Во манастирот "Воведение на Пресвета Богородица" лоциран во атарот на кумановското село Ора, се одвива ликовната колонија "Карпино".
На манифестацијата што се одржува традиционално, по седми пат, а ќе трае до среда, учествуваат 14 ликовни уметници од Македонија, Бугарија и Србија.
- Целта на оваа колонија е зачување, реставрирање и анимирање на манастирот. Истовремено вршиме и промоција преку презентирање стари занаети, обичаи и традиционални јадења, рече претседателот на здружението Мултимедијален центар Карпино, Зоран Павловски, кој ја отвори колонијата.
Уметниците творат во недопрената природа на Карпинскиот манастир изграден во периодот меѓу 14 и 16 век. Манастирот претставува типична градба за турскиот период кога се правеле скромни цркви налик на куќи.
- Манастирот е инспирација за моите колеги кои доѓаат од соседните земји. Се надевам дека и оваа година ќе имаме добра продукција. Очекуваме да бидат направени 30-тина дела, рече ликовниот уметник Мики Трендафиловски, домаќин и уметнички директор на колонијата.
Во манастирот живееле над 300 калуѓери
Според податоците од Институтот за македонска литература, во манастирот во Карпино живееле над 300 калуѓери и тој важел за богат книжевен центар. Оригиналните ракописи, кои сега се наоѓаат во Москва, Софија и во Белград, сведочат за препишувачката школа и за постоење на ќелијно училиште.
За најзначајни книжевни дела се сметаат Карпинското евангелие и Апостол со ирмологиум, кои сега се наоѓаат во Москва. Постојат и документи за 11 пергаментни ракописи, но и хартиени, како што се евангелија, апостоли, псалтири.
Извор: Вечер