Скопје, 14 јануари 2013 (МИА) - „Мисија“ на Миле Костов ја доби наградата за најдобар роман на конкурсот кој издавачката куќа „Ѓурѓа“ го распиша минатата година по повод 25 години од своето постоење. Пристигнале 21 роман во ракопис од кои наградениот го избра академик Катица Ќулавкова.
На прес-конференција денеска таа рече дека романот на Костов бил наратолошки најдооформен, стилски прецизен, економичен во исказот и доволно алузивен за да го задржи вниманието на читателот од почетокот до крајот. Посочи и дека е кинематографски структуриран, со елементи на сценарио и дека отвора нова страница во македонската книжевност од жанрот на научната фантастика и негативната утопија.
- Го препорачувам овој роман и заради фактот што на еден модерен, интермедијално интониран начин е испреплетена судбината на Македонија, визијата за Македонија како „папокот на светот“, од една страна, и судбината на светот, во голема мера предодредена од историјата, но и од влијателните центри на моќ, рече Ќулавкова. Додаде дека романот во Македонија е во подем и оти сите пристигнати ракописи биле впечатливи.
Во потесен избор биле и ракописите на Данаил Данаиловски, Маја Гоческа,Саше Паневски и Владимир Попов.
„Мисија“ е прв роман на Миле Костов, кој работи како вински брокер. За медиумите тој изјави дека литературата отсекогаш го интересирала и оти наградата многу му значи.
- Запознав многу луѓе, припадници на тајни организации и сето тоа го преточив во роман кој е актуелен зашто дејството се случува во денешно време и најголем дел во Македонија. Се работи за Македонци кои работат во интернационални услови и немаат никаков комплекс на инфериорност. Има интересни ликови - двајца писатели и главна женска улога..., откри авторот на наградениот роман.
Основачот на „Ѓурѓа“ Никола Костески рече дека средствата за четвртвековниот јубилеј одлучиле да ги наменат за конкурсот за необјавен роман. Наградата се состои од Златен медал и 100.000 денари авторски хонорар, а печатеното издание ќе биде промовирано на годинашниот Саем на книгата.
„Ѓурѓа“ е прва независна издавачка куќа во Македонија. Првата книга ја објави во 1987 (стихозбирката „Римјани“ од Паско Кузман) и оттогаш има издадено околу илјада наслови. Годишно продуцира шеесетина изданија од разни области, распоредени во повеќе едиции. За годишнината лани востанови три нови едиции „Амор магна“, „Магна идеја“ и „Белата гулабица“ во кои досега објави 70 книги. Изданијата на „Ѓурѓа“ се продаваат во околу 60 големи маркети низ Македонија.