КАМПАЊА ЗА АФИРМАЦИЈА НА МАКЕДОНСКОТО ПИСМО И ЈАЗИК
Корените на кирилицата и нејзиниот развој се тесно поврзани со историјата на македонскиот народ и држава, па затоа нејзиното зачувување и правилно користење според експертите е од фундаментално значење за македонскиот народ
Потеклото на кирилицата, нејзиниот развој и иднина ќе биде една од темите на трибините, што ќе се одржат во рамките на кампањата за зачувување, користење и модернизација на кирилицата во Македонија, насловена како "Го чувам своето". Корените на кирилицата и нејзиниот развој се тесно поврзани со историјата и развојот на македонскиот народ и држава. Македонското кирилично писмо, кое е и официјално писмо во Македонија, настанало од глаголицата, кој исто така е создадена на овие простори. Оттука, нејзиното зачувување и правилно користење е од фундаментално значење за македонскиот народ, сметаат експертите, кои се вклучија во оваа кампања.
Од Управата за заштита на културното наследство појаснуваат дека оваа меѓународна обврска од Конвенцијата е вградена и во Законот за заштита на културното наследство од 2004 година.
"Јазикот и писмото се третираат како дел од духовното наследство и веќе се отпочнати системски активности за нивна заштита согласно законските одредби", вели Александар Јорданоски, соработник за јазик и топоними во Управата. Кампањата "Го чувам своето" ќе трае до 10 јуни годинава. Покрај трибините и конкурсот за изборот на македонски компјутерски фонтови, ќе се одржи и голем отворен настан на улицата Македонија во центарот на Скопје, со игри за најмладите, а свој настап ќе имаат хорот "Златно Славејче", македонската музичка легенда Влатко Стефановски, концерт на Македонски рози.
Кампањата "Го чувам своето" ја изработија "Македонската информативна агенција (МИА)" и маркетинг агенцијата "Идеа плус комуникации".
Извор:Вечер