Неодамна во издание на „Македоника литера“ од Скопје излезе од печат книгата „Една митопоетика“ на м-р Софија Тренчовска.
Во првиот дел од книгата е поместено студиозното монографско истражување „Митопоетиката во раните драми на Јордан Плевнеш“ со херменевтички, митопоетски, филозофски и научен дискурс кон драмското творештво на овој македонски писател. Притоа авторката Тренчовска прави интерпретации на пиесите „Еригон“, „Мацедонише цуштенде“, „Југословенска антитеза“, „Р“ и „Слободен лов“ кои упатуваат на еден автентичен митопоетски систем.
Вториот дел на книгата е составен од три текста за делата на Војдан Чернодрински, Ѓорги Абаџиев и Коле Чашуле, во областите: театар, интермедијалност, филм и наратологија.
Рецензентот на книгата „Една митопоетика“, проф. д-р Кристина Николовска, во предговорот пишува: „…Авторската херменевтика на Тренчовска е веќе оформена и препознатлива стилема, која го краси нејзиниот подвиг и го искачува до ранг на монументалност…“
Книгата претставува своевиден прилог кон феноменологијата на новата македонска драмска книжевност.