Скопје, 20 декември 2007 г.
Со омаж за творештвото на Борко Лазески, еден од најпознатите македонски сликари, на 20.12. 2007 година, во Националната галерија на Македонија во Чифте-амам во Старата скопска чаршија во чест на одбележаување на 90 години од неговото раѓање се отвори ретроспективна изложба.На македонската публиката и се претставени масла, темпери, цртежи и картони од сите фази на неговото творештво, создадени меѓу 1946 и 1985 година.
Борко Лазески е роден во 1917 година во Прилеп, а починал во Скопје во 1993 година. Во годините пред Втората светска војна студирал на Ликовната академија во Белград, но во 1941 година се префрлил на Државната ликовна академија во Софија. По војната учествувал во формирањето на Друштвото на ликовните уметници на Македонија и на Уметничката школа во Скопје, во која бил еден од првите професори. Лазески е еден од основачите на Уметничката галерија во 1949 година. Како стипендист на француската влада престојувал во Париз, каде што специјализирал фрескосликарство и мозаик. Во 1951 година почнал да го работи своето најпознато монументално дело - „Фреската на НОБ“, на површина од 225 квадратни метри за Старата железничка станица во Скопје, која била уништена во катастрофалниот земјотрес. Во 1953 година, заедно со Димче Протуѓер ја формирале уметничката група „Денес“.
Во шеесеттите години бил професор на белградската Академија за ликовни уметности. Остварил студиски патувања во Италија, Грција, Австрија, Германија, Јордан, Сирија, Либан, Египет, Ирак, Авганистан, Пакистан и во Индија. Добитник е на многубројни награди и признанија за изработка на фрески, мозаици, витражи и за долгогодишна активност во областа на ликовната уметност. Во 1978 година добил „Октомвриска награда“ за животно дело.
посети:{moshits}
хс/вј/8:28