Проектот „Читаме згради: ГТЦ како книга“ в сабота во МКЦ
Во рамките на тридневниот настан „Читаме: луѓето ко книги, зградите ко луѓе“, во сабота во Младинскиот културен центар ќе се одржат неколку сесии, на кои ќе се третира важноста на Градскиот трговски центар за главниот град и ќе се развијат тези за социо – политичкиот контекст и типологијата на ГТЦ, неговата идеја, авторството, структурата, обликот и архитектонскиот јазик. Целодневниот настан е со наслов „Читаме згради: ГТЦ како книга“. „Проектот има за цел да создаде најпрво мисловно место за вредноста и важноста на еден минат град, на една речиси замината зграда, на една заборавена литература, на едни забошотени културни вредности и преку нивното исчитување да се тргне кон демистификација на рапидната трансформација на колективната сегашност“, нагласуваат кураторите на проектот Ивана Васева и Филип Јовановски.
Самиот проект ќе започне како читачка група, која ќе се обиде да го протолкува значењето на ГТЦ како градителски симбол на Скопје. Од настанот ќе произлезе и нова книга „111 тези за ГТЦ“, во која ќе се поместат јавните мислења и читања во 11 тези од 10 значајни мислители на архитектонската сцена во земјава. Овој активистички потфат следува во екот на најавите за „барокизација“ на трговскиот центар, што веќе беше предизвик за граѓански активизам во текот на минатата година преку проектот „Го сакам ГТЦ“.
http://www.build.mk/?p=41108