Под наслов „Вреднувачките и формативните цели на уметничката критика во контекстите на (де)територијализација“ денес и утре, во мултимедијалниот центар „Мала станица“ ќе се одржува семинар на меѓународното здружение на ликовни критичари АЈКА, поддржан од УНЕСКО и од Швајцарската програма за култура Македонија.
„Културното наследство и современата креација“, „Национална и меѓународна распределба“ и „Предавање уметност, публикување и истражувачки политики“, се темите на кои ќе се разговара на англиски јазик, вклучувајќи ја и општата дискусија за идната улога на критиката.
Најавено е учество на: Тио Рамон Белидо, Париз; Дуња Блажевиќ, Сараево; Јара Бубнова, Софија; Зоран Ериќ, Белград; Алберт Хета, Приштина; Слободан Јовановиќ, Белград; Сузана Милевска, Скопје; Мелентие Пандиловски, Скопје/Аделаида; Сираго Тсијара, Солун; Ева Севасти Фотијади, Солун/Амстердам; Ана Франговска, Скопје; Бранка Чурќиќ, Нови Сад; Ирина Чиос, Букурешт. (К.Б.)