прават“. - велат од Инситут за македонски јазик.
Како резултат на постојаната изложеност на содржини на англиски јазик - од цртани, играни филмови до видеоигри и музика, а во недостаток на соодветни содржини од тој вид на македонски јазик, се случува дури дел од децата уште од мали нозе да проговорат прво на англиски, па потоа на македонски јазик. Според професорките, голем дел од учениците подобро ја владеат англиската отколку македонската граматика.
„Битно е сите наставници и професори да обрнуваат посебно внимание на граматиката и фондот на часови посветени на граматика да се зголеми. Нашиот предлог е да биде 50-50 односно 50% од наставата да биде посветена на граматиката односно на македонскиот јазик, а 50% на литературата и така би имале пописмени ученици кои што потоа би доаѓале на факултет. Срамота е во ова време децата да знаат повеќе граматика на некој светски јазик одошто што си ја знаат граматиката на мајчиниот јазик.“ - велат од Институт за македонски јазик.
Ова, според професорите е само една од причините за поразителните статистики кои покажаа дека дел од студените не ги знаат сите букви од азбуката.