Ќе има вкупно четириесетина скулптури од 30 автори, кои го прикажуваат обичниот живот: чистач на чевли, дете со чантичка како оди, девојка што зборува на телефон, балерина од метал, мачка што седи на топка...
Четириесетина скулптури од триесет уметници наскоро ќе бидат поставени во строгиот центар на Скопје. На конкурсот за скулпторски решенија, кој го распиша Министерството за култура, се пријавиле 51 скулптор, а Елизабета Канчевска - Милевска, државен секретар во Министерството за култура, вели дека избраните решенија се со најразлична тематика, но оти речиси сите обработуваат некоја благородна тема.
"Скулптурите ќе ги поставиме на кеј 13 Ноември, на улица Македонија и во Градскиот парк, поточно во потесното централното градско подрачје. Ќе има скулптура на чистач на чевли, потоа дете со чантичка како оди, девојка што зборува на телефон. Потоа ќе има скулптура која го претставува познатото оро 'Тешкото', па балерина од метал, мачка како седи на топка и најразлични дела кои го прикажуваат секојдневниот живот", вели Канчевска - Милевска.
Меѓу авторите чии скулптури ќе го красат Скопје се: Искра Димитрова, Димитар Филиповски, Елена и Дарко Дуковски, Томе Бундевски, Наташа Божарова, Томе Аџиевски, Сашо Поповски, Александар Карадаре, Синиша Новевски, Антони Мазневски. Министерството за култура на секој од избраните автори ќе му исплати хонорар од 30.000 денари, а ќе ги покрие и трошоците за изработка на скулптурите.
"Не би можела да кажам кога ќе почнеме со поставување на скулптурите, бидејќи ќе мора да ги чекаме авторите да ги изработат. Но, како што ќе ги добиваме така ќе ги поставуваме низ Скопје", вели Канчевска - Милевска. Според неа, во споредба со другите балкански градови, скулптурата како урбанистичко решение во Скопје е запоставена. Сега Скопје ќе заличи на светските метрополи, односно како што е скулптурата "Бик" на Вол стрит во Њујорк или скулптурите на Калдер и Гормли во Лисабон, на Хенри Мур во Торонто и на Жан Тингили во Париз.
(Е.А.) Вест